Претседателката на Европско движење во Република Македонија, проф. д-р Милева Ѓуровска на 17.10.2015 година во кафулето „Тренд“ свечено му ја врачи плакетата за европско лице на годината на уметникот Јован Балов. По свеченото доделување на признанието се одржа и дебата на тема „Културата интегрира, уметниците поврзуваат“, на која учествуваа поголем број претставници на академската средина и уметници, меѓу кои и маестро Борис Трајанов, кој исто така е носител на титулата европско лице на годината.
Европското движење во Република Македонија оваа титула досега им ја додели на Борис Трајанов, Ана Дурловски, Тоше Проески, Влатко Стефановски, Симон Трпчевски и Луан Старова од областа на културата, како и на Борис Трајковски, Радмила Шекеринска, Вања Ефремова, Живко Мукаетов и Љупчо Коцарев.
Носителот на годинешното признание „европска личност на годината“, Јован Балов, нашиот „амбасадор“ на културата, кој оживувајќи ги митовите и симболите, успеа да направи „културен“ мост меѓу Скопје и Берлин и да го внесе европскиот дух во Македонија, а македонските автори да ги претстави пред европската публика. Неговите заслуги, со кои ја промовирал Република Македонија низ Европа и светот во периодот од 2000 година до денес се многубројните проекти со врвно успешно презентирање на македонската современа уметност и култура. Од нив, секако, се издвојуваат изложбите во Германија, Русија, Словенија, Франција, Грција, Австрија, Полска, Финска, Израел, Англија, Србија, Италија и многу други земји. Од 2004 година до денес во галеријата „Прима центар“ во Берлин по заслуга на Балов се реализирани над 180 изложби и презентации, на кои се претставени околу 400 странски автори. Меѓу нив има реализирано 69 изложби на македонски уметници, во кои се претставени 115 уметници и културно-уметнички работници од Македонија. Инаку, Европското движење во Република Македонија како најстарата невладина организација во Република Македонија, формирана во 1991 година, која со својата дејност во изминативе 24 години постоење и делување даде исклучителен придонес во афирмацијата на европските вредности во македонската јавност, како и за промоција на Македонија во Европа на бројните меѓународни конференции на кои учествуваше, секоја година традиционално го доделува признанието „европска личност на годината“.









