Како дел од одбележувањето на денот на Европа 9 Мај, Европското движење заедно со Општина Аеродром и Делегација на Европска Унија, го одржа традиционалниот настан за најдобар цртеж. Оваа година темата на ликовниот конкурс беше „Европското знаме на мојата општина“. Настанот се одржа на отворањето на новиот парк во Општина Аеродром што ќе го носи името „9 Мај“, каде што учесниците на настанот засадија зимзелени дрвја.
За претседателката на Европското движење, Милева Ѓуревска, Аеродром е најурбаната општина во Скопје со најмногу паркови и одлична зелена агенда.
„Аеродром треба да продолжи со уредување на јавниот простор, кој е многу важен за негување на европските вредности, но и за сите нас. Садењето и грижата за дрвјата и зеленилото е задача и на Општината, но и на сите граѓани. Ви посакувам да имате што повеќе насадени дрвца – за секој жител по едно дрво“, изјави Ѓуровска.
Во врска со ликовниот конкурс, таа истакна дека е тоа нешто што ги поврзува Општина Аеродром и Европското движење со години и се заблагодари за поддршката што несебично ја дава градоначалникот, но пред сè, на дечињата, кои со својата креативност му даваат душа на овој традиционален настан.
Победниците на ликовниот конкурс на кој децата од двете детски градинки и учениците од осумте основни училишта во Општина Аеродром цртаа на тема: „Европското знаме на мојата општина“ по повод 9 Мај, Денот на Европа, добија признанија и парични награди. За најдобра ликовна творба во категоријата од предучилишна возраст е избран цртежот на ДАРЈАН БЕЛЧОВСКИ од детската градинка „Срничка“, објект „Чекорче“. Во категоријата од одделенска настава за најдобар е избран цртежот на ИВА ДИМИШКОВСКА од II1 од ОУ „Гоце Делчев“, а деветтоодделенката МИА ГОРЧЕСКА од IХ4 од ООУ „Ѓорѓија Пулевски“ е избрана за најдобра во категоријата од предметна настава.