Конференција „Идентитетот и европската интеграција во чест на Димитар Мирчев“

Европското движење на Македонија организираше онлајн дебата посветена на годишнината од смрта на професорот Димитар Мирчев на тема „Идентитетот и европската интеграција“. Колеги од факултетот, членови на Европското движење, професори и политичари во четиричасовна дебата потсетија на највредните остварувања на Мирчев, на неговиот повеќедецениски политички ангажман и на темите што тој ги отвораше, а се сеуште актуелни денес, како идентитетот на нацијата и како тоа прашање се рефлектираше на македонската евроинтеграција.

 

Конференција „Идентитетот и европската интеграција во чест на Димитар Мирчев“

Конференција „Идентитетот и европската интеграција во чест на Димитар Мирчев“

Gepostet von Филозофски факултет – Скопје am Freitag, 24. Juli 2020

 

Деканот на Филозофскиот факултет, Ратко Дуев, ја отвори тркалезната маса со порака дека оваа институција годинава одбележува 100-годишнина од своето постоење, а во неговото создавање видлива трга оставил професорот Мирчев. Тој го опиша како истакнат професор, иницијатор на Европското движење, предводник на либерализмот и на политичката пролет во Македонија , прв амбасадор на нашата држава и научен работник. „Беше човек жива енциклопедија на современото општествено живеење“, забележа професорката Милева Ѓуровска од Институтот за социологија и прв човек на Европското движење.

„Мирчев имаше висок однос кон студентите, тие не ги пропуштаа неговите предавања. Беше страстен истражувач и беше критичар во време кога критиката беше многу ретка. Беше борец за афирмација на нашата држава во Европа, кој ги отвори првите европски постдипломски студии и досега на нив завршија 400 студенти, рече таа најавувајќи дека сите обраќања од тркалезната маса организирана во негова чест ќе бидат објавени.

Генерално околу темата што го преокупираше, европскиот идентитет, таа оцени дека тој не е спротивставен на националниот, туку двата се развиваат паралелно. Дебатата за европскиот идентитет, според неа, е од понов датум и особено е засилена по референдумот во Велика Британија за Брегзит.

„Европскиот идентитет има политичка конотација и преставува правна и економска реалност која го разликува од националниот. Како таков тој постои 70 години„, рече Ѓуровска.

„Човекот не умира кога ќе го погребаат туку кога ќе го заборават“, посочи поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов, нагласувајќи дека мото на неговото творештво било – либерализација на политиката, либерализација на економијата и либерализација на надворешната политика. Почетната инспирација, според Иванов, Мирчев ја нашол во Словенија и во движењето Европа здај, кое било извор на сите идеи во тогашна СФРЈ. Но, настаните кај нас, рече Иванов, добија друг тек по независноста, бидејќи енергијата ја трошевме во докажување на нашиот идентитет како Македонци , што пак не одалечи од тоа што беше тренд во Европа, каде останатите се прилагодуваа на европските стандарди и принципи.

Зборувајќи околу темите на кои беше посветен Мирчев, Иванов даде оценка и на актуелните процеси, тврдејќи дека концептот едно општество за сите е фашистичка и орвеловска идеја.

„Не можете да станете едно општество. Тоа е составено од различни идентитети на овој простор каде што живееме, етнички, религиски и други. Едно општество е тоталитаризам, одиме кон Хитлер. Тоа не е нешто што ќе ја направи Македонија обединета, туку ќе создаде нова догма на која ќе ѝ се поклонуваме. Веќе 30 години сме во демократија и не правиме разлика меѓу човекови права, граѓански права и државјанство. Сите треба да ги негуваме. Нашиот концепт треба да подразбира една држава за сите, а не едно општество. Вака, ќе имаме едно општество, една партија, еден водач… Европскиот концепт прави разлика меѓу општество и држава“, рече Иванов.

Како пример тој ги посочи Словенија, која забранила политички партии на етничка основа и Бугарија, која не признава етнички групи.

