Забрзување на евроинтеграциските процеси на нашата држава беше фокусот на средбата меѓу претставниците на Европското Движење во Република Северна Македонија со Европското движење од Данска, кои деновиве престојуваа во работна посета на земјава.
На средбата беше истакнато дека нашата држава нема друга алтернатива за иднината освен Европската Унија.
„Европската Унија е вистинскиот правец по којшто треба да се движиме“, порача професорката Милева Ѓуровска, на средбата со претставниците на Европското Движење од Данска, истакнувајќи дека и покрај песимизмот кај дел од населението, европската агенда мора да се оствари.
Членот на Извршниот одбор на Европското движење на Република Северна Македонија, Андреј Лепавцов ја истакна важноста од континуитет во евроинтеграциските процеси.
„Имавме многу блокади на патот кон ЕУ. Но, создадовме солиден капацитет да продолжиме по овој процес. Верувам дека овој процес ќе оди како што треба ако историскиот наратив не е прекинат на европскиот пат. Мора да се држиме до нашиот план, а тоа е да се држиме до европската почва“, нагласи Лепавцов, осврнувајќи се на патот кон ЕУ кој земјава го изоди досега.
Претставниците на Европското Движење од Данска истакнаа дека во рамките на ЕУ постои расположение за проширување и за нови членки, но дека треба да се работи на поголема популаризација на нашата држава. Тие изразија целосна поддршка на евроинтеграциските процеси на земјава, при што акцент беше ставен на потребата од забрзување на реформските процеси на државата со цел што поскоро остварување на долгоочекуваната стратешка цел-полноправното членство во ЕУ.