ПРВА ПЛЕНАРНА КОНФЕРЕНЦИЈА НА НАЦИОНАЛНАТА КОНВЕНЦИЈА ЗА ЕВРОПСКА УНИЈА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

На 9 Ноември 2017 година во Министерството за надворешни работи на Република Македонија се одржа првата Пленарна  конференција на Националната конвенција за Европската Унија во Република Македонија (НКЕУ – РМ). НКЕУ-РМ е проект кој Европското движење во Република Македонија го реализира во соработка со УСАИД, Словак аид и Асоцијацијата за надворешна политика на Република Словачка.

На конференцијата, со која претседаваше претседателката на ЕДРМ, професор Милева Ѓуровска, се обратија министерот за надворешни работи, Никола Димитров, потпретседателот на Владата на Република Македонија, Бујар Османи, претседателот на Комисијата за Европски прашања во Собрaнието на Република Македонија, Артан Груби, амбасадорот на САД во РМ, Џес Бејли, заменикот министер за надворешни работи на Република Словачка, Иван Корчок, како и Лукаш Холуб, шеф за политички, правни и внатрешни работи на Делегацијата на ЕУ во РМ. За самиот проект зборуваше раководителот на проектот, Томаж Стражај, од словачката Асоцијација за надворешна политика.

Националната конвенција за Европска унија беше развиена и успешно применета во Словачката Република како модел за мотивирање на општествените актери да учествуваат во процесот на преговорите со ЕУ. Преку проектот, словачките експерти ќе ги пренесат своите искуства на македонските партнери. Конвенцијата во Македонија ќе биде организирана како постојан форум за отворен дијалог меѓу претставници на Владата, Парламентот, релевантните државни институции, политичките партии, како и на претставници на универзитетите, стопанствениците, синдикатите, граѓанското општество и другите важни чинители на ЕУ-интегративниот процес во Република Македонија.

Од овој дијалог треба да произлезат анализи и препораки за напредување и приближување на Република Македонија кон стандардите за зачленување во ЕУ.

Во првата фаза, проектот ќе работи во четири работни групи: земјоделство и рурален развој, Социјални политики и вработување, законодавство и човекови права и правосудство, слобода и безбедност.

Во вториот, работен дел на конференцијата, со која претседаваше Трпе Стојановски од Европското движење во РМ, се обратија директорот на словачката Асоцијација за надворешна политика, Александер Дулеба, претставникот на Европско движење во Србија, Иван Кнежевиќ и претставникот на Европското движење во Црна Гора, Момчило Радуловиќ кои ги пренесоа своите искуства од имплементацијата на Националната конвенција во сопствените држави и регионот. Исто така, во оваа сесија се претставија експертите од четирите работни групи: Александра Мартиновска од Факултетот за земјоделство и храна, Нано Ружин од ФОН универзитетот, Симонида Кацарска од Институтот за европски политики, Блерим Река од Универзитетот на Југоисточна Европа, и Андреј Лепавцов од Паневропската унија во Република Македонија.

Фотографија на European Movement Republic of Macedonia.

Фотографија на European Movement Republic of Macedonia.

 

Фотографија на European Movement Republic of Macedonia.