„Од различност до праведност еднакви во правото на здрава и одржлива животна средина за сите“

На 16 јуни 2025 година, членови на ЕММК присуствуваа на тематски форум под наслов „Од различност до праведност – еднакви во правото на здрава и одржлива животна средина за сите“, кој се одржа во Europe House во Скопје. На настанот присуствуваа членови од граѓански организации, државен инспекторат и експерт за акциско истражување. Настанот беше фокусиран на темата на климатска правда, улогата на младите и институционалните одговорности во однос на еколошките прашања.


Во рамки на панелот беше претставено и истражување поврзано со младите и животната средина, спроведено во сите осум планински региони во Македонија. Истражувањето покажува дека младите се високо свесни за еколошките предизвици, но нивната практична вклученост во решавањето на проблемите останува на ниско ниво. Според резултатите, 75% од испитаниците живеат во близина на нелегална депонија. Сепак, и покрај оваа алармантна состојба, младите ретко пријавуваат еколошки прекршоци, што укажува на недоволна координација, недоверба во институциите и недостиг од механизми за ефективна граѓанска акција.

По завршувањето на панел-дискусијата, следуваше интерактивен дел со прашања и коментари од публиката. Членовите на ЕММК истакнаа дека еколошката апатија кај младите произлегува од генерациска анксиозност и културолошки бариери, а одговорноста за еколошката деградација треба да ја сносат и институциите и приватниот сектор, не само поединците.

Настанот заврши со сумирање на клучните поенти и препораки од модераторката, проследени со неформално вмрежување и размена на идеи меѓу присутните. Форумот претставуваше важна платформа за размена на мислења и иницирање на нови соработки во насока на поодговорна и поодржлива еколошка политика.