Втора сесија на работна група 5 – Животна средина (Поглавје 27) „Аерозагадувањето од аспект на загревањето на домаќинствата и јавните установи“

Прашања поврзани со актуелните состојби во поглед на загревањето на домаќинствата во Македонија и препораки во насока на подобрување на системите за загревање на домаќинствата беа во фокусот на денешната онлајн дебата на тема „Аерозагадувањето од аспект на загревањето на домаќинствата и јавните установи“ во рамките на втората сесија на Работната група 5 (Животна средина – Поглавје 27) од Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК) што ја организира Европското движење (ЕМ-МК).

Лошиот квалитет на воздухот, како што беше речено, е една од причините за зголемена смртност, пократок животен век и повисоки здравствени трошоци на граѓаните и на државата. Анализите на светско ниво покажуваат дека загревањето на домаќинствата сѐ уште претставува голем извор на загадување на воздухот. На ниво на Европската Унија, речиси 80 отсто од енергијата што се користи во домаќинствата е за греење и за топла вода. Станува збор за проблем што се наоѓа високо во агендите на државните развојни политики, а веќе постојат значајни искуства во спроведување мерки за поефикасен систем на загревање блиску до посакуваните вредности за заштита на воздухот и климата, но и за заштеда на финансиски средства.

Координаторката на НКЕУ-МК и претседателка на ЕМ-МК проф. д-р Милева Ѓуровска, ја објасни улогата на Националната конвенција преку вакви јавни дебати и препораки да помогне во трендот за справување и подготовка на конкретни и применливи мерки за подобрување на условите за живеење во нашиот град и држава.

„Треба да бараме решенија карактеристични за нашето општество. Секоја држава гради систем на загревање според своите можности и ресурси, но секако добро е да се слушне и искуството на нашите европски партнери. Во секој случај, последиците од одлагање на мерките против аерозагадувањето би не чинело многу поскапо одошто кога тие би почнале да се применуваат веднаш и без одлагање“, изјави Ѓуровска.

Заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Христина Оџаклиеска, изрази загриженост од загадувањето.

„Сметам дека јавните дебати се од исклучителна важност, затоа што претставува можност да се разменат и странските искуства за да се намалат емисиите на цврсти честички во воздухот, Изминатите години се презедоа низа мерки, меѓу кои донесувањето на програмите за намалување на загадувањето во однос на промената на начинот на загревање, како и субвенции за замена на прозорците, за набавка на печки на пелети и на инвертер-клими. Но, секако за темелно решение на аерозагадувањето е потребен интердисциплинарен пристап и интегрирано делување“, рече таа.

И претседателката на Центарот за климатски промени, Бојана Станојевска-Пецуровска, се согласи дека брзите решенија за аерозагадувањето не ги даваат очекуваните резултати и дека е потребен интерсекторски пристап, токму поради што во дебатата учествуваат и експерти од различни области.

„Процесот на намалување на загадувањето не може да се реши брзо, туку треба сите да се вклучиме со менување на сопствените навики кога е во прашање загревањето на домаќинствата и јавните установи. Според анкетата на УНДП, ќе бидат потребни околу 380 милиони евра за да се смени начинот на загревање до 2025 година“, истакна Александар Дединец од Истражувачкиот центар за енергија и одржлив развој во МАНУ, инаку експерт за енергетика и климатски промени.

Осврнувајќи се на моменталните состојби во државата, тој посочи дека Поглавјето 27 за животна средина е исклучително комплексно и содржи околу 200 правни акти, бидејќи „не го имаме само ние проблемот со загадувањето, туку сите држави, иако во западните земји е многу помал“. Според податоците од Европската агенција за животна средина, над 30 отсто од ПМ 2,5 цврстите честички доаѓа од загревање на домаќинствата во источните делови на Европа, а околу 15 отсто во западните земји. Тој рече дека загадувањето на воздухот е четврти убиец во светот, како и тоа дека граѓаните во Македонија се постојано изложени на високи концентрации на загадување. Според неговото истражување, во периодот од 2005 до 2019 година загадувањто е намалено за трипати, но сè уште концентрацијата на ПМ 10 и ПМ 2,5 честички е трипати над дозволеното ниво во нашата држава и ако не се промени начинот на загревање и натаму ќе продолжи трендот на висока смртност. Проблемот со аерозагадувањето е актуелизиран од 2014 година наваму. Од 2006 до 2012 година речиси и да немало информации и вести за загадување. Во 2017 година е утврдено дека дури 45 отсто  од домаќинства се загреваат на дрва и затоа процесот на намалување на загадувањето не може да се реши брзо, туку треба да се почне со намалување на емисиите прво онаму каде што е најзагадено. Исто така, тој посочи дека се доцни 30 години со гасификацијата.

