18-та сесија на Работната група 4 – Правда, слобода и безбедност (Поглавје 24): Новиот пакт за миграција и азил: безбедносни и интеграциски предизвици во Европа, со фокус на Западниот Балкан и Република Северна Македонија“

Вчера, 29.01.2026, во „Клубот на пратеници“, успешно ја одржавме 18. сесија на Работната група 4 – Правда, слобода и безбедност (Поглавје 24), посветена на темата „Новиот пакт за миграција и азил: безбедносни и интеграциски предизвици во Европа, со фокус на Западниот Балкан и Република Северна Македонија“. На настанот учествуваа над 75 претставници од институциите, граѓанскиот сектор, академската заедница и дипломатскиот кор, со цел да се разменат искуства и да се формулираат заеднички пристапи кон една од најкомплексните политики на Европската унија.

Дискусиите потврдија дека Пактот за миграција и азил не треба да се гледа како исклучиво европски документ, туку како процес во кој Западниот Балкан мора активно да учествува со свој глас и стратегија. Земјите од регионот, вклучително и Северна Македонија, се соочуваат со реални ризици, од транзитни, тие можат да станат земји на задржување, што бара координиран и проактивен пристап. Оваа перспектива беше засилена со констатацијата дека миграцијата повеќе не е привремен феномен, туку длабок структурен проблем кој бара системско и стратешко управување.

Министерот за правда, Игор Филков, нагласи дека шверцувањето мигранти претставува глобален криминален феномен со кој ниедна држава не може сама да се справи, па оттука е неопходно зајакнување на меѓународната соработка и развивање на заеднички стандарди. Тој посочи дека државата ги има ратификувано сите релевантни меѓународни инструменти, но предизвикот останува во нивната доследна примена.

Државниот секретар во МВР, Сашо Петрушевски, ја претстави Националната програма за миграција 2026–2030, која оди во насока на зајакнување на граничната безбедност и усогласување со европските регулативи, но истакна дека земјите од регионот можат да креираат свои адаптирани пристапи врз основа на нивните капацитети и економски реалности. Тој посочи дека постои реална можност, но и потреба, Западниот Балкан да даде активен придонес во миграциските реформи, наместо процесот да се доживува како наметната обврска. Петрушевски исто така истакна дека мерките од Пактот веднаш нема да бидат обврзувачки за регионот, но во рамките на пристапниот процес, усогласувањето со европските политики е неизбежно.

Настанот исто така го истакна значењето на заштитата на човековите права, фер процедури и обезбедување основни услуги за мигрантите и бегалците. Претставничката на УНХЦР, Никол Ептинг и граѓанскиот сектор потсетија дека глобалното раселување останува на рекордни нивоа, при што само од Западниот Балкан над 91.500 луѓе бараат или веќе добиле меѓународна заштита. Професорот Лазар Јовевски ја нагласи клучната улога на трудовиот пазар во интеграцијата и потребата од легална миграција за надминување на недостатокот на работна сила во земјава. Тој детално ги објасни структурните промени на македонскиот пазар на труд, каде и покрај стапката на невработеност, постои хроничен недостиг на работна сила во сектори како градежништвото, туризмот и земјоделството. Оваа парадоксална состојба го прави ангажманот на странска работна сила неопходност, а не избор.

Дискусиите за граничното управување и техничките предизвици, како што се воведувањето на ЕТИАС системот, покажаа дека е потребна поголема поддршка и време за транзиција, како што истакна амбасадорот Андреј Лепавцов. Тој укажа на техничките ограничувања и ја истакна потребата од посебен пристап и повеќе време за земјите од Западниот Балкан, кои се иден дел од Европа. Од праксата, Горан Павловски од МВР посочи дека денес постои можност за целосна регистрација на сите мигранти на јужната граница, што овозможува подобро профилирање и размена на информации со партнерските земји од ЕУ, но дека државата да бара материјално-техничка поддршка и оперативно засилување, вклучително и преку ангажман на ФРОНТЕКС.

Регионалните перспективи беа застапени преку искуствата на претставници од Србија и Словачка, кои ја нагласија заедничката одговорност и солидарноста во справувањето со миграциските движења. Претставникот на српското МВР, Ненад Симиќ, ја истакна важноста на усвојувањето на законот за борба против трговија со луѓе, додека претставничката на словачката граѓанска организација „Лига за човекови права“, Мирослава Мителманова, го сподели искуството на нејзината земја со приливот на бегалци од Украина, истакнувајќи дека справувањето со миграции е споделена европска обврска што бара флексибилност и човечност.

Сесијата заврши со заеднички заклучок дека само преку координирани напори, почитување на меѓународните стандарди и активна улога на Западниот Балкан може да се осигураат ефикасни, фер и одржливи решенија за сите засегнати страни. Покрај безбедносните аспекти, неопходно е да се осигура дека секоја политика и реформа ќе ги заштити човековите права, ќе го поддржи економскиот развој на регионот и ќе ги има предвид специфичните капацитети и потреби на секоја земја. Овој дијалог претставува важен чекор кон создавање на поцврсти механизми за соработка и конструирање на миграциски политики кои се одржливи и за регионот и за Европа како целина.

Корисни линкови