ПРЕПОРАКИ ОД ВТОРА СЕСИЈА НА РАБОТНА ГРУПА 3 – ПРАВОСУДСТВО И ОСНОВНИ ПРАВА (ПОГЛАВЈЕ 23) – “МЕХАНИЗМИ ЗА ЕФЕКТИВНА БОРБА ПРОТИВ КОРУПЦИЈА“
ПРЕПОРАКИ
3 Јули 2018, Скопје
1. Ургентно формирање на новото антикорупциско тело составено од најкомпетенти професионалци чие ниво на познавање на оваа област и интегритетот на нивната личност да е на исто или повисоко од професионалното и стручното ниво на тие кои ги контролира.
2. При евентуална ревизија на антикорупциското законодавство, експлицитно да се предвидат контролни механизми и основи за одговорност на членовите на ова тело во случај на непостапување или злоупотреба на функцијата.
3. Имајќи ја предвид недоволната транспарентност на јавното обвинителство и дел од судовите во РМ која е клучна за враќањето на довербата во институциите од страна на граѓаните, се предлага редовно и навремено објавување на судските и јавнообвинителските одлуки согласно релевантното законодавство и редовно известување на јавноста за постапувањето во конкретни случаи на овие институции.
4. Во насока на заштита од корупција во правосудството, се предлага во соодветното законодавство да се забранат сите форми на влијание и притисоци врз судиите и јавните обвинители.
5. Согласно измените на Законот за заштита на укажувачите (февруари, 2018 година), се препорачува Министерството за правда како надлежно за вршење надзор над примената на Законот, да ги преземе следните активности: 1. дали јавните институции/установи имаат поставено овластени лица за прием на пријави од укажувачи и, 2. дали соодветните правни акти се јавно достапни до вработените во институциите, односно правните лица.
6. Потребно е утврдување на јасни процедури и определување на надлежноста по институции за практично спроведување на заштита на укажувачите. За таа цел, потребна е ревизија на други релевантни закони во насока на измени и дополнувања заради обезбедување конзистентност меѓу нив и Законот за заштита на укажувачите.
7. Со оглед на недоволниот број на пресуди за случаи на висока корупција, се препорачува да се создадат механизми за реевалуација на работата на судиите и јавните обвинители кои постапуваат во вакви предмети. Во таа насока, во рамките на актуелната правосудна реформа, се препорачува предвидување на вакви решенија во Законот за судовите и Законот за јавно обвинителство.







