Четврта сесија на РГ-5 – Животна средина (Поглавје 27), на тема: „Заштита на природата преку одржливо управување со шумите”

Сесијата ја отвори Милева Ѓуровска, национален координатор на НКЕУ-МК, која во своето воведно обраќање објасни дека мора да ја развиеме свеста дека сите ние сме одговорни за зачувување на природата, но и дека тоа не треба да го намали уделот на надлежните министерствата. Осврнувајќи се на тема за одржливото управување на шумите, истакна дека мора да ја промениме парадигмата дека изобилуваме од шуми и дека шумите се најголемо богатство кое го поседуваме, бидејќи тоа не е точно, односно забележа дека шумите се сериозно загрозени -опустошени. Особено ги загрозува нив илегалното сечење и илегалната продажба.

Христина Оџаклиеска, заменик министер за Животна средина и просторно планирање, потенцираше дека одржливото управување на шумите е поврзано со Европскиот зелен договор, кој има за цел да го заштити, конзервира и зајакне природниот капитал на ЕУ, но и да го заштити здравјето на граѓаните. Според Оџаклиеска, одржливото пошумување и обновувањето на деградираните шуми  ќе ја зголеми апсорпцијата на јаглерод двооксид, истовремено подобрувајќи ја отпорноста на шумите и промоцијата на циркуларната биоекономија. „Природните богатства не се неисцрпни, а природата е подложна и на штетни влијанија од човековите активности  кои треба да бидат регулирани„ истакна Оџаклиевска завршувајќи го своето воведно излагање.

Абдулшуќур Абедини, го истакна значењето на градење на стратешки пристап за заштита на македонски шуми и шумарството. Следејќи ги стратегиите на ЕУ за шумите, истакна дека уште во оваа деценија би можело да се соочиме со уште поголеми ризици, пред сѐ поради климатските промени и природните нарушувања кои ќе го оневозмажат она што досега го даваа шумите – екосистемските услуги. Меѓутоа, од друга страна, можностите за шумарството и шумарскиот сектор би можеле да се зголемат, благодарение на примената на обновливи и био базирани решенија за декарбонизација на нашата економија.

Дејвид Гир, Амбасадор на Европската унија во РС Македонија, посочи дека оваа тема е многу битна, како за ЕУ, така и за Македонија, бидејќи повеќе од 30% од територијата е покриена со шуми. Правејќи паралела со територијата на ЕУ, каде има 43 % шуми истакна дека шумите се систем за преживување, кои ја стабилизираат климата и температурата, прочистувајќи ја водата и воздухот. Освен тоа, тие ги штитат селата од поплави и лизгања на земјата, даваат дрво за обработка, но и го зголемуваат туризмот. Да се има здрави и отпорни шуми е значајно и приоритетно за сите, како за граѓаните и властите, така и за компаниите.

За значајни проблеми беа посочени: зачувување на биодиверзитетот на шумите, намалување на загадувањето, развивање на зелени градови и развој на циркуларна економија за искористување на ресурсите до максимум. Сите овие проблеми се проблеми кои ги има во Унијата, но и во Македонија. Потребно е сите да разберат кои се придобивките, но и која е цената која треба да се плати. Акција е потребна сега, тука и глобално и дека занемарувањето прави непоправлива штета.

Хенрик Маркуш, амбасадор на Р. Словачка во РС Македонија во своето обраќање се потпираше на своето лично искуство од возењето на велосипед низ Македонија. Според него земјата е преубава, но мора да се посвети многу поголемо внимание на презентацијата и на поголемо искористување на туристичкиот потенцијал. Според, него најголем проблем кој треба безусловно да се реши е загадувањето, посебно несоодветно фрленото ѓубре во природата. Ова особено е проблем во помалите места и селата, бидејќи нема никакво управување со отпадот, каде освен финансискиот аспект, има и голем дел кој е во менталитетот на луѓето.

Бојана Станојевска Пецуровска, копреседавач на Работната група 5, претседателка на Центарот за Климатски промени се осврна на претходните 3 сесии и темите кои беа обработени, но и на организациските детали за реализација на сесијата.

Владимир Стојановски, професор од Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ новите тенденции за ре-дефинирањето на шумите, односно од традиционален сектор каде дрвото било сметано како примарна суровина се преминува нов начин на управување, каде покрај дрвото се важност добиваат и други производи (билки, шумски овошја и други шумски прозиводи). Во новиот начин на дефинирање на шумите посебно место добива заштитатата на биолошката разновидност, испорака на услуги на екосистемите и на пејсажните вредности.

