На 15.4.2014 година заврши ликовниот конкурс на тема: „Кога сум јас толерантен?“ („Да ја сакаме Европа!“) што го организираа Општина Аеродром и Европското движење во Република Македонија по повод 9-ти Мај, Денот на Европа. Во изборот за најдобар цртеж учествуваа околу 1.000 ликовни творби пристигнати од детските градинки и од основните училишта на територијата на Општина Аеродром. За најдобра ликовна творба во категоријата од предучилишна возраст е избран цртежот на БОРЈАН ДИНЕВСКИ од градинката „Срничка“ објект Лале. Во категоријата од одделенска настава за најдобар е избран цртежот на ЕВГЕНИЈА НЕДЕЛКОВА од III4 од ОУ „Лазо Ангеловски“. Осмоодделенката ИВАНА ИКОНОМОВА од VIII2 од ОУ „Лазо Ангеловски“ е избрана за најдобра во категоријата од предметна настава. Комисијата составена од претставници на Европското движење во Република Македонија и на Општина Аеродром, одлучи да додели и пет пофалници за ликовни творби, кои беа особено инспиративни и тоа за АЊА ЈОВАНОВСКА („Срничка“), СОФИЈА СТАВРОВА (IV1 ОУ„Александар Македонски“), МАРИЈА ЗЛАТАНОСКА (III4 ОУ „Лазо Ангеловски“), ИВАНА ЈОВАНОВСКА (Vа ОУ „Димитар Македонски“) и ДАНИЕЛА ТРАЈКОВСКА (VIII4 ОУ „Лазо Ангеловски“). Дипломите и пофалниците за наградените ликовни творби официјално ќе бидат доделени на Свечената академија по повод Денот на Европа во рамките на овогодишната прослава. Целта на оваа манифестација е не само да се развие детската уметничка креативност и инвентивност, туку и младата популација од Општина Аеродром да се приближи кон европските вредности.









