На 25.01.2024 година во Европска куќа го одржавме настанот за презентација на приоритетите на Белгиското претседавање со Советот на ЕУ,од страна на Н.Е., Амбасадорот на Кралството Белгија Фредерик Мерис.
Амбасадорот го спомена новиот План за раст за Западен Балкан, во којшто, посочи, треба да се финализираат сите финансиски прописи, кои треба да бидат воведени за да тој побрзо се имплементира.
-Потоа ќе работиме на постепена интеграција, а тоа значи, на кој начин секоја земја ќе учествува во процесите на Европската Унија, додека се подготвува да стане полноправна членка. Интенцијата на Белгија за секоја земја, е да може да присуствува на Советот за општи работи што ќе се одржи во април, додека иницијативата на Комисијата е земјите-кандидати да се вклучат во Извештајот за владеењето на правото, а исто така да имаат улога во сите размислувања за иднината на Европа. Ова е наша стратешка визија, и таа стратешка визија треба да се претвори во стратешка агенда, нагласи тој.
Фредерик Мерис кажа дека белгиското претседавање се случува во комплексен геополитички контекст, во смисла на продолжената руска агресија врз Украина, ситуацијата во Газа, претходно пандемијата, време кога дезинформациите се многу моќни, енергетска криза, како и, нагласи, многу драматични климатски случувања. Напомена дека претседавањето со Советот на ЕУ е голема одговорност која бара и голема амбиција.
-Во Белгија наш стратешки интерес е ЕУ и се чувствуваме многу покомотни да ги промовираме нашите национални интереси, внатре во ЕУ како национално, така и регионално. Тоа значи тоа што сме во ЕУ и што нашите интереси се поклопуваат со ЕУ на еден начин ни дава повеќе простор да се бориме за нашите амбиции што сакаме да ги постигнеме. За тоа да биде возможно, мора да соработуваме со нашите европски партнери, а тоа значи со земји коишто можат да го видат поширокото добро односно колективот во ЕУ. Треба да бидеме подготвени, да прифаќаме и да поттикнуваме компоромиси. Белгија беше најпрвата земја која претседаваше со Советот на министри во 1958 и оттогаш има претседавано уште десет пати, рече амбасадорот.
Додаде дека го разгледуваат и прашањето, прашањето на обединета Европа, односно, вели, како да ја направиме Европа да биде силна во светот и да има силен глас во различни области, а тоа е нешто, како што кажа, кон кое Белгија сака да придонесе во време на нашето претседателство.
Претседателката на Европското движење Милева Ѓуровска, кажа дека во однос на белгиското претседателство, Белгија е меѓу земјите кои одиграа клучна улога во создавањето и развојот на европската соработка од самиот почеток, додека Брисел често се употребува како второто име на Европската Унија, односно место од каде доаѓаат одлуките од ЕУ. Темата за проширувањето, нагласи професорката, посебно ги засега нашите граѓани во однос на што во документите на Белгисото претседателство се истакнува „Проширувањето на нашата Унија мора да нè направи сите посилни. Затоа, Претседателството е посветено да ги поддржи земјите-кандидати во нивните напори да пристапат во Унијата. Но во врска со проширувањето Унијата ќе треба да се подготви т.е. да ги прилагоди политиките на новите услови, да обезбеди ресурси и структури за одлучување на Унијата во поглед на идните пристапувања“.
Презентацијата беше проследена и со кратко обраќање на Шефот на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија – Н.Е. Дејвид Гир, претседателот на парламентарната комисија за европски прашања – г-дин Арбер Адеми, претседателот на Националниот совет за евроинтеграција – г-дин Александар Николоски и пратеничката г-ѓа Санела Шкријељ.
Дејвид Гир истакна дека многу од приоритетите на белгиското претседавање се многу важни и во Северна Македонија, како на пример како се справуваме со зелената транзиција, владеење на правото, социјалната транзиција…
-Изборите ќе доведат до формирање нова влада и таа ќе мора да се справи со сите овие приоритети и предизвици. Граѓаните ќе очекуваат резултати во справувањето со борбата против корупцијата, правната држава, реформата на јавната администрација ќе биде главен проблем на секоја влада што ќе дојде. Имаме неколку патокази за реформите во правосудниот сектор, реформите во јавната и државната администација, имаме извештај од скринингот, каде што се детектирани различни проблеми, како и оценувачка мисија од ЕК. Сето тоа се очекувања дека треба да се оди напред, нагласи Гир.
Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања, Арбер Адеми, истакна дека политиката на проширување останува едно од најуспешните политики на ЕУ од формирањето па досега.
-Тоа е најголемата инвестиција што може да се направи во обезбедување на мир, стабилност просперитет и како двигател на демократијата и негување на европските вредности во целиот континент. Секако дека кај нас се соочуваме со одредени предизвици. Ние знаеме дека, а единствениот услов за продолжување на европскиот пат на нашата земја, на Северна Македонија, се и остануваат уставните измени, рече Адеми. Според него, сега е моментот кога е потребно да се формираат проевропски сили, за да не се дозволи отстапување од овој курс, преземајќи ја без одлагање одговорноста се со цел да не се пропушти нашата шанса и успешно да се заврши овој витален процес за идните генерации.
Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции Александар Николоски напомена дека државата е мала, а во исто време и комплексна. Поради тоа, како што кажа, во иднина треба голема улога да се дава на политичките сили кои што не се во Владата и не се во мнозинството особено за значајни сектори. Во однос на владеење на правото, тој предложи два добри примери кои што се индиректно поврзани со владеење на правото. Едниот е Антикорупциската комисија, а вториот е Комисијата за заштита од дискриминација. Двете комисии се бираат на начин со заеднички поделена улога и на власта и на опозицијата и граѓанското општество, кажа Николоски.
Пратеничката од Санела Шкриељ, нагласи дека скринингот само го потврди тоа дека ние имаме капацитети во администрацијата, дека имаме луѓе коишто знаат и коишто се посветени.
-Мислам дека треба да престанеме да се потценуваме во тој дел и да го смениме тој наратив дека ние немаме капацитети, дека ние неможеме успешно да го водиме преговарачкиот процес. Можеме. Отсекгоаш сме имале луѓе коишто и покрај сите предизвици и покрај тоа што овој процес навистина трае предолго. Во многу ситуации не по наша вина, дека имаме луѓе коишто се уште се посветени и коишто имаат знаење и од коишто земјите коишто се сега членки на ЕУ на самиот старт учеле и учат. Значи проблемите ги правиме ние политичарите. Има луѓе и во граѓанското општество коишто многу добро ја знаат оваа проблематика, рече Шкриељ.













