Состанок на Националните совети на Меѓународното европско движење, Атина, 11 Април, 20014

Од Состанокот на Националните совети на Меѓународното европско движење.

Претставници на македонското Европско движење  на 11 април 2014  присуствуваа на состанокот  на Националните совети на Меѓународното европско движење. На овој редовен годишен самит  што се одржа во Атина присуствуваа претставници од повеќе национални совети (Финска, Франција, Хрватска,  Холандија, Германија,  Кипар, Унгарија, Норвешка, Италија, Шпанија, Турција, Србија, Азербеџан  и други). Врз амбиентот во кој се одржуваше овој состанок значително влијаеја претстојните избори за членови во Европскиот парламент.  Во согласност со сопствената традиција ЕМИ ги потенцираше заложбите за силна Европска унија.  Панел дискусијата се одвиваше оолу темите поврзани со имиграцијата, со слободното движење на работната сила во рамките на Европската унија , како и со проблемите со барателите на азил во ЕУ во светлото на сегашните економски состојби во регионот.

Притоа, беше усвоена Декларацијата за слобода на движење, за правото на азил и правото на имиграција. Во Декларацијата се наведува дека на имиграцијата која потекнува од некои земји- членки на ЕУ и е насочена кон други членки, не треба да се гледа како на проблем бидејќи таа дава голем придонес кон економското заздравување и за успехот на Европа. Имено, слободното движење на работната сила е во прилог на развојот на европската економија. Меѓутоа, најдоброто решение за намалување на имиграција која е мотивирана од сиромаштијата е да се превземат мерки за намалување на сиромаштијата и социјалната ексклузија во земјите-емитери на имигранти. Затворањето на границите на земјите на ЕУ кои се рецептори на имигранти и охрабрувањето на ксенофобни сентименти не претставуваат решенија за овој проблем.

Во поглед на барателите на азил, кои доаѓаат од земји надвор од ЕУ, најчесто од регионите зафатени со воени конфликти и други облици на кризи, Декларацијата на Европското движење потсетува дека бегалците и имигрантите пред се претставуваат човечки битија кои заслужуваат да бидат третирани со почит, а тоа ќе биде постигнато со коректно и целосно придржување кон ревидираната Даблинска регулатива и Заедничкиот европски систем за азиланти. Потсетувајќи на фактот дека во последните 20 години преку 20 000 луѓе загинале во обид да стасаат на тлото на Европската унија во потрага по подобар живот, во Декларацијата се предлага досегашниот систем, според кој барателите на азил во ЕУ се одговорност на онаа членка на ЕУ каде што  пристигнуваат, да се замени со систем во кој товарот се споделува помеѓу земјите членки на Унијата, во склад со економските можности на секоја од нив.  Со цел да се намали притисокот на илегалната имиграција, во Декларацијата на Европското движење, исто така, се предлага Европската унија да оформи интегрирана стратегија за помош на земјите каде што војните, социјалната ексклузија, сиромаштијата и кршењето на човекови права ги тераат луѓето да ги напуштаат своите домови, како и да се справи со криминалните групи кои се занимаваат со криумчарење на илегални имигранти.

На годишното собрание на Советот, претставниците на секоја од земјите-членки на ЕМИ поднесоа извештаи за активностите на движењата. Во името на македонската делегација, на присутните им се обрати проф. Милева Ѓуровска, претседателка на ЕДРМ, која ги запозна со реализираните активности на Движењето како и со идните планови.  До Собранието беше поднесена и информација за Декларацијата на Европското движење во Република Македонија за избори во духот на европските вредности, која беше промовирана неодамна,  во пресрет на претседателските и на парламентарни избори во земјаваСостанокот заврши со дебата за иднината на Европската унија на која зедоа учество кандидати за членови на Европскиот парламент. Повторно беа потенцирани основните проблеми со кои денес се соочува Европската унија, односно: економската криза и новата економска политика (New Deal) за инвестирање во добра од јавен карактер (обновливи енергии, истражување и иновации, инфраструктурни мрежи, заштита на животната средина и културното наследство). Во однос на проширувањето од страна на кандидатите за европскиот парламент беше истакнато дека во оваа фаза тоа не е приоритет на Унијата и дека самото управување со Унијата е многу сложено со 28 држави- членки.  Дебата околу ова прашање не се водеше (беше одложена за подоцна, но таа не се случи) иако беше поставено прашањето за интегриањето на државите кандидатки или потенцијални кандидати кои беа присутни на состанокот (Македонија, Србија и Турција).

ЕДРМ на овој состанок беше претставуван од:

Проф. д-р Милева Ѓуровска претседатгел

М-р Лорета Шкиљевиќ, генрален секретар

Г-ѓа Југослава Дуковска, односи со јавноста