Говор по повод 9 мај 2019 на Претседателката на Европско Движење, Милева Ѓуровска

Почитувани пријатели,

Најпрво би сакала да се заблагодарам што дојдовте на оваа завршна манифестација по повод одбележувањето на Денот на Европа. Имајќи ги предвид сите настани кои се случија по истиот повод, во речсиси сите општини на нашата држава, не треба посебно да се зборува за актуелноста и за значењето на евроинтеграциските процеси во нашиот национален контекст.
Со вокабуларот на Жан Моне ќе повториме: ние сме оптимисти, ние сме определени и речиси подготвени. Граѓаните имаат големи очекувања во однос на Европската унија чија присутност беше значително интензивна во клучниот момент на промената на името истакнувајќи дека тука е клучот за надминување на 15-годишното стоење во место.

Во однос на Владата на Република Северна Македонија очекувањата се уште поголеми. Имаме солидни институции, но со устоличена практика да бидат водени од партиски кадри – одговорни пред партијата, но не и пред граѓаните; имаме солидна европска легислатива често заменувана со локално-маалски „директиви„, Недостојните плати ги деградираа вработените, а не-помирливите си заминаа. Време е да се излезе од оваа состојба на тотална општествена замореност.

Во фокусот на Европскиот празничен амбиент оваа година се скорешните избори за Европскиот парламент кои се одржуваат точно 50 години по првите директни парламентарни избори. Доследно на традицијата, Меѓународното европско движење испрати силна порака до европските граѓани, но и до европските институции, дека иднината на Европа ќе зависи од ревитализацијата на демокртијата. На Европа и е потребна жива демократија која ќе ја намали дистанцијата меѓу граѓаните и нивните претставници. Европскиот проект има потреба од нова енергија, од нови граѓански иницијативи, без оглед дали се работи за дебати, спортски натпревари, литертурни дружења, екскурзии, културни продукции и други форми кои ќе го одржат правецот на Унијата како униката хумана творба базирана на волјата на нациите. Брегзитот точно ја покажува оваа природа на Унијата, но поставува нови дилеми: како да се оди понатаму? Во ваков амбиент, за нас горливото прашање на проширувањето, е прашање на рационален дискурс на европските актери значително предодреден од изборните резултати.

Се обидовме проектот на Меѓународното европско движење “democaracy alive” да го пренесеме и во нашата средина. Успеавме да поттикнеме дебати на различни чинители: студенти со нивните професори, претставници на локалните власти со претставници на граѓанските здруженија, ученички дебати за Европа со вклученост на ранливи групи на граѓани, дебати за ефективна имплементација на европски политики и за други граѓански прашња.
Во текот на изведувањето на активностите за одбележување на Денот на Европа одеа и нашите претседателски избори. Меѓу кандидатите имавме двајца активни членови од Европското движење. Овие избори ни дадоа можност за прв пат да следиме исклучителна интелектуална кампања која ги удостои граѓаните. Се надеваме дека овој стекнат политички капитал ќе биде сочуван во меморијата на надлежните институции, но и во меморијата на граѓаните.
Од оваа граѓанска платформа испраќаме јавна порака за скоро започнувње на преговорите во релевентните поглавја. Во моменетот се потпишува петицијата упатена до Доналд Туск за добивање на датум на отпочнување на преговорите за приsтпување на Република Северна Македонија и Албанија. Иницијативата дојде од Европските движења во Регионот, а ја потпишуваат поединци, граѓански здруженија и други чинители на Балканот и пошироко.
Овде заслужува да биде пренесена и поракта од младите: Ни здодеа маргинализацијата на младите. Иако сме невидливи – ние постоиме! Не веруваме дека никој ништо не може да направи против корупцијата и партиските вработувања. Не веруваме дека не може ништо да се направи за да имаме чист воздух, да имаме солидно образовние и болници кои не го нарушуваат достоинството на болните. Ние сакаме да припаѓаме на Европа бидејќи сето ова е можно таму. Ја сакаме Европа во нашата држава.
На крајот би сакала да изразам благодарност до сите наши партнери во овогоднешните манифестации по повод 9 Мај, Денот на Европа: До Фондацијата Конрад Аденауер која го подржува овој настан, до делегацијата на ЕУ со која имаме традиционално партнерство, Општините Аеродром и Куманово, Универзитетите, средните и основните училишта во Скопје.
Нека е честит 9 Мај, Денот на Европа, Денот на Победата и Европското обединување!

Public Public Public Public