Нашите членки Душица Симоновска, Ања Павловска и Михаела Живкоска, заедно со уште околу 200 млади активисти и претставници на младински организации од Европа и пошироко, учествуваа на Европскиот младински самит во Брисел, организиран од Европскиот младински форум, кој се одржа на 13 и 14 ноември во Дестелхејде, Белгија. Целта на овој настан беше зајакнување на нивните капацитети за активно учество во демократските процеси, застапување и поттикнување промени во заедниците.
Во рамки на програмата, учесниците имаа можност да земат учество во практични работилници, интерактивни дискусии и креативни активности посветени на застапувањето, градењето аргументи, младинските права и улогата на младинските организации во процесите на донесување одлуки. Посебен интерес кај претставничките на ЕММК предизвикаа дискусиите за проширувањето на Европската Унија, процесот на пристапување и перспективите на земјите кандидатки.
Во овој контекст, посебно внимание беше посветено на европската перспектива на Македонија, предизвиците со кои се соочува земјата во пристапниот процес и прашањето за нејзиното место во иднината на проширената Европска Унија. Преку креативна работилница и уметнички израз, учесниците ги претставија своите ставови и очекувања за европското проширување, отворајќи го и прашањето „Кога е нашиот ред?“ како симболична порака за потребата од напредок во процесот на европска интеграција на Северна Македонија.
Самитот овозможи и размена на искуства и воспоставување контакти со претставници на младински и граѓански организации од различни европски земји, односно отворање нови перспективи за соработка и за вклучување на македонските младински гласови во пошироките европски дискусии.
Учеството на претставничките на ЕММК придонесе за активно претставување на перспективите на младите од Северна Македонија во дебатите за иднината на Европа, со посебен акцент на проширувањето и потребата земјите кандидатки да бидат вклучени во обликувањето на европските политики и процеси. Истовремено, стекнатите знаења, искуства и контакти ќе претставуваат основа за понатамошно унапредување на активностите на организацијата во областа на европската интеграција, младинското учество и застапувањето.

















