На 6ти септември 2023, во просториите на кафе бар Тренд, се одржа кафе дебата во организација на Европско Движење на Република Северна Македонија, продолжувајќи ја традицијата на циклусот настани Кафе Европа, на тема „Улогата на правото и владеење на правото: Доброто владеење како идеја и како практика“, на која присуствуваа претставниците на граѓански здруженија, академската средина, претставници на дипломатски претставништва, членовите на ЕММК, како и други засегнати страни.
Дебатата ја отвори професорката Милева Ѓуровска, претседателката на ЕММК, со мал вовед за темата за владеење на правото, обрнувајќи внимание на безвременската карактеристика на темата, за која се дискутира во секоја епоха, и чие значење никогаш не се намалува. Ѓуровска ги поздрави присутните и најави дека циклусот настани Кафе Европа е традиционален настан кој ќе продолжи да се одржува со уште нови теми на дискусии. Александра Деаноска – Трендафилова, професор на правниот факултет „Јустинијан Први – Скопје“, во улога на модератор на настанот, ги поздрави присутните и сподели искуства собрани при нејзиното студирање и разработка на правото и законите. Деаноска Трендафилова објасни дека законите морат да бидат донесени во транспарентна процедура, која нема да се крати и забрзува, и дека обичниот граѓанин треба да го разбере законот, бидејќи истиот се носи за нив и заштита на нивните интереси. Таа посочи дека во очите на јавноста се што не е официјално законски забрането е дозволено, и затоа секој аспект од општествениот живот треба да се регулира целосно. Доброто владеење значи потчинување на законот и исполнување на владеењето на правото, што притоа не носи кон барањето легитимни закони.
Деаноска Трендафилова како за прв говорник ја најави Снежана Калеска – Ванчева, претседател на законодавно-правната комисија на Собранието на Република Македонија, која во својот воведен говор објасни дека добрата власт владее во интерес на граѓаните, а лошата во интерес на оние на власт. Калеска – Ванчева ја смести Македонија некаде во средината од оваа линија, појаснувајќи дека иако законите кои ги имаме се добри и одат во прилогот на граѓаните, институциите не ни функционираат онака како што е тоа нивната уставна и законска поставеност, со сите надлежности. Последователно на тоа треба да се најде начин да институциите ги спроведат законите како што треба, и како што се напишани и донесени. Според Калеска Ванчева компетентноста не е само знаењето, туку и интегритетот, а тоа е она што на нашите институции им недостасува, затоа што за да добрата власт владее за граѓаните, мора да се постават вистинските луѓе на владеачките позиции.
Следниот говорник, Франсоа Лафонд, Експерт за реформа на јавната администрација од Франција, во своето излагање се осврна на главниот фактор што влијае на владеењето на правото според него, а тоа е концептот на општествениот, или општиот интерес, односно интересот на широката јавност. За општиот интерес е одговорен парламентот, кој треба да разбере и дефинира што е тоа што му е потребно на општеството. Лафонд ја посочи актуелната состојба на Франција како референца, каде што се верува дека државниот службеник треба да биде регрутиран и обучен, како би се зголемила атрактивноста на службеничките работни места, кои треба да станат попривлечни за младите. Ова е потребно затоа што за јавната администрација се верува дека не се доволно платени, и тие се свртуваат кон корупција со што јавниот сектор има лоша репутација. Во однос на власта, Лафонд посочи дека политичките партии треба да го сменат пристапот, односно за опозицијата појасни дека во Македонија таа е само против власта и ја презира, наместо да предлага поинаков модел и поинаков пристап кој може да даде увид за подобра структура. Затоа јавноста нема капацитет да разбере што не е во ред и како истото да се поправи, затоа што опозицијата треба да разбере што е грешка на власта и да предложи алтернативни модели на тие проблеми, а не само да критикува без нудејќи решенија.
Дебатата продолжи со Александар Кржаловски, Директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка МЦМС, во својот говор обрна внимание на довербата во институциите кои го спроведуваат правото. Традиционално, институциите со најголема доверба се полицијата, армијата и црквата, за разлика од довербата во судството која е многу ниска, а довербата на владата, иако на почетокот може да е повисока, се намалува колку подолго време тие се на власт. Кржаловски појасни дека проблемот е во начинот на работа на институциите, бидејќи бројот на луѓе кои работат во овие институции постојано се зголемува, и според статистиките, за секои 10 луѓе има по еден јавен администратор, што на хартија значи дека треба да имаме совршен систем, но тоа не е така бидејќи квалитетот на нивната работа не е соодветен. Решението Кржаловски го гледа во департизација – односно раководителите на јавните институции не треба да бидат поставени според партијата која е на власт, туку администрацијата треба да биде преку мерит систем. Тој исто така како важно решение посочи и значително намалување на вработеноста во јавните институции.
Во делот за дискусија, Андреј Лепавцов, Амбасадор, Претседател на паневропската Унија на Македонија, ја изрази потребата за силна политичка волја, за да можеме да го поставиме владеењето на правото на ниво кое ќе биде прифатливо за Унијата. Тој додаде дека експоненцијалниот раст на недостигот на владеење на правото започна кога почна промената на името, што според него ја урна перцепцијата за владеење на правото. Лепавцов посочи дека има песимистички гледишта на оваа тема, затоа што институциите не функционираат, поради тоа што на чело се ставаат некомпетентни луѓе кои не можат ништо да сменат, и не верува дека истото ќе запре.
Како следен дискутант се јави Маргарита Цаца Николовска, претседател на институтот за човекови права, која се фокусираше на законскиот аспект од темата, и како главен проблем посочи дека секојдневно се намалува квалитетот на закони, иако институциите се почесто најавуваат дека соработувале со странски експерти, што само потврдува дека немаме доволен капацитет самите да презентираме закони. Николовска ја искритикува и контрадикторноста, која е се поприсутна во пишувањето на законите, што создава големи пречки затоа што законот мора да биде таков да обичниот граѓанин може да го разбере. Таа заврши со пораката дека вакви закони кои даваат можност на различно толкување го задоволуваат принципот на владеењето на правото во пракса, а камо ли за правото во теоретски пристап. Снежана Калеска Ванчева се вклучи во дискусијата да додаде дека има иницирано одлука за технички правила за пишување закони за кои со Николовска се сложија дека имаат потенцијал да го променат лошото пишување закони.
Следен зеде збор Илан Бијаруи, Професор на Универзитетот Сорбона, кој за Македонија рече дека треба да ја убеди Унијата дека има не само политички и економски интерес за влез во Унијата, туку и општествен интерес. За тоа е важно мислењето на граѓаните, кои треба да сакаат Македонија да стане член на Унијата. Во дискусијата се вклучи и Трпе Стојановски, Професор на факултетот за безбедност, УКЛО, кој посочи дека голем дел од проблемите се очекуваше дека ќе се решат по промената на власта во 2015, и дека Македонија очекува да Унијата и ги пополни дупките во законот, што резултира со проблеми во новите реформи и пишувањето нови закони. Стојановски го посочи и јавното обвинителство, кое повеќе зазема улога на адвокат, отколку истражувач. Следна зеде збор Ардита Абази Имери, Програмски координатор, Институт за Европска политика, која за власта посочи дека не треба само да работи на законите, туку дека нејзината дефиниција е да се осигура дека одлуките кои се носат, се носат транспарентно, ефикасно и во интерес на граѓаните, што кај нас недостасува, и тука се доаѓа до најголемиот проблем со кој се соочува владеењето на правото во Македонија – немањето доверба во институциите. Дискусијата ја заврши Лилјана Пецова Илиеска, програмски директор на ИМПЕТУС, која посочи дека најголемиот проблем на државата е што институциите што треба да го спроведуваат правото самите немаат интегритет, и квалитетот на законите драстично се намалува по 2013 година. Решението Пецова Илиевска го гледа во поставувањето мерит систем за лидерите на институциите, и дигитализацијата која е посебно важна, затоа што не сите министерства и институции располагаат со исти и координирани информации, туку сите имаат различни статистики, кои ја намалуваат вербата во институциите. Настанот го затвори професорката Ѓуровска, која се заблагодари на различните гледишта и идеите кои се развија во текот на дискусијата, и најави повеќе вакви настани во иднината, кои ќе разработуваат уште теми кои се актуелни за состојбата на Северна Македонија, и Европската иднина.