Реформските процеси неопходни за интеграција во ЕУ мора да опфатат транспарентност во управувањето со јавните финансии, дигитализација и вештачка интелигенција како ефикасна алатка за намалување на корупцијата, системска евиденција и отворени податоци за општествениот капитал, засилена одговорност и интегритет на институциите, одлуки базирани на податоци, како и континуитет и мотивација на човечките ресурси во јавната администрација.
Ова е заклучокот од 6. сесија на Работната група 6 – Антикорупција (Поглавје 5 – јавни набавки, Поглавје 18 – статистика и Поглавје 32 – финансиска контрола) на тема „Административни капацитети за унапредување на вредноста на потрошени јавни средства: Што можеме да научиме од искуствата на ЕУ?“, која ја одржавме на 17 Јули 2025 во „Клубот на Пратениците“ во Скопје.
„Компетентна одговорна и услужна јавна администрација, која работи стручно, компетентно, без политичко влијание и во интерес на граѓаните, а не обратно – е тема од суштинско значење не само за евроинтегративниот процес, туку и за внатрешниот развој на државата“, изјави министерот за јавна администрација, Горан Минчев.
Во своето воведно обраќање министерот Минчев рече дека самото отворање на посебно министерство за јавна администрација може да се смета за почеток на реформите на една нова стручна и модерна администрација што ќе биде клучен столб во евроинтегративниот процес. За таа цел активно се работи на неколку нови законски решенија што треба да доведат до департизација на администрацијата и заштита од корупцијата, но и до поголема отчетност како клучен предуслов за враќање на довербата на граѓаните.
Дебатата беше добра можност за споредба да се слушнат моделите од земјите членки на ЕУ, како примерот со словачкото Одделение за вредност за пари при Министерството за финансии. Имено, директорот на ова Одделение, Адам Марек, го посочи искуството на Словачка, укажувајќи на потребата да се има не само професионализирана јавна администрација, туку и да се прави анализа на финансиските средства што таа ги троши.
„Проектите што ги прави државата не треба да се само во согласност со законите, туку тие треба да носат и корист за граѓаните“, рече Марек, додавајќи дека врз основа на резултатите од анализите на трошоците на јавните институции се прави проценка дали вреди тие да се одобрат и продолжат, или пак, се неисплатливи инвестиции и треба да се намалат или укинат како трошок.
На сесијата се отвори стручна и аргументирана дебата за тоа како да се подобри јавната потрошувачка преку унапредени институционални капацитети и како да се искористат добрите практики од ЕУ.
Драган Тевдовски, експерт на НКЕУ-МК и професор на Економскиот факултет – УКИМ во Скопје, рече дека верува оти може да се мотивира администрацијата ако и се даде можност да го даде својот придонес секој од својата област и со својата компетентност.
Драган Тилев, советник на министерот за европски прашања, посочи дека за интеграција во ЕУ се потребни политички, административни и финансиски капацитети. Тој рече дека политичките капацитети треба да се градат во самите политички партии преку квалитетни кадри што добро ќе ги познаваат структурите во Европската Унија и начинот на кој функционираат нејзините институции за да можат подоцна директно да се вклучат во работата на бројните европски тела, меѓу кои 350 комитети (во кои веќе можеме да учествуваме), 150 тела во рамките на Советот на ЕУ (каде не можеме да учествуваме се уште, но можеме да ги следиме и да бараме да бидеме брифирани за сите процеси во ЕУ), над 35 агенции на ЕУ (на чии состаноци и средби можеме да учествуваме, но за кои мора да бидеме компетентни и подготвени), како и 40 програми на Унијата (каде можеме индиректно да учествуваме). За жал, ние во моментов ја користиме само ИПРАД-програмата.
Понатаму, за градење ефикасни административни капацитети потребен е континуитет што игра важна улога во вложување на своето знаење и искуство во исполнување на политиките, а што се однесува до финансиските капацитети мораме да се потпреме главно на национални извори, односно на нашите даноци и буџет, додека на европски пари можеме да сметаме само ако сме подготвени со зрели проекти.
„Преку Планот за раст можеме да вбризгаме инвестиции во износ од 250 милиони евра годишно, но само доколку имаме зрели инфраструктурни проекти во релативно краток временски период и со квалитетни капацитети. Во спротивно ќе ги изгубиме и тие, како што изгубивме 140 милиони евра поради нереализирани грантови“, поентираше Тилев.
