Извештај од меѓународниот проект „EUnitedinjournalism“ во рамки на Еразмус плус програмата на Европската Унија

Од 16 до 23 јуни 2019 година на грчкиот остров Крит Европското движење на Република Северна Македонија се вклучи во меѓународниот проект „EUnitedinjournalism“ во рамки на Еразмус плус програмата на Европската Унија (Erasmus+ Programme of the European Union) за размена на млади од разни земји од Европа во соработка со Институтот за истражување и тренинг за европски прашања од Атина, Грција (Institute of Research & Training on European Affairs).

Во проектотучествуваамладите од нашата држава, од Шведска, Литванија, Летонија, Словачка и Романија. Претставник на Европското движење беше Маја Манчевска, која ги предводеше студентите Кристијан Нафидов, Сара Цветанова, Ангела Петковска, Ана Марија Димитриевска, Емран Хоџа и Александра Ристова.

Во фокусот на проектот беше претставувањето на медиумите од сите земји-учеснички и работилницата на тема „Медиумите и новинарството“. Во рамки на проектот се дискутираше за етиката во новинарството и се одржа отворена дискусија за меѓународната организација Викиликс, коjа издава преданија на приватни, тајни и доверливи медиуми од анонимни извори на известување и пропусти на вестите. Беа разгледани контроверзите и двете страни на Викиликс, која прими пофалби, но исто така и критики.

Учесниците на семинарот изработуваа новинарски репортажи и статии на разни теми и учеа како се создава весник или веб портал, како и отворање радио и тв канал. Притоа, беше презентиран документарен филм базиран врз новинарски истражувања.

Исто така, се одржа и работилница на тема „Пласирање лажни вести“, а на крајот на семинарот секоја од земјите создаде свој медиум. Македонскиот тим го креираше весникот „Македоника“, кој може да се види во ПДФ формат во прилог. Главна тема што ја третираше весникот е од областа на заштита на животната средина под наслов „TOO MUCH POLLUTION ON CRETE ISLAND TO BE A PARADISE!“.

На маргините на семинарот беа организирани: презентација на културите од земјите учеснички, кино-вечери, караоке, олимписки игри, лов на богатство, посета на градот Хања.

Екипата на Европското движење, покрај изработката на весникот „Македоника“, достојно ја претстави Македонија и македонската култура, победи во натпреварот за откривање лажни вести, освои пехар за најдобри „ловци“ на благо и се дружеше со младите од другите земји, кои исто така, учествуваа во проектот.