Правилното менаџирање со отпад-алка во циркуларната економија

Како најдобро да се менаџира отпадот и како да се изнајдат начини за негово соодветно складирање? Како правилното менаџирање на отпадот може да ја заштити животната средина и кои се најефикасните и најсигурни методи за негово одложување?

Ова се дел од темите за кои се разговараше на денешната обука за менаџирање на отпадот како дел од серијалот обуки на проектот „ЕКО – УЧИЛИШТЕ : ДА УЧИМЕ ЗА ЦИРКУЛАРНА ЕКОНОМИЈА ЗА ПОЧИСТА И ЗДРАВА ЖИВОТНА СРЕДИНА“ поддржан од општина Аеродром, а финансиран од страна на ЕУ во рамките на проектот „Clean AirDrom “– Нула отпад во општина Аеродром. Ова е втора обука од серијал на вкупно четири обуки наменети за наставниците и учениците од четири училишта на територија на општина Аеродром: ООУ „Димитар Македонски„; ООУ „Гоце Делчев“; ООУ „Браќа Миладиновци“ и ООУ „Љубен Лапе“.

Теодора Каракамчева од Центарот за климатски промени, која ја водеше обуката презентираше конкретни примери преку кои наставниците и учениците подетално се информираа за добрите практики во однос на менаџирањето со отпад. Наставниците и учениците на обуката преку интерактивен начин се запознаа подетално со различните категории на отпад, начините на одлагање на отпад, а беше презентирана и моменталната состојба со отпадот во државава.

Целта на проектот „ЕКО – УЧИЛИШТЕ : ДА УЧИМЕ ЗА ЦИРКУЛАРНА ЕКОНОМИЈА ЗА ПОЧИСТА И ЗДРАВА ЖИВОТНА СРЕДИНА“ е учениците и наставниците од четирите основни училишта на територија на општина Аеродром да се запознаат одблизу со моделот на циркуларна економија со цел да го применат во нивните училишта како пилот-училишта за промоција на циркуларната економија.