Претставници на Европско движење, планинари, млади луѓе, граѓани денеска го изодеа традиционалниот планинарски марш до врвот на Водно по повод Денот на Европа. Маршот започна пред Делегацијата на ЕУ во Скопје, каде симболично беа разменети македонското и европското знаме.
„Искачувањето на планина не е едноставна работа. Маршот е тежок, но чекор по чекор ќе стигнеме до врвот и јас сум уверен дека ќе го стигнеме врвот и дека оваа земја ќе го добие заслуженото место во ЕУ како полноправна членка во иднина“, оцени шефот на Делегацијата на ЕУ, Дејвид Гир, на денешното одбележување на настанот.
Гир додаде дека ова е прекрасна традиција која ја започна Европското движење со размена на европското и македонското знаме.
„Традиција која покажува доверба во иднината, доверба дека македонското знаме ќе полета во Брисел кога оваа земја ќе стане членка на ЕУ“, потенцира Гир, откако со претседателката на Европско движење, проф.д-р Милева Ѓуровска ги разменија македонското и европското знаме.
Претседателката на Европско движење, проф. д-р Ѓуровска истакна дека овој настан се организира повеќе од 25 години и е долга традиција на искачување на Водно.
„Симболиката е дека се искачуваме заедно со претставници од Делегацијата, тоа значи дека на патот до Европската Унија сме придружени од претставници на Европската унија. Патот до ЕУ е малку потежок, има искачување и паузи, но патот треба да се продолжи за да се стигне до самиот врв на Водно. Тоа е симболиката која ние сакаме да ја прикажеме“, рече претседателката на Европско движење, Ѓуровска.
Таа додаде:
„Го имавме оптимизмот секогаш. Настојувавме да придонесеме кон еден поубав амбиент во нашата држава. Она што е најважно сега во овој момент е тој оптимизам да опстане. Европскиот проект треба да се сфати како проект на иднината, не како проект на минатото“, нагласи Ѓуровска на денешниот настан кој традициoнално Европско движење го организира секоја година.