Доследно спроведување на реформите и владеење на правото како услов за побрзо зачленување во ЕУ се дел од поентите на Четврта регионална експертска средба за Кластер 1 „Основи“ во рамките на проектот „ Нека правдата владее со регионот”, која се одржи на 12.12.2024,што претставува заокружување на годишните активности на Националната конвенција за Европската унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК) – поддржана од Делегацијата на Европската Унија и СловакАид и Регионалната иницијатива „Нека правдата владее со регионот” – поддржана од Кралството Холандија (MATRA). Проектни партнери се: Европски конвент на Србија, Европското движење во Албанија и Европското движење во Република Северна Македонија.
Претседателката на Европското движење во Република Северна Македонија и национална координаторка на Националната Конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК), Милева Ѓуровска зборуваше за значењето на националните конвенти во рамките на проектот „Нека правдата владее со регионот”.
„Верувам дека е крајно време да ја најдеме вистинската насока во евроинтегративниот процес, а тоа ќе биде владеење на правото. Ние сме тука да ги дефинираме патиштата како да стигнеме дотаму. Наша цел е членството во ЕУ. По 20 години не треба да го поставуваме прашањето зошто одлучивме да одиме по овој пат, туку треба да стигнеме таму. Одењето на овој пат треба да заврши. Билатералниот спор не треба да ги кочи земјите во нивниот напредок. Треба да ни се овозможи сериозно да се зафатиме со овие реформи за да ја исполниме оваа цел“, истакна Ѓуровска во нејзиното излагање.
Андреј Лепавцов, директор на директоратот за Европска Унија во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија истакна дека владеењето на правото како заедничка вредност е неминовен дел на евроинтегративниот процес. Според Лепавцов, перцепцијата на повеќето граѓани е дека досегашните реформи одат во погрешна насока.
Бојана Селаковиќ, национален координатор на Националната конвенција за Европска Унија во Србија во своето обраќање рече:
„Кога зборуваме за процесот на проширување треба да бидеме свесни што е мотивација за придружување кон ЕУ на која било земја од овој регион, што е за нас граѓаните мотивиација, што е за институциите, а што за ЕУ. Тука е причината за проблемот. Нема некој вид консензус зошто ни треба ЕУ и таа приказна на крај се сведува на економски причини“.
Нирвана Делиу, проектен координатор на Националната конвенција за Европска Унија во Албанија зборуваше за имплементирањето на критериумите на ЕУ.
„Има многу реформи кои се бараат од нас. Може имаме добри закони, но што се случува со имплементацијата? Дали земјите имаат капацитет да го спроведат целото законодавство. Овде верувам може да одигра улога граѓанското општество“, рече Делиу.
Фредерик Дубост, судија за врски во Западен Балкан зборуваше за независност, интегритет и транспарентност во правосудството. Според неа, политичарите треба да ја почитуваат независноста на правосудството. Работата на обвинителите, како што нагласи Дубост, треба да е транспарентна кон медиумите бидејќи со транспарентноста се подигнува јавната доверба во праводуството.
Марко Николиќ од НКЕУ- Србија се фокусираше на предложените измени во избор на судиите во Србија за кои рече дека се закана за правосудството. Николиќ ја истакна големата кадровска криза во Србија во однос на недостиг на судии и обвинители, како и се помалиот број на приправници, за коишто кажа дека основна причина е лошата финансиска состојба.
Елда Зотај, доцент на Универзитет „Александар Моисиу“ во Драч, Албанија се осврна на процесот на реформи во правосудството коишто изминатиот период се имплементирале, за коишто оцени дека се спроведувале подолг период, а резултатите дошле дури сега. Во овој процес, како што рече Зотај, клучна била улогата на граѓанскиот сектор кои во соработка со интернационалните актери придонеле за мобилизација во однос на реформите.
Елена Геогиевска од Македонското здружение на млади правници истакна дека постои тренд на зголемување на учеството на граѓанските организации во креирање на законски и подзаконски решенија.
„Значајно е дека на граѓанскиот сектор би требало да се гледа како на еднаков партнер во процесите. Да не дозволиме граѓанскиот сектор да е декор во овие процеси“, подвлече Георгиевска.
Денешниот настан претставува платформа за обединување на регионалните граѓански иницијативи кои се фокусирани на владеењето на правото и други клучни прашања од Кластер 1 – Фундаментални вредности.
Настанот има за цел да поттикне структуриран експертски дијалог меѓу повеќе засегнати страни (институции, граѓански сектор, бизнис заедницата, академската средина и други) преку размена на искуства и знаења за витални прашања од Кластер 1 – Фундаментални вредности.
Овој состанок се надоврзува на претходните три експертски средби одржани во секоја од споменатите држави. Во овој контекст, проектот акцентира теми од реформската агенда во рамки на ЕУ Планот за раст на Западниот Балкан и Механизмот на владеење на правото на Европската Унија.
