Директорот на Словачката асоцијација за надворешна политика од Братислава, Томаш Стражај, рече дека овие проблеми се слични во речиси сите држави од ЕУ.

„Само со заедничка експертиза од различни засегнати страни може да се дојде до ефикасни препораки за намалување на загадувањето. Наша цел е да им помогнеме на нашите партнери, но и да обезбедиме словачка експертиза“, изјави Стражај, додека неговата колешка Вероника Оравцова од Словачката асоцијација за надворешна политика од Братислава, инаку познат експерт за енергетика и животна средина и доктор на науки од областа на животната средина, кажа дека покрај сите владини мерки во Словачка се води и кампања за подигање на свеста.

Во дебатата се вклучија и претставници на невладиниот сектор, па така Ана Чоловиќ-Лешоска од „Еко свест“ рече дека прибирањето на податоците и мониторингот на аерозагадувањето бележи пораст преку граѓански иницијативи, но најважно е државата да воспостави системско мерење.

„Многу е важно овие податоци да се достапни до јавноста и да се алармира за степенот на загаденост. Веќе подолго време се дискутира за забрана на користење јаглен за загревање, но потребна е и стимулација на промената на начинот да загревање, како и долгорочна стратегија за исфрлање од употреба на дрвата како средство за греење“, изјави таа додавајќи дека Министерството нема доволно средства, така што мора да се создаде посебен фонд за животна средина и да се стави во функција за справување со аерозагадувањето.

Анета Стефановска од МЖСПП, пак, ја презентираше законската регулатива и го посочи порталот, преку кој се врши мониторинг на концентрациите на ПМ 10 и ПМ 2,5 честички во реално време и кој е достапен за јавноста.

Дебатата ја разгори универзитетскиот професор Константин Миновски, кој посочи дека претераната урбанизација и пренаселеноста во Скопје со двојно помал капацитет се дел од клучните фактори за загадувањето на воздухот. Тој вели дека имаме проблем со детектирање на причините за загадувањето и дека од социолошки аспект не може да се префрли вината врз граѓаните, бидејќи добар дел од нив се борат за гола егзистенција и не можат лесно да се одлучат за промена на начинот на греење. Според Миновски, загадување на воздухот се забележува и надвор од грејната сезона, на што реплицираше Дединец, тврдејќи дека процентот на ПМ 10 и ПМ 2,5 во летниот период е значително помал, за разлика од зимскиот период кога се вклучуваат печките за греење.

Сања Зографска од Австралија го пренесе искуството дека информациите за загадувањето се дадени со едноставен јазик разбирлив за сите граѓани кои и не се толку стручни и препорача дека треба во кампањите за зголемување на свеста да се внимава на ова, а од Ековита препорачаа при варење ракија да не се користи пластичен отпад.

Дарко Блинков, пак, во однос на горење отпад рече дека треба да се усогласат регулативата и инспекторатот. За ефикасен и ефективен инспекциски систем, пред сè треба да се направи единствен систем, наместо децентрализацијата на ингеренциите во општините, каде треба да останат само комуналните инспектори.

„За да се подобри надзорот врз загадувачите и да се постигне подобар квалитет на воздухот, неопходно е да се воспостават мултисекторски партнерства на локално и национално ниво“, рече тој.

Далибор Стојевски од ТЕ-ТО за решавање на проблемот со аерозагадувањето предложи зонирање на градот со зони со точно дефиниран тип на греење, а Никола Јовановски вели дека оџачарите се подобар мониторинг отколку инспекторите.