Четврта сесија на Работна Група 3 – Реформите во Уставниот суд поврзани со Поглавјето 23

На четврта работна сесија на Националната конвенција за Европската Унија во Република Македонија на тема „Реформите во Уставниот суд поврзани со Поглавјето 23“ на Работната група 3 – Правосудство и основни права оддржана на 12.02.2019 во Клуб на Пратеници, стана збор за потребата да се ослободи судството од политичкото влијание.

„Сите досегашни препораки што Националната конвенција ги упати до Владата можат да се сведат на една основна констатација дека е неопходно да се дејствува во насока на создавање институции независни од политички влијанија“, изјави координаторката на НКЕУ-МК и претседателка на ЕДРМ, Милева Ѓуровска на отворањето на сесијата.
Ѓуровска рече дека за таа цел се потребни отворени дебати, во кои покрај експертите, ќе бидат вклучени и граѓаните.

Дебатниот процес и препораките што и помагаат на Македонија да ги исполни условите за европска интеграција, како што беше речено, не се работа само на институциите, туку на целото општество. Притоа, политиката нема право да се меша во остварувањето на слободата и правата на граѓаните. Честите промени на Уставот од него прават инструмент за остварување пoлитички цели, а тој мора да биде чувар на правата и слободите на граѓаните.

Министерката за правда, Рената Дескоска, рече дека „во системот на заштита на човековите права и генерално грижата за уставноста и законитоста, Уставниот суд несомнено има една од најзначајните улоги и мора да си ја преземе улогата на заштитник на Уставот и на уставноста, а не да биде фактор што ќе предизвикува уставни земјотреси“.

Според неа, во Република Македонија дел од проблемите произлегуваат од недостатоците во уставната рамка за работењето на Уставниот суд. Исто така, е особено значајно покажувањето личен интегритет од