Носителка на титулата „Европска личност на годината“ за 2024 година е Рисима Рисимкин – истакната македонска кореографка, пионерка и вистински амбасадор на современата танцова уметност во Република Северна Македонија. Со ова признание, таа се вбројува меѓу угледните личности кои преку својот професионален ангажман ги афирмираат европските вредности, станувајќи дваесет и третата добитничка на оваа почесна титула.
Со својата извонредна креативност, несебична посветеност и длабока уметничка визија, таа го трасира патот на современиот танц, воспоставувајќи го како нераскинлив дел од културната сцена и во земјата и на меѓународно ниво.
Како уметничка директорка на Танц Фест Скопје и основач на Скопје танцовиот театар – првата современа танцова компанија во Македонија – таа отвора нови хоризонти за млади уметници и поставува високи стандарди на сценската уметност. Нејзината улога како визионер кулминира со основањето на првата универзитетска програма за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, каде што денес е редовен професор и декан.
Преку своето долгогодишно творештво, таа гради културен дијалог и мостови на соработка со водечки европски фестивали, академии и институции. Нејзината уметност е гласник на слободата на изразување, иновацијата и интеркултурната размена – вредности што се во срцето на европската културна традиција.
За својот исклучителен придонес во уметноста и промоцијата на европските вредности, Рисима Рисимкин е добитничка на повеќе престижни одликувања. Последно меѓу нив е високото признание на Француската Република – „Витез на уметностите и книжевноста“, кое се доделува за исклучителни заслуги во областа на културата и уметноста и претставува прво такво признание доделено на уметник од нашата земја.
















