Европски ден на знамето 2014

Setting the flag of the EU and Macedonia on top of Vodno

СО ПЛАНИНАРСКИ МАРШ ДО ВОДНО ОДБЕЛЕЖАН ЕВРОПСКИОТ ДЕН НА ЗНАМЕТО

Со планинарски марш до Водно, што го организираа Европското движење на Република Македонија (ЕДРМ) и Делегацијата на ЕУ на 3.5.2014 година беше одбележан Европскиот ден на знамето. Планинарскиот марш почна пред седиштето на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија, каде што претседателката на ЕДРМ, Милева Ѓуровска и евросоветникот на Делегацијата на ЕУ, Робин Лидел, извршија размена на знамињата на Република Македонија и на Европската унија. Оваа размена е традиционална и има симболично значење. Годинава на оваа традиционална манифестација за првпат се приклучи и Холандската амбасадoрка Мариет Шурман, така што покрај македонското и европското, се развиори и холандското знаме. Трите знамиња на крајот од маршот беа поставени на врвот на Водно. Освен церемонијалниот карактер, оваа манифестација има цел да го афирмира спортот и планинарските рекреативни активности, кои би требало во Република Македонија да бидат значително поразвиени, од тоа што се во овој момент, поради планинскиот карактер на нашата држава. На планинарскиот марш учествуваа повеќе планинарски друштва, ученици и родители од основните училишта во Општина Аеродром и други граѓани.