На 14.5.2014 година, Европското движење во Република Македонија (ЕДРМ) го заврши одбележувањето на Денот на Европа со Свечена академија во Младинскиот културен центар.
Признанието за европска личност на Република Македонија за 2013 година ЕДРМ и го додели на исклучителната музички талентирана оперска пејачка Ана Дурловски.
Исто така, признанија за посебен за исклучителен придонес и професионална афирмација на Република Македонија во европскиот простор ЕДРМ им додели на министерката за култура и Елизабета Канческа-Милевска, на ракометарката Индира Кастратовиќ, на планинарката Илина Арсова и на докторката Аспазија Софијанова.
На Свечената академија беа доделени и наградите за најдобар оратор меѓу студентите, за најдобра аматерска претстава и за најдобар есеј на средношколците, како и за најдобар ликовен цртеж на децата од основните училишта и детските градинки од Општина Аеродром.
На Свечената академија свое обраќање имаа претседателката на ЕДРМ, Милева Ѓуровска, која во последните 5 години посветено работи на развивање на европскиот дух во Република Македонија, како и евроамбасадорот Аиво Орав, кој рече дека Европската унија и е потребна на Република Македонија исто толку колку што и Република Македонија и е потребна на Европската унија.










