„Геолитиката создаде нови можности за проширување на ЕУ, но овие прозорци не остануваат отворени засекогаш. Мојот совет е да не ги повторувате грешките од минатото. Сега може да ја искористите таа можност. Време е за лидерство“, порача Мирослав Лајчак, специјален претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и регионални прашања на Западен Балкан на денешната Седма пленарна конференција на Националната конвенција за Европската унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК) на тема„ „Кластер 1: Фундаментални вредности на Европската Унија–соочување со новите предизвици во контекст на проширувањето“ и на Втората пленарна конференција во рамките на проектот „Нека правдата владее со регионот“ којашто се организираше во соработка со Собранието на Република Северна Македонија.
На Пленарната конференција беа испратени пораки за носење на мудри одлуки за доброто на граѓаните со цел за побрзо приближување кон ЕУ и со тоа исполнување на нашата стратешка цел.
Претседателката на Европското движење во Република Северна Македонија и национален координатор на Националната конвенција за Европската унија во Република Северна Македонија, Милева Ѓуровска на почетокот истакна:
„Споделените практики од земјите кои го минале преговарачкиот процес покажуваат дека клучниот фактор за успех на процесот е политичкиот консензус и регрутирање на квалификувани, но и мотивирани човечки ресурси“, рече Ѓуровска на денешната Седма пленарна конференција.
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, на Конференцијата нагласи дека Собранието е подготвено во секое време да го почне процесот на носење на уставните измени, но додаде дека сепак неопходен е консензус за процесот да продолжи напред во согласност со европските стандарди, а да не биде спречен од билатералните прашања.
Членството во ЕУ, според претседателот на Собранието, Гаши е единствена алтернатива за да се обезбеди развој и просперитет на државата.
Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања, Антонио Милошоски рече дека не постои сомнеж дека ЕУ има интерес за Западен Балкан, но дека постои оправдан сомнеж дали следниот процес на проширување ќе биде проширување со полноправно членство или членство во фази.
Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче потенцираше дека ќе дадат целосна подршка на Владата за реализација на реформите.
„Јасен е патот како да продолжиме напред“, порача Филипче, упатувајќи апел до Министерството за европски прашања сериозно да работи на европската агенда.
Амбасадорката на Кралството Холандија во Република Северна Македонија, Узлем Џанел истакна дека знаењето и ентузијазмот за пристапување во ЕУ концентриран во граѓанскиот сектор може да им помогне на носителите на политики за приближување кон ЕУ.
„Сакаме безбеден просперитетен регион. Ќе продолжиме да сме ангажиран партнер на тој пат“ порача холандската амбасадорка Џанел, истакнувајќи дека владеењето на правото е темел на општеството.
Националната конвенција за Европската унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК) е поддржана од Делегацијата на Европската унија во Република Северна Македонија и од Словачкото министерство за надворешни работи, а во почетните години и од УСАИД.
Денешната пленарна сесија ги вклучува и регионалните аспекти преку Втората пленарна конференција во рамките на проектот „Нека правдата владее со регионот“, поддржан од Кралството Холандија, којшто го одбележува завршувањето на втората проектна година.
Овој проект овозможи Националните конвенции на Албанија, Северна Македонија и Србија да воспостават редовна соработка и да ја спроведат методологијата на структуриран дијалог на регионално ниво. Експертските средби значително придонесоа за размена на искуства и знаење од преговарачките поглавја во Кластер 1 – Фундаментални вредности.