Учество на ALForum 2025 во Тирана, Албанија

Од 18 до 20 јуни 2025 година, учествувавме на Форумот на Фондацијата Anna Lindh (ALF), кој оваа година се одржа во Тирана, Албанија. Настанот претставува еден од најзначајните собири посветени на промовирање на дијалог, соработка и градење мостови помеѓу народите и организациите од целиот Медитерански регион.

Форумот собра повеќе од 800 учесници од 43 земји, меѓу кои експерти, носители на политики, претставници на граѓанското општество, културни работници и активисти. Преку повеќе од 100 организирани настани – панел-дискусии, пленарни сесии, интерактивни работилници и културно-уметнички активности – учесниците имаа можност да разменат знаења, искуства и идеи за заедничко справување со предизвиците во регионот. На панелите покрај учесниците од граѓанското општество, учествуваа и високи претставници од Обединетите нации, поранешни претседатели, но и претставници од градот Тирана и премиерот на Република Албанија Еди Рама.

Во рамки на програмата, нашиот секретар, Никола Јазаџиски, учествуваше на панел-дискусијата „Отпорност, култура и спротивставување на дезинформациите во регионот на Црното Море“, каде беа разгледани предизвиците поврзани со ширењето дезинформации и влијанието врз општествената кохезија и стабилност. Посебен акцент беше ставен на улогата на културната размена и меѓусебното разбирање како клучни елементи за зајакнување на општествената отпорност.

Тој ја претстави работата на Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија (НКЕУ-МК) како успешен модел за структурирање на инклузивен дијалог меѓу граѓанското општество, институциите и експертската заедница во процесите на европска интеграција. Преку НКЕУ-МК, се овозможува учество на сите релевантни чинители во дефинирањето и следењето на реформските приоритети поврзани со ЕУ-пристапувањето, со фокус на владеењето на правото, доброто управување и фундаменталните права.

Дополнително, беше презентиран и регионалниот проект Let Justice Rule the Region, кој преку мрежна соработка и размена на искуства ги поддржува процесите на унапредување на владеењето на правото и европските стандарди во земјите од Западен Балкан. Овој проект, во кој активно учествуваат партнерски организации од Северна Македонија, Албанија и Србија, претставува важен придонес кон зајакнување на регионалната соработка и промовирање на заеднички демократски вредности.