Јавните претпријатија кои стопанисуват со шумите се самофинансирани. Самофинасирањето е голем проблем, а во иднина ќе биде уште поголем. Според истражувањата, заштитените подрачја прогласени во претходниот систем функционираат подобро од новите – прогласени по осамостојувањето, а причината е самофинансирањето во комбинација со други политички аспекти – истакна професорот Стојановски. Во РС Македонија постои Нова зелена агенда  која се спроведува преку два големи проекти, а во процедура е нов закон за шуми, ревизија на стратегијата и формирање на национална стратегија за шуми, која дел од овие работи ги има сублимирано.

Николчо Велковски, посочи дека РС Македонија има специфична местоположба која била причина за судири на цивилизации, што се одразило врз состојбата на шумите кои биле често и прекумерно опустошувани. Концептот на одржливо управување со шумите се базира на 6 паневропски критериуми, кои се усвоени на министерска конференција на ЕУ и кои смета дека треба да се практикуваат:

  • Прв критериум. Зголемување на шумските ресурси и нивниот придонес кон глобалниот циклус на јаглерод. За остварување на оваа цел мора да има промени во насоките на планирање, кои освен економските параметри мора да ги вклучат еколошките и социјалните.
  • Втор критериум. Зачувувањето на здравјето и виталноста на шумските екосистеми. Во законската легислатива имаме одредени норми со кој се следи здравјето и виталноста на овие екосистеми што овозможува одржување на едно минимално ниво. Меѓутоа, голем проблем се зголемениот број пожари, зголемен број на штетни инсекти кои ги нарушуваат здравјето и виталноста на екосистемите. Капацитетите се премногу ниски за да се направи превентивна заштита од ваквите проблеми, и тука сериозно мора да се работи.
  • Третиот критериум. Одржување и подобрување на производните функции на шумите (дрвни и недрвни). Подобрена е површината и дрвната маса во шума, но пак е меѓу најниските 5 во Европа (по метри кубни на единица површина). Причината е големиот процент на шумите кои се деградирани и кои не можат да постигнат голема продуктивност.
  • Четврт критериум. Одржувањето, заштита и зголемување на био-разновидност на шумските екосистеми. Македонија е мала површина, но изобилува со богат био-диверзитет, разновидност на голем број на различни живеалишта, каде се судираат различни почвени, климатски и други типови што ја овозможуваат разновидноста.
  • Петти критериум. Одржување на социоекономските функции на шумата. Тоа значи интегриање на социјалните, економските и на еколошки функции на шумите. Посебно треба да се води сметка за сопственичките права и за различните други функции кои ги имаат шумите со нивните вредности.

Шестиот критериум кој се однесува на Одржување и соодветно подобрување на заштитните функции во управувањето со шумите (особено почвата и водата) е објаснет од Иван Блинков.

Иван Блинков, од Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ подетално информираше за петтиот критериум. Според него, 1/3 од Македонија е зафатена со силни процеси на ерозија. Скоро 30% од територијата е под закана од опустинување, што е непрепознатливо за земјите од средна и северна Европа, но е карактеристично за јужна Европа. Зато мора да се изгради посебен пристап за превенција од разните природни непогоди поради висината на трошоците кои се седум пати поголеми доколку не се превенира т.е. природната непогода би направила 7 пати поголема штета.

Во Македонија најголем дел од пошумувањето во минатото имале примарно еколошки карактер, пред се за заштита на водите и почвата. Стопански пошумувања биле незначителни.

Професорот Блинков заклучи дека полесно се наоѓаат финасии за проекти, а во моментов се работи на многу такви прокети, но многу потешко се наоѓаат зрества за имплементација укажувајќи дека донаторите треба да покажат поголем интерес за имплементацијата.

Матеј Шварц ги презентираше искуствата на Словачка со Натура 2000. Начин на решавање на проблемот било одново мапирање на заштитените подрачја кои во голем дел се преклопувале со старите. Со цел да се избегнат вакви проблеми во РС Македонија препорача да се хармонизираат границите на националните и европските мрежи на заштитени подрачја.

Проблем со кој се соочила Словачка при воспоставување на Натура 2000 мрежата бил прибирањето и користењето на податоците. Според него Македонија во моментов се наоѓа во истата положба – прибирање на податоци за крирање на мрежата.

