Добредојдовте на ВЕБ-странцата на Европско движење во Република Северна Македонија!
Европското движење во Република Северна Македонија (ЕММК) е дел од Меѓународното европско движење, основано 1948 обединува многу национални, регионални и локални организации без оглед на различните политички идеи. Со повеќе од 50 национални совети и 34 организации – членки, Меѓународното европско движење имаше клучна улога во (ре)конструкцијата на и обединувањето на Европа по Втората светска војна. На основачкиот совет во Хаг беше донесена одлука за креирање на Советот на Европа, а потоа и во конструирањето на Европската заедница.
Европското движење во Република Северна Македонија (ЕММК), од основањето во 1991 година – до денес, континуирано работи на афирмација на евроинтегративните процеси во Република Северна Македонија и на афирмацијата на државата во рамките на европскиот јавен простор. ЕММК беше формализирано како граѓанско здружение во 2002 година. Сите активности почнувајќи од 1991 до денес, имаат мисија да ги афирмираат европските вредности меѓу македонските граѓани и преку различни граѓански иницијативи да ги вклучи во изградбата на општество базирано врз демократски принципи и социјална правда. Во различни периоди фокусот на интерес се прилагодувал на динамичниот транзициски амбиент, меѓутоа секогаш останувајќи во рамката на базичниот корпус на вредности кави што се: демократијата, мирот, фундаменталните права, правда, слобода, активности за подобро разбирање на факторите на дискриминација и предлози за нејзино надминување, со посебен фокус на дискриминација базирана на родова основа, возраст и други основи. Во последните пет години мисионерските активности беа насочен кон постигнување на повисоко ниво на вклученост на граѓаните во евроинтегративните процеси.
Оваа мисија, освен да ја зголеми инклузивноста во самиот евро-интегративен процес, придонесува за динамизирање на реформите во повеќе сектори (правосудство и спроведување на правда, безбедност, животна средина, социјална политика и вработување, земјоделство и рурален развој).
Клучни активности на ЕММК:
1. „Национална конвенција за Европска Унија во Северна Македонија (НКЕУ-МК)“
НКЕУ-МК е граѓанска платформа за инклузивен и транспарентен дијалог за демократизација на евроинтеграцискиот процес на РС Македонија. Според својата методологија на работење НКЕУ-МК ги вклучува во дијалогот претставниците на релевантни институции (Влада, министерства, правосудни институции, државни агенции) пратеници во Собранието на РСМ, претставници на граѓански здруженија, претпријатија, комори, синдикати и друга стручна јавност). Иако моментално е даден фокус на поглавјата содржани во кластер 1 – „Основи“, досега вклучени беа приближно 2000 чинители во активностите на 5 работни групи:
Поглавје 11 – Земјоделство и рурален развој (Работна група 1), Поглавје 19 – Социјална политика и вработување (РГ – 2), Поглавје 23 – Правосудство и основни права (РГ- 3), Поглавје 24 – Правда, слободи и безбедност (РГ- 4), Поглавје 27 – Животна средина (РГ- 5) и Поглавјата 5 – Јавни набавки, 18 – Статистика и 32 – Финансиска контрола во една работна група, РГ-6, Антикорупција. Видливиот резултат се препораките (над 600) усвоени од членовите на работните групи кои се дистрибуираат до институциите и други засегнати страни, како и до пошироката јавност (Повеќе детали на веб страната: nkeu.mk). Влијанието на НКЕУ- МК во демократизацијата на општесвото се гледа преку самиот дијалог кој придонесе да се градат моделите на партиципативност во општеството, да се зголеми соработката меѓу институциите и другите засегнати страни правејќи ги видливи и активностите на граѓанските здруженија.
2. Едукативни програми за младинска инклузија
Едукативните активности имаат долга традиција на ЕММК. Во континуитет (2004-2016) се
реализираше проект за едукација на средношколци со наслов „Знаејќи за Европа – знаеме повеќе за нас“. Членови на ЕММК реализираа предавања (во вид на проектни активности) во средни училишта, а потоа се одржуваше квиз натпревар кој често беше директно пренесуван на националните ТВ програми. Исто така, во рамките на активностите за одбележување на 9 Мај – Денот на Европа се спроведуваат бројни активности (натпревар во ораторство, младинска дебата, квиз натрепвар на знаење за ЕУ, натпревар во сликарство) за афирмација на европските вредности кај учениците од основните и средните училишта, како и за студенти од поголемите универзитети во земјава.
3. Меѓународна и регионална соработка
ЕММК е оргaнизација со солидна меѓународна соработка. Како полноправен член на Меѓународното европско движење (МЕИ – Брисел) учествува активно во работата на трите комитети (политички, социјален и меѓународни односи), како и во другите активности афирмирајќи ја земјата во европскиот простор. Исто така, НКЕУ-МК има плодна соработка со здруженија од регионот на Западен Балкан, собено со регионалните национални совети на МЕИ (Србија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора). Во моментов, ЕММК споделува партнерство вo регионален проект „Нека првдата владее со Регионот“ (Let’s Justice Rule de Region) кој воспоставува тесна соработка меѓу Националните конвенции во Србија, Албанија и НКЕУ-МК. Континуирана активност за информирање на јавноста за важни прашања поврзани со европската интеграција, како и главните процеси во ЕУ ЕММК редовно гради официјален став за значајни општествени прашања кои ги спроведува до јавноста во вид на анализи, изјави за јавност, интервјуа и други форми на комуникација со домашната и европската јавност. Исто така, преведени на македонски јазик пеку социјалните мрежи и ВЕБ странцата ги пренесува до македонската јавност активностите на институциите на ЕУ.
4. Одбележување на Денот на Европа. Од своето оформување (1991) до денес, ЕММК секоја година го одбележува 9 Мај, Денот на Европа, со пригодни активности. Повеќе од 20 години ја одржува традицијата на доделување награда „Европска личност на годината“ за истакнати личности кои ја промовираат РС Македонија во европскиот простор.
Милева Ѓуровска
Претседателка на Европско движење во Република Северна Македонија