Кафе-дебата – Локални иницијативи за глобални чекори

На 31 мај 2023, во Кафе бар Тренд се одржа кафе дебата со наслов „Локални иницијативи за глобални чекори“, во организација на Европско Движење на Република Северна Македонија, продолжувајќи ја традицијата на организирање дебати од циклусот на настани Кафе Европа.

Настанот го започна модераторот, професор Константин Миноски, истакнувајќи ја традицијата на кафе дебатите, која беше прекината само од КОВИД кризата. Денешната тема е врзана за локалните иницијативи и глобалните чекори, која е добро да се дискутира во порелаксирана средина. „Значењето на локалната заедница е големо, но помеѓу централната власт и локалната средина се чувствува расчекор во дејствување, а она што ние го сакаме е да ги ставиме и двете во една иста реалност.“ Миноски го покани господинот Ристо Пенов, да го изнесе својот впечаток на темата.

Ристо Пенов, Министерот за локална самоуправа, своето излагање го започна со информацијата дека 70% од имплементација на европските политики и насоки се одвива преку локалната самоуправа, што значи дека тој сегмент е прилично силно изразен во земјите членки на европската унија, но кај нас за жал сè уште не е така. „Ние сме сè уште во рана фаза на вистинската децентрализација, иако законски сме функционално децентрализирана држава. Нашиот проблем е финансиската децентрализација, каде 70% од приходите на општините се сè уште државни, иако идејата на финансиската децентрализација беше да се стартува со 70% државни и 30% сопствени приходи на општините, а со текот на времето тој однос да се промени. На тој план сè уште сме на почетокот, иако планот за финансиска децентрализација постои уште од 2005.“

Како пример Пенов го даде јавниот градски превоз во Скопје, каде цените на горивата се повеќекратно зголемени, а цените на билетите сè уште се со истата ниска цена, бидејќи тоа се надоместува со дотации од градот кон јавното претпријатие. Според Пенов, за промените само се зборува, но вистинските проекти, како што е пречистителната станица во Скопје која доби 180 милиони евра чисти европски пари, 70 милиони од грант и останатото од европски кредит – не одат напред. Улогата на министерството е тоа што побрзо да се направи, но од надворешни причини тоа сè уште стои на почетокот. Централната власт ја има одговорноста да ги поттикне локалните едници да ги користат средствата кои се нудат за проекти.

Професорот Миноски се вклучи да додаде дека ова е добар вовед во темата, поставувајќи прашање за тоа како локалната самоуправа се справува со овој проблем.

Пенов одговори дека иако постојат точки со потенцијал за развој, Македонија е сиромашна држава со низок степен на образованост. Иако според формални бројки сме можеби и над европското ниво, но суштински, според квалитетот на тоа знаење сериозно заостануваме, и ако постои нешто што може да помогне на сите, тоа е секоја локална самоуправа, на чело со државата, да вложи во образованието.

Орце Ѓорѓиевски, градоначалникот на општина „Кисела Вода“, во своето воведно обраќање најпрвин рече дека во суштина имаме сиромашни општини, а главниот фактор кој што влијае врз сите овие процеси и предизвикува директна штета на општините, е моментот на постојаното мешање на политиката во начинот на реализација на проектите на локално ниво, но и преземање политички одлуки со цел добивање на поени кај централната власт, а не она што им е потребно на граѓаните. Додаде дека министерството за локална самоуправа навистина е едно од најважните, и со министерот имаат добар редок пример на комуникација на локалната самоуправа со министерството. „Кога партијата која стои на чело на централната власт се разликува од партијата на локалната самоуправа, се знае дека владата по лични чувства одлучува во која општина што да инвестира, а не се размислува за тоа што е логички потребно. На пример во некои општини ургентно е потребна изградбата на градинки, но владата одбира да инвестира во други проекти што не би требало да имаат толкав приоритет.“ Ѓорѓиевски додаде дека треба заеднички да се договара за тоа кои средства каде ќе идат, и со оглед на тоа што министерот Пенов е поранешен градоначалник на градот Скопје, секако е добро запознаен со проблемите на локалните самоуправи, и тоа е добар потенцијал за идни можни договори меѓу министерството и општините.

Пенов се вклучи да додаде дека многу проекти се реализирани преку европските иницијативи, европските пари и донации, затоа што ниту една општина, а ниту пак државата има сила за нешто такво да направи. “Се гледа дека има финансии од страната на унијата, но сепак не треба тоа да се земе здраво за готово, и да мислиме дека така лесно ќе може да влеземе во унијата, туку треба уште повеќе да се трудиме за да ги заслужиме таквите финансии,“ рече Пенов.

Амбасадорот Хенрик Маркуш своето излагање го започна со ставот дека државата го инспирира да започне проекти за подобрувањето на општините. Тој објасни дека со велосипед извозил дури 80% од територијата на државата, и тоа го мотивирало во контекст на денешната тема да даде предлог, локалната самоуправа да се фокусира и на развојот на туризмот. „Еден од туристичките сегменти на кои треба да се работи е велосипедизмот, за кој има голем потенцијал, посебно во денешницата кога постојат електрични велосипеди. За да може да се развие ваквата идеја и истата да се реализира, треба да одите дел по дел, но да не се откажувате. Може да се направи систем преку кој странските туристи велосипедисти ќе поминуваат низ државата и ќе ги гледаат нејзините убавини. Македонија има аматерски велосипедски клубови што е шанса за локалните самоуправи да се поврзат со нив, и да воспостават контакт и соработка што ќе привлече туристи и интерес,“ додаде Маркуш.

