Лабораторија за локална демократија на тема: „Сакам да учествувам – но како? Дијалог за инклузивно управување со локалната средина“

На 26 октомври 2026 година, во соработка со Општина Аеродром, ја организиравме Лабораторијата за локална демократија на тема „Сакам да учествувам – но како? Дијалог за инклузивно управување со локалната средина“. Настанот обедини претставници на локалната самоуправа, граѓанскиот сектор, академската заедница и граѓани, со цел да се отвори дискусија за можностите и предизвиците за поголемо и посуштинско учество на граѓаните во процесите на локално управување.

Во воведниот дел беше истакната важноста на граѓанската партиципација во креирањето и подобрувањето на локалните политики, како и потребата од воспоставување функционална комуникација меѓу граѓаните и институциите. Беше нагласено дека локалната самоуправа е нивото на управување со кое граѓаните најнепосредно се соочуваат во секојдневието, поради што нивното активно учество е особено важно за навремено препознавање и решавање на проблемите во заедницата.

Во текот на отворената дискусија, учесниците разменија искуства и примери за предизвиците со кои се соочуваат во своите населби и општини. Посебно внимание беше посветено на проблемите со управувањето со отпадот, одржувањето на јавната хигиена и зелените површини, несоодветното користење на јавниот простор, урбанистичкиот развој и недоволната ефикасност на надлежните служби. Беше посочено дека, и покрај постоењето на различни канали за комуникација и пријавување проблеми, граѓаните често се соочуваат со бавно постапување, недоволна повратна информација или пренасочување од една институција кон друга поради преклопување на надлежностите.

Како еден од поважните предизвици беше издвоена и недоволната информираност на граѓаните за тоа која институција е надлежна за решавање на конкретен проблем, како и недоволно искористениот потенцијал на месните заедници како посредници меѓу граѓаните и локалната самоуправа. Истовремено, беше отворено прашањето за граѓанската одговорност и културата на однесување во јавниот простор, особено во однос на неправилното одлагање отпад, вандализмот и грижата за заедничката животна средина.

Во продолжение, преку интерактивната World Café методологија, учесниците работеа во групи и ги разгледуваа можните решенија за идентификуваните проблеми. Дискусиите резултираа со неколку конкретни препораки насочени кон подобрување на комуникацијата, институционалната координација и граѓанското учество.

Меѓу предложените мерки се издвојуваат:

1. Зајакнување на постојните општински механизми за постапување по претставки преку воведување единствен дигитален систем за управување со претставки во општините на Град Скопје;

2. Воспоставување механизам за меѓуопштинска соработка за справување со заедничките локални предизвици; и

3. Олеснување и зајакнување на влијанието на учеството на граѓаните во локалното планирање и буџетирање.

Посебно беше нагласена потребата од комбинирање на едукативните и превентивните активности со доследно спроведување на постојните правила и санкции, бидејќи подобрувањето на локалната средина бара и поактивни институции и поголема лична одговорност од страна на граѓаните.

Лабораторијата покажа дека граѓанското учество не треба да се сведе само на пријавување на проблеми, туку треба да подразбира континуиран дијалог, следење на институционалните постапки и активно придонесување кон решенијата. За таа цел, потребни се достапни и функционални механизми преку кои граѓанските иницијативи ќе добијат соодветен институционален одговор, а локалната самоуправа ќе ја зајакне својата отвореност и отчетност кон заедницата.

Активноста се спроведува во рамките на проектот ROOT-WB, поддржан од Европската Унија преку програмата „Граѓани, еднаквост, права и вредности“ (CERV).

Корисни линкови