„Соседите создадоа интеграција со асимилација и нашиот модел им боде очи. Тука е конфликтот. Политичарите не прават разлика што е човеково право, што е општество, што е држава. Кога се зборува за идентитет не можете да избегате од дефиницијата на Сталин, која сѐ уште ја користат ОН и ЕУ. Сега ЕУ сака да излезе од тој концепт и бара да ги оствариме поглавјата 23 и 24 за правда и внатрешни работи. Но, ние не треба да чекаме да го побараат тоа од нас, треба сами да ги оствариме. Рајнхарт Прибе точно лоцираше каде е проблемот кај нас. Концептот на моќ создава привилегирани. Тие се основата на она што го вели народот – дека душа и власт најтешко се испуштаат. Каде е власта таму е сласта. Да не бидам вулгарен, но кој остварува она што го ветува? Колку лаги слушнавме изминатите 20 години? Сега Европа ќе нѐ натера да го спроведеме тоа, да бидеме граѓани, да изградиме  заеднички живот на сите, но во една унитарна мултикултурна држава. Да создадеме држава во која ќе имаме човекови права кои ќе ги негуваме како луѓе и граѓански права кои ќе ги негуваме како државјани. Причината што досега не е остварено тоа  се вика УДБА, УБК, догматски конзервативни сили кои не ни дозволуваат да станеме европска земја“,  порача Иванов, во првото јавно обраќање откако не е претседател. Според него, едно општество за него значи еднакви шанси и еднаков пристап за сите, а не моќта да се врти околу премиерската фотелја.

Професорот Константин Миноски, раководител на Институтот за социологија, рече дека Мирчев бил голем почитувач на владеењето на правото и имал верба во европските институции, но во делото „Европеизам, либерализам, македонизам“ се гледа резерва во однос на дејствувањето на ЕУ за која смета дека место кон евроинтеграција се движи во насока на „европацентричност“.

„ЕУ не се држи до темелот на нејзината идеологија , либерализмот“, смета  Миноски, гледајќи потврда за тоа во поддршката на Преспанскиот договор од страна на Брисел, особено по изјавата на еврокомесарот Јоханес Хан дека треба „да се направат промени, на европски или на балкански начин, сеедно“. Дилемата е , според него, дали европацентричноста ја заменува евроинтеграцијата и дали се губи суверенитетот и националниот идентитет со приклучување на Унијата.

Зоран Матевски од Институтот за социологија оцени дека Македонија е држава на одвоени и поделени општества, ри што може да се зборува не само за етнички идентитет, туку и за религиски и политички. Затоа, рече тој, ЕК бара од нас интегрирано општество. Ако ја отвориме Пандорината кутија, додаде тој, ќе видиме дека освен овие поделби во нашата држава опстојува принципот на нееднаквост и на дискриминација на повеќе основи – родова, сексуална , расна, па и со елементи на неофашизам. Според негова оценка мултикултурализмот не успеал ни кај нас, ни генерално на Балканот, така што решението го гледа во интеркултурализмот и создавање општество за сите.

Дејан Маролов од Универзитетот „Гоце Делчев“, пак, го отвори прашањето за споровите со соседите околу идентитетските прашања, оценувајќи дека Преспанскиот договор во основа кажува што е наше , а што нивно, додека во Договорот со Бугарија акцемтот во наративот е ставен на заедничкото – историја и личности.

 

„Навиканати бевме досега за зборуваме за спорот за името, но во иднина се повеѓе ќе зборуваме за спорот со јазикот“, прогнозираше тој, забележувајќи дека во минатото можеше да се најде некое различно мислење во Софија околу ова прашање, но сега позицијата е поригорозна и хомогенизирана.Тој очекува Софија да ги искористи преговорите за влез во ЕУ на Македонија за да го наметне како услов именувањето на јазикот,а како основа ќе го земе Преспанскиот договор каде што стои дека јазикот е „македонски, официјален јазик на Северна Република Македонија“, наспроти договорот што го има Бугарија каде што јазикот се поврзува со името Република Македонија. Тој очекуваше позицијата на Софија да биде и поригорозна од тоа, па да побара во ЕУ да се користи „официјални јазици на Република Северна Македонија“, бидејќи и албанскиот е службен јазик во државата.

Во дебатата исто така учествуваа професорите Ило Трајковски, Антоанела Петковска и ,Марија Ташева од Институтот за социологија, Цане Мојановски од Факултетот за безбедност, Хасан Јашари од Штуловиот универзитет,, а видео обраќање имаше амбасадорот на Словенија, Милан Јазбец.