15 сесија на Работна група 3 – Правосудство и основни права (Поглавје 23), „Пристап до правдата: Подигнување на ефикасноста на судските постапки и квалитетот на судската правда“

Владата и надлежните институции треба да го забрзаат процесот на развивање и целосна имплементација на Платформата за интероперабилност меѓу судовите и другите релевантни институции. Во судовите треба да се воспостави механизам за брзо обезбедување на потребни информации и податоци преку назначување на интерни контакт лица (лица за врски) со безбедносни сертификати и привилегиран пристап до податоци од релевантни институции, кои би можеле да прибавуваат потребни информации за судските постапки без да се испраќаат формални барања во форма како што тоа сега се прави. Финансиската поддршка и техничките ресурси за дигитализација треба да бидат приоритет на Владата. Тоа вклучува развој на современи системи за „е-суд“, кои ќе овозможат поднесување на документи и управување со судските предмети електронски, што ќе го подобри ефикасното решавање на судските спорови.

Ова се дел од предлог-препораките од денешната 15 сесија од Работната група 3 „Правосудство и основни права“ (Поглавје 23) на тема: „Пристап до правдата: Подигнување на ефикасноста на судските постапки и квалитетот на судската правда“, која се одржа во Скопје.

Се препорачува и да се воспостават механизми за јавен надзор на судските процеси преку дигитални платформи, овозможувајќи граѓаните и невладините организации да следат како напредуваат судските предмети, како и судската администрација и судиите да добијат соодветна обука за работа со новите дигитални системи и безбедносни процедури за заштита на податоците.

Исто така, се препорачува Северна Македонија да ги разгледа успешните модели за дигитализација и интероперабилност од земјите-членки на ЕУ, а со воведувањето на новите дигитални платформи, потребно е да се воспостават и софистицирани безбедносни мерки кои ќе го намалат ризикот од злоупотреба на податоците и корупција.

Во дел од препораките се наведува и дека процесот на дигитализација и реформа треба да има континуиран надзор преку специфични индикатори за ефикасност, за што е потребно да се ревидираат стратегиите според потребите на судскиот систем, но и да се отвори одново дискусија за потребата од реорганизација и оптимизација на судската мрежа и капацитетите во правосудството.

Говорниците на денешната панел-дискусија констатираа дека е потребно подобрување на состојбите во оваа област со цел зголемување на довербата на граѓаните во правосудниот систем.