Катица Јанева, претставник од граѓанското здружение АЛДА, своето обраќање го започна со објаснувањето дека АЛДА работи на имплементација на европски проекти во локалните средини, и според досегашното искуство смета дека во оваа држава е развиена култура на критикување на проблеми, но нема развиено култура на решавање на истите. „Алката што фали е граѓанскиот сектор, кој треба да биде нишка помеѓу централната и локалната власт. Да се биде градоначалник е една од најтешките политички функции, затоа што е во судир со секојдневни проблеми на граѓаните, но и немањето на пари. Општините на сметките немаат пари, но тие пари постојат, проблемот е што не ги користиме. Ги знаеме причините, но никој не инвестира во нивното решавање. Граѓаните се бесплатен потенцијал за една општина, кои ретко се консултирани, а дури и да бидат консултирани тоа е само формално и сведено на критика, а никогаш на долгорочно ниво и со шанса за поставување предлози кои ќе бидат прифатени. Комплексното глобално општество бара и комплексно владеење, па затоа граѓаните не треба да бидат исклучени. Многу општини се нафаќаат за работа со европски проекти, но кога ќе се соочат со нив, се откажуваат, што докажува дека треба да се вработат повеќе искусни луѓе, или да се ангажираат луѓе однадвор што знаат да го прават тоа,“ изјави Јанева.

По воведните обраќања, настанот продолжи со дискусија во која се вклучи и присутната публика, кои им поставуваа прашања на панелистите во врска со темата.

Ѓорѓиевски одговори на прашањето што го постави Марија Вељовска-Кондовска за тоа дали постои дигитализација во општините. Тој рече дека веќе е почната дигитализација на информациите како што се издавање на детални урбанистички планови само со клик и електронско плаќање што е исклучително важно за да се анулира моментот на контакт на странка со вработен со што ќе се отстрани корупцијата. Нивната цел е за една година да се дигитализираат скоро сите општински процеси, како што е аплицирање за помош на социјално загрозени лица, запишување на децата во градинки и слично, што ќе помогне при зголемување на транспарентноста на општината, но и ќе се намали контактот меѓу граѓаните и администрацијата, што градоначалникот го детектираше како клучно место за корупција.

Амбасадорот Андреј Лепавцов се вклучи во дискусијата со три прашања и тоа: што се случува со процесот на издавање на државни обврзници што некои општини го започнале, што се случува со данокот на имот, и дали концептот на комунална полиција е напуштен?

Министерот Пенов одговори на првото прашање дека целата држава е заглавена во процесот на државните обврзници, а според него за економски просперитет на државата најдобро би било да сите општини издадат обврзници, но таквиот чекор нема сите да го направат, затоа што нивните проекти се за ниско ниво на развој на општините што нема да додаде додатен ефект на општината. Според него, општините кои имаат започнато со издавањето обврзници, го прават тоа за проекти кој нема да донесат зголемени приходи во општината. Околу наплатата на данок, појасни дека процентот на наплата на данок е добар, а проблемот е во евидентирањето на имотот, затоа што не се евидентирани сите имоти кои што треба да плаќаат данок, и општината не може да дојде до таквиот податок. На третото прашање одговори дека комуналната полиција се дебатира, но нема финансии за ангажирање додатни полицајци и додека финансиски не зајакнеме таквиот проблем ќе остане отворен.

Ѓорѓиевски се сложи со министерот за комуналната полиција, за која мисли дека е неопходна, но јасно е дека не постојат финансии, и би требало да се работи на тоа и да не напушти концептот. Во делот на обврзниците смета дека- блокирањето е стриктно политички, и дека не е точно дека проекти се неважни. Тој додаде дека владата го попречува процесот политички, и го воздржува издавањето на обврзниците, кои што се поминати низ сите институции освен од владата. Кога постои различна политичка партија на чело на владата и во општината се јавуваат вакви проблеми, па дури иако општините ги знаат проблемите кои треба да се решат, а владата не ги потпишува.

Пенов додаде дека политички е блокирана државата, па политички се блокирани и обврзниците. Но појасни дека не секогаш проблемот е во тоа, и конкретно постојат случаи како што е Штип кој сака обврзница за изградба на обиколница, а владата се уште го отплаќа другиот кредит кој што општината Штип го има земено.

Никола Тодоровски, член на Европското движење, се обрати кон амбасадорот Маркуш со прашање дали може да се одржи некое традиционално одбележување на Кирил и Методиј, во сите држави во кои што нивното влијание е заедничко.

Маркуш одговори дека во Словачка веќе постојат настани кои ги одбележуваат Кирил и Методиј, и ќе стапи во контакт со организаторите на таквите настани за да се воспостави можност за заедничко славење на празникот, и одржување заеднички настани во иднината.

Кафе-дебатата заврши со благодарност до сите учесници, и продолжи со слободна дискусија меѓу присутните.

Корисни линкови