Граѓанската дебатата на тема: „Општествата во време на криза: Причини и последици“

Граѓанската дебатата на тема: „Општествата во време на криза: Причини и последици“, претставува значаен настан во одбележувањето на 9 мај.Оваа дебата беше организирана од Националната конвенција за ЕУ во Македонија по повод Денот на Европа и се реализираше по пат на електронксата алатка  “ZOOM”. Главни теми за кои се дискутираше беа следните:

Можеше ли да се спречи кризата; Kаков беше одговорот на Македонија, особено во здравствениот сектор; Го смени ли кризата политичкиот дискурс; Ќе доведе ли до промена во политичка и во општествена смисла итн.

Општествата во време на кризи: причини и последици

Проследете ја дебатата на тема:Општествата во време на кризи: причини и последици

Gepostet von European Movement EMMK am Donnerstag, 7. Mai 2020

 

Учесници на дебатата беа професорите од Филозофскиот факултет на Универзитетот „Кирил и Методиј“: проф.д-р Ило Трајковски, проф.д-р Костантин Миновски, проф.д-р Антоанела Петковска, професорот на Медицинскиот факултет, проф.д-р  Моме Спасовски, амбасадорот Мухамед Халили и проф.д-р Милева Ѓуровска, претседателка на Европско Движење и национален координатор на Националната конвенцијата.

 

Според професорот Ило Трајковски, кризата покажа дека се поткопани сите институции во земјата кои, како осигурувачи, треба да се вклучуваат и исклучуваат во вакви ситуации. „Сега знаеме дека во јавниот сектор сме имале само 5-6 респиратори и чудно е што успеавме да ја одржиме контролата на епидемијата. Тоа е резултат не на здравствениот сектор туку на карантинот,на мерките, на стравот на граѓаните и на нивната одговорност“, оцени Трајковски.

            Според него има два позитивни елементи од оваа криза, а првиот е дека го зајакна граѓанскиот дух, со тоа што се почитуваат повеќе законите и приватноста на другите, изразено преку социјална дистанца. Другата  позитивна работа е што, за да ја избегнат епидемијата, луѓето заминуваа во руралните средини каде што можноста за социјална дистанца е поголема. Негова оценка е дека луѓето  треба да се охрабрат да имаат резервен животен простор што може да биде искорисен во вакви ситуации, а тоа да стане дел и од некои идни проекти бидејќи, историски гледано, сите епидемии се ширеа низ градовите. Главен фактор, оцени тој, за да се прошири вирусот е концентрацијата на населението и начинот на производство, што ги прави градовите како контејнери или оранжерии во кои се множат вирусите. Поентата, според него, е дека државните институции се ослабени  во здравството, во образованието, па и во безбедносниот сектор, бидејќи има посилни приватни безбедносни фирми.Епидемијата, смета тој, сега ја врати важноста на државата, но прашање е дали поучени од неа ќе продолжме да ја јакнеме државата или ќе продолжиме да се развиваме како досега.

Амбасадорот Халили, пак, сметаше дека е лудост во време на криза да се очекува развој на демократски процеси и човекови права и дека она на што треба да бидеме фокусирани е справувањето со здравствената состојба, а не на вакви „непотребни флоскули“ што ги шират политички партии или граѓански организации кои се бават со таа тема. За него проблем е исто така што кризата сакаме да ја решаваме со полициски час и со техничка влада, со распуштени институции и со неактивен Уставен суд, кој  се активираше дури тогаш кога му беа загрозени привилегиите и личната благосостојба. Кога е загрозена егзистенцијата на граѓаните, а одредени слоеви сакаат  да живаат во благодетите на парите и привилегиите, тоа не е демократија, оцени Халили, додавајќи дека е лицемеие исто така ако политичките партии не сакаат да ги вратат прите што ги добиваат од буџетот за политичка активност, а очекуваат од граѓаните да го вратат ДДВ-то како гест на солидарност со ситуацијата.

За професорот Миновски остана дилема зошто светот не реагираше навреме на кризата, уште кога таа се појави во Кина, и зошто потфрли ЕУ во која прва реакција беше државите да си ги вратат границите. Според него, епидемијата покажала дека недостига солидарност на светско ниво и дека несоодветно реагираа и меѓународните институции,ставајќи ги во тој контекст  контрадикторните изјави од СЗО.Тоа што нашите институции ја дочекаа неподготвени кризата, според него зборува за нашата неодговорност како општество.

„Нашите институции се недоизградени, нашиот политички систем е полуфункционален и по секоја драматична криза гледаме зголемување на авторитарноста, како што е полицискиот час. Да не го споменуваме маргинализирањето на парламентот и решавањето на проблемите низ договор на политичките партии место во институциите“, забележа Миновски. Според него, не држат споредбите на состојбата со епидемијата кај нас и во Франција и Велика Британија, поточно оценката дека подобро сме се справиле од нив, бидејќи обемот на бизнисот, туризмот, приливот на странски студенти и слично кај нас не може да се спореди со тој таму, а со тоа и далеку помали се можностите да се пренесе заразата. Тоа ни дава одредена предност во справувањето со ситуацијата, смета тој, додавајќи дека да реагиравме навремено ќе завршевме само со кризна место со  вонредна состојба. И според него, таму каде што имаше поголема доверба во институциите полесно одеше справувањето со последиците од кризата.

Моме Спасовски од Медицинскиот факултет, пак, беше на спротивно мислење. „Позитивно сум изненаден од нашиот здравствен систем и од мерките што беа преземени пред да фати замав епидемијата. Го гледам трендот на одлуки на Министерството за здравство  и во огромен дел се сложувам со нив, а моето мислење го делат и експерти од дома и од странство. Како пример, ќе кажам дека стапката на смртност во Македонија и во Данска, споредено со бројот на жителите,  е речиси иста, и покрај разликата во развиеноста на здравствениот систем. Добро е што поради кризата дојдовме до констатацијата дека јавното здравство ни треба. Досега не вложувавме во него, а од кризата видовме колку се важни инфектолозите, така што мислам дека ќе излеземе од неа со некои заклучоци, во смисла дека треба да инвестираме повеќе во кадар, во опрема и во болнички капацитети“, оцени Спасовски. Сега, според него, Македонија одвојува само 7,5 отсто од БДП за здравството, наспроти 15 отсто во развиените земји.

Дали пандемијата го подели место да го обедини светот и дали затворањето на државите членки на ЕУ во националните граници ќе го зголеми национализмот, а ќе ја успори евроинтеграцијата на Македонија, беа дилеми за професорката Милева Ѓуровска. Според неа, кризата не беше предвидена, а начинот како се појави го покажа и начинот како треба да се реши. Таа не може да се реши на национално ниво бидејќи е глобална , така што без меѓународна координација и интервенција нема да се успее во тоа. Ѓуровска, сепак, не се сложи со оценката дека кризата дошла наеднаш бидејќи социолозите укажувале одамна дека моделот на развој на општествата изминатите два века значително го поттикнал одењето во оваа насока, посочувајќи  конкретно на практиките на неолиберализмот. Зошто не била забележана најавата за кризата, таа го илустрираше со примерот со жабата која, кога ќе биде ставена во врела вода веднаш скока, но кога ќе биде ставена во студена вода која постепено се затоплува, го губи чувството дека е загрозена и умира. Слично е, смета таа, и со општествата во кои многу работи треба да се променат, но опасноста е да се навикнат на оваа ситуација и да не реагираат.Според неа, нема сегмент од општеството што не ја чувствува се поголемата пресија на живеење и работење која води до нужност од постојано адаптирање на условите, толку многу што се менува и самата човекова природа само за да не се смени работното темпо. Ако промени нешто кризата на тој план, забележа Ѓуровска, може да донесе и нешто позитивно. Според нејзината оценка, нема држави во кои владите не реагирале на фронтален начин, но доминантен кај нас сепак бил дискурсот на политичарите, иако се почитувало и експертското мислење. Јавното здравство, такво какво што е, не можеше многу да направи, оцени таа, поради што треба да се инвестира повеќе во него.

А, зошто не е добро опремена инфективната клиника, зошто нема доволно инфектолози? Затоа што таа дејност не е профитабилна, а сите што се непрофитабилни се оставени на јавното здравство, додека приватните болници развиваат хирургија, кардиоваскуларни одделенија, породувања, пластична хирургија, беше оценка во дискусијата.

Антоанела Петковска смета дека неолибералниот капитализам, без оглед на неговите ревносни теоретичари како Френсис Фукујама, не е незаменлив. Според неа, не се инвестира доволно во причините кои доведоа  до оваа криза и место тоа се инвестира во натпреварот за поголем профит, за освојување нови пазари, за поголемо производство…Поради недовербата во институциите граѓаните наметнатите мерки ги доживуваат како „неслобода“, заклучи таа. Генерално, според неа, одговорот по кризата не мора да генерира позитивни промени, илустрирајќи го тоа со примерот дека никој не се прашува што се случува во Африка и во понеразвиените земји на Азија со епидемијата, туку сите се грижат како да се спасат банките.

            Во дискусијата што следеше потоа, Трајковски оцени дека ликот на епидемијата не е медицински туку социолошки , поради карантинот и социјалната дистанца, додавајќи дека граѓанската свест не е профитабилна, но таа сега го спасува капитализмот,па затоа треба да се инвестира во неа. На капитализмот му треба индивидуалност, себичност, алчност, а кога ќе дојде криза тогаш се бара солидарност од граѓаните, рече тој.  Мобилизацијата на граѓаните според него е гаранција дека ќе се успее да се совлада епидемијата.

За Миновски кризата можеби е тест за човештвото дали ќе отиде кон поголем национализам и авторитарност, бидејќи не само што не се поставува прашањето дали е неопходен полицискиот час, туку и го бараме уште. Тогаш кога  ќе ја нема епидемијата ќе го нема и полицискиот час, реплицираше Халили, според кого тој е во функција на здравјето а не на политиката, на што Миновски одговори со контра реплика: А, кој се грижи за нашето здравје од аспект на загадувањето?

Заклучокот беше дека и во вонредна состојба сепак може да има демократија, дека граѓаните одговорија на мерките главно со дисциплина, дека мора да се оди кон јакнење на јавното здравство бидејќи причините што доведоа до оваа криза се уште постојат и дека, иако лекцијата е сфатена, нема гаранција дека ќе има промена која ќе спречи нова епидемија, бидејќи одговорот треба да биде меѓународен а не национален.