Прес конференција на ЕДРМ, претставување на Декларацијата за фер и демократски претседателски и парламентарни избори

Во пресрет на утрешниот почеток на изборната кампања за претседателски избори, ЕДРМ донесе Декларација за избори во духот на демократските вредности. Со Декларацијата ги повикуваме граѓаните, граѓанските здруженија, политичките партии, медиумите и изборните органи во Република Македонија активно да придонесат за фер и демократска изборна атмосфера за време на предизборната кампања и на самите избори. Оваа декларација ја изготвивме по угледот на Декларацијата на МЕД со седиште во Брисел, со која се повикуваат европските граѓани активно да се вклучат на претстојните избори за Европскиот парламент и на тој начин да ја преземат иднината на Европа во свои раце.

Оттаму, со Декларацијата на ЕДРМ ги повикуваме и граѓаните на Република Македонија да ја земат судбината на државата во свои раце,

граѓанските здруженија да покажат поголема иницијативност во изборниот процес,

политичките партии да не манипулираат со ставовите и чувствата на граѓаните, особено по прашањето за единственото име на Република Македонија и да водат фер и позитивна политичка кампања без дискредитација на политичките противници,

медиумите да внимаваат на етиката на јавната комуникација и да организираат повеќе интелектуални јавни дебати,

изборните органи да организираат фер и демократски избори во духот на еднаквите можности.

Се надеваме дека сите учесници во изборниот процес ќе ја прифатат декларацијата на ЕДРМ.

evropsko-dvizhenje-so-deklaracija-za-fer-i-demokratski-izbori