Извршниот директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Александар Кржаловски, во таа насока укажа дека би требало да се зголеми бројот на вработени во самите политички партии и дека тоа, всушност, би било почеток на градење капацитети, бидејќи во моментов има само 26 вработени во сите партии, вклучувајќи ги и кафекуварките и другиот технички персонал (за разлика од невладините организации, каде сега има вработено околу 2000 лица, на пример). Според него, опозициските партии треба да подготвуваат кадар што ќе ја следи работата на власта, бидејќи, како што рече, тие се еден вид влада во сенка.
Дијалогот беше фокусиран на суштински прашања како да се зајакнат административните капацитети за систематско планирање на јавните расходи и како да се подобри реализацијата на јавните инвестиции. Така, претседателот на Финансискиот совет, Глигор Бишев, рече дека се потребни суштински реформи, иако тоа претставува долг и болен процес.
„Без ефикасна држава нема образована работна сила, нема вештини, нема иновации. Потребна е инфраструктура и ефикасност. Државите што ќе успеат да го испорачаат ова добиваат просперитет и пристап кон интегративниот процес, бидејќи овој концепт ЕУ никогаш не го напушти“, нагласи Бишев.
Сања Маџаревиќ-Шујстер од Светска банка, како виш економист за земјите од Западен Балкан и економист за Северна Македонија рече дека ни се потребни алатки преку кои ќе се следат трошоците на Владата во тековните проекти што води кон реприоритеризација на трошоците. Таа потенцираше дека треба да се зголеми капацитетот за аналитика во владините институции и предложи шема како би требало да се екипира Министерството за финансии.
Поранешната претседателка на Државната комисија за спречување корупција, Билјана Ивановска, рече дека дефинитивно треба да се укинат непродуктивните трошоци. Таа го истакна процесот на следење резултати кој бара отчетност на функционерите и ги наведе препораките што ги дава ДКСК и државната ревизијата што укажува на слабите точки во системот.
„За да спечалиш пари треба да вложиш труд, но за да управуваш со нив треба да покажеш домаќинско работење“, рече Ивановска, посочувајќи ги човечките ресурси и вработувањето во јавниот сектор кои се директно поврзани со трошењето јавни пари, каде има парадоксална ситуација – од една страна превработеност, а од друга недостаток на стручен кадар во администрацијата, а капак на тоа се привремените вработувања што се злоупотребуваат, бидејќи тие ги користат сите привилегии, а немаат иста одговорност како вработените.
Панелистите разговараа за важноста на институционалната култура заснована на податоци. Така, Антони Пешев, како претставник на бизнис-секторот, мошне критично изјави дека „Македонија ни од далеку не е тоа што сака и треба да биде“, додавајќи дека „ако утре влеземе во ЕУ ние ќе бидеме тотално неподготвени“, а причина за тоа, како што објасни, е недостатокот на визија што доведе до тоа одредени сектори да експлодираат, а огромниот број други сектори да останат на трошки од буџетот и на крајот до девастирање на македонската економија.
Виктор Митевски, координатор на Работната група 6 и извршен директор на Здружението за истражување и анализи „ЗМАИ“ во завршниот дел на сесијата ги презентираше нацрт-препораките што се однесуваат на институционализација на принципот „вредност за пари“, обука и вмрежување на јавната администрација, користење податоци при буџетското планирање, поттикнување независна анализа на јавните расходи, како и воведување индикатори за ефикасност во јавните институции. Препораките што произлегоа од дебатата ќе бидат финализирани и дистрибуирани до релевантните институции.
На крајот на сесијата Националната координаторка, Милева Ѓуровска, заклучи дека дијалогот што го водеа сите засегнати страни се очекува да придонесе за воспоставување транспарентен и одржлив систем на јавната потрошувачка што ќе го намали ризикот од корупција. Таа вети дека Националната конвенција и понатаму ќе продолжи да дава придонес на демократизација на преговарачкиот процес.
Сесијата ја потврди потребата од системски пристап во подобрување на јавната потрошувачка и отчетноста на институциите. Примерите од ЕУ покажуваат дека воспоставувањето стабилни механизми за анализа и евалуација значително ја подобрува вредноста на потрошените средства и ја намалува можноста за корупција.
Инаку, словачкиот амбасадор во заминување, Хенрик Маркуш, го поздрави форумот на церемонија во рамките на сесијата доби признание за значајниот придонес во досегашниот евроинтегративен процес на Македонија со својата поддршка во изминативе 8 години. Тој нудеше споредливи модел на дијалог и овозможи да се пренесат словачките искуства и тие да се пресликаат на нашиот пат кон ЕУ, а исто така и преку Словачката амбасада даде огромна финансиска поддршка како шанса за внатрешно унапредување на Националната конвенција.
































