Еден од нашите најистакнати оперски уметници, Благој Нацоски е избран за „Европска личност на годината“ за 2023 година, која Европското движење во Република Северна Македонија традиционално ја избира секоја година, како една од најстарите невладини организации во нашата држава, формирана во 1991 година, давајќи исклучителен придонес во афирмација на европските вредности во македонската јавност, како и за промоција на македонските вредности во Европа и светот.
Ова признание на Нацоски му беше доделено на одбележувањето на Денот на Европа-9 Мај насловено како „Европската Унија како предизвик и предизвиците на ЕУ: Европа 74 години од Шумановата декларација“, во организација на фондацијата Конрад Аденауер и Европско движење во Република Северна Македонија.
Нацоски повеќе од 20 години е македонски музички амбасадор којшто ги освојува оперските и концертните сцени во Европа и пошироко во светот со својот талент, префинет стил на изведба, харизма и впечатлив сценски настап.
Признанието „Европска личност“ го заслужи со огромните успеси што ги постигна во најпрестижните оперски куќи во Милано, Њујорк, Токио, Париз, Парма, Бангкок, Макао, Неапол, Тенерифе, Палермо, Торонто и многу други сцени низ целиот свет, почнувајќи од Римската опера како прв Македонец што настапил во оваа елитна оперска куќа. Освен што толкува главни тенорски партии, тој е особено успешен и како концертен односно камерен пејач, изведувајќи музика на Шуберт, Шуман, Малер, Брамс, а настапувал и со најреномираните светски пејачи, диригенти и режисери.
Покрај бројните награди и признанија, тој е прогласен за амбасадор на македонската култура во Италија, а од јапонската влада доби признание за унапредување на културата и јапонско-македонските односи.
На настанот по повод Одбележување на Денот на Европа-9 мај, на шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Дејвид Гир му беше доделена плакета која Европското движење им ја доделува на лица кои имаат посебен придонес во остварувањето на неговата мисија да ги приближи европските вредности кон македонските граѓани.
Не напуштајќи го никогаш дипломатскиот дискурс, имавме чувство дека на посебен начин се вкоренува на нашето тло, отворајќи се кон граѓаните, особено кон младите. Европските вредности ги пренесуваше со посебна почит кон институциите, при тоа упатувајќи конструктивни забелешки кои граѓаните ги разбираа.
Упатуваме посебна благодарност кон амбасадорот Гир за поддршката на Националната конвенција за Европската унија и неговото учество во дијалогот кој успеа во евроинтегративниот процес да вклучи над 300 стручни лица.
Досега беа доделени шест вакви почесни титули за почесен член на Европското движење, меѓу кои освен на амбасадорот Гир и на Пат Кокс, претседател на Меѓународното европско движење од 2005 до 2011 година, Хенрик Кронер – генерален секретар на Меѓународното европско движење 2002 до 2009 година, Ерван Фуере, шеф на делегацијата на Европската унија во Скопје од 2005 до 2011 година, Аиво Орав, шеф на делегацијата на Европската унија во Скопје од 2012 година до 2016 година, Франсоа Лафонд, советник на заменик премиерот задолжен за европски прашања во Република Северна Македонија од 2017 до 2021 година.