Со Натура 2000 се појавиле и проблеми при управувањето на подрачјата. Тоа треба да биде базирано на интегриран систем за заштита на природата и проактивен менаџмент на шумите. Во Европа не постои единствено мислење во однос на овие прашања. Моментално за најпопуларен пристап се смета неинтервентен пристап, што води кон проблеми бидејќи доколку сте задолжени да го менаџирате подрачјето, тоа е многу тешко да се направи без менаџмент, особено со климатските промени.

Маре Басова, презентирајќи ги податоците истакна дека шумарството како гранка има многу тешки и големи притисоци, бидејќи, од една страна треба да се задоволи јавниот интерес, а од друга страна треба да се биде и профитабилно. Смета дека е неопходно да се работи на проекти за наоѓање на методи за подобрување на вредноста на шумата обезбедувајќи услови за обезбедување на трите основни функции на шумата, со почитување на био-диверзитетот. Дивата сеча е најголемиот проблем со кој се соочуваат шумите, но тука се климатските промени кои прават сериозни проблеми предизвикувајќи суши, ерозии и поплави.. Управувањето со шумите дава поволни ефекти – за сега само на осоговските и малешевските планини.

Стефко Стефановски од Центарот за управување со кризи (ЦУК), ги образложи потребите за заштита на шумите во услови на зголемен ризик од шумски пожари. Во сегментот на заштита на шумите постојат споделени надлежности, а со тоа и споделени одговорности. Тој се задржа на заштитната функција на шумите, бидејќи токму тоа помага за намалување на ризиците од поројни поплави и деградација на почвата (ерозија и свлечишта). Одржливото управување на шумите е национален предизвик и сите институции кои имаат надлежност треба да си ја сработат својата работа. Исто така, да се разгледа можноста за градење на систем кој постои во Европа Payment for ecosystem services, со цел соодветно управување на шумите.

Назиф Сефер, го елаборираше проектот за поддршка на реформите во шумарството, финансиран од ЕУ со три главни цели: ажурирање на стратегијата за одржлив развој, ревизија на Законот за шумите и креирање на нова предлог Национална програма на шумарството. Сподели дека за овој проект е направена работна група со сите релевантни чинители од сите надлежни министерства и институции, и претставници од ЕУ, кои споделуваат добри практики. Исто така, Законот за шумите е во својата работна верзија е во финална фаза и планирано е да се достави до Владата есенва.

Даниела Камчева, презентираше моменталната состојба во однос на заштитата на природата во Македонија, како и активностите кои ги презема МЖСПП. Во моментот има 82 заштитени подрачја, кои во најголем дел припаѓаат на националните паркови (НП 13.92% од целата територија на државата). Голем дел од шумите кои се наоѓаат на  заштитените подрачја, треба да бидат управувани од управувачот на заштитеното подрачје. Беше презентирана и EMERALD мрежата, која во Македонија е воспоставена во 2008.

Анела Ставревска Панајотова, истакна дека целта на Новата стратегија на шуми е да ја направи конкретна визијата за подобрување на квантитетот и квалитетот на шумите и да се зајакне нивната заштита, обновување и отпорност. Сепак, овие три клучни зборови немаат се уште реална вредност во Македонија и се тотално маргинализирани.  На пример, изградбата на патот Кичево – Охрид предизвика чиста сеча на шумите. Состојбата со националните паркови е алармантна. На пример, НП Маврово се финасира од користење на шумските ресурси. Тие немаат друг алтернативен извор на финансирање.

„Немањето на финансии го плаќа природата, а ние ги чувствуваме последиците“ истакна Ставревска – Панајотова.

Димитар Николовски презентираше резултати добиени од проект реализиран од тимот на Евротинк околу нелегалната сеча на шумите. Посочи дека во текот на проектот се имаат променето некои работи на подобро. Според резултатите од теренските активности, во периодот помеѓу 2010 и 2020 година Шумска полиција поднесла до јавното обвинителство 2380 кривични предмети и 2637 од страна на Национални шуми. Од вкупните прекршочни предмети до основните судови (18.750 од Шумаска полиција и 11.094 од ЈП „Национални шуми“ биле процесуирани само 16 случаи во Струмица, 26 во Велес, додека во Прилеп и Гевгелија немало процесуирани предмети

По презентацијата што ја одржаа експертите, следеше дискусија, во која членовите на јавноста активно учествуваа, фокусирајќи се на клучните теми како уништувањето на шумите, заштитата на шумите и управувањето со природните ресурси.