Со задоволство ви ја претставуваме новата тематска публикација на проектот ROOT WB, на која учествувавме како партнерска организација заедно со конзорциумот предводен од Агенцијата за локална демократија Мостар и Агенцијата за локална демократија Сисак, која беше координатор на ова издание.
Публикацијата ги обединува наодите, предизвиците и препораките од седум Лаборатории за локална демократија одржани во текот на есента 2026 година во Албанија (Тирана), Босна и Херцеговина (Мостар), Хрватска (Сисак), Франција (Стразбур), Црна Гора (Подгорица), Северна Македонија (Скопје) и Србија (Источна Србија). Во овие партиципативни работилници активно се вклучија вкупно 212 граѓани, млади, претставници на граѓански организации, локални самоуправи, јавни претпријатија, академската заедница, новинари и правни експерти.
Што содржи публикацијата?
Во седум одделни национални извештаи ги анализираме конкретните пречки со кои се соочуваат граѓаните при обидот да влијаат врз одлуките во нивните заедници — од нејасни административни процедури и фрагментирана одговорност меѓу институциите, до недостиг на повратни информации откако ќе се поднесе некоја иницијатива или жалба.
Посебно поглавје во публикацијата е нашиот национален извештај за Лабораторијата за локална демократија во Северна Македонија, што ја организиравме на 26 октомври 2026 година во Општина Аеродром под наслов „Сакам да учествувам – но како? Дијалог за инклузивно локално управување“. Преку отворен дијалог меѓу жителите, студентите, граѓанскиот сектор и општинските претставници, формулиравме три клучни препораки за унапредување на локалните услуги и граѓанското влијание: воведување единствен дигитален систем за пријавување и следење на комунални проблеми со поддршка од вештачка интелигенција и јасни рокови за одговор, воспоставување квартален меѓуопштински форум за решавање заеднички предизвици и поврзување на предлозите од урбаните заедници со годишниот циклус на општинско планирање и буџетирање.
Во завршниот дел, Регионалната синтеза ги сумира заедничките трендови и нуди седум регионални препораки за јавните политики. Главниот заклучок на извештајот е дека граѓаните го оценуваат квалитетот на локалната демократија според целиот процес, не само преку формалната покана за учество, туку преку навременото информирање, јасната поделба на надлежностите, повратниот одговор и видливата реализација на прифатените приоритети.
Публикацијата е достапна на англиски јазик и претставува практичен ресурс за локалните власти, граѓанските организации и сите чинители заинтересирани за зајакнување на партиципативната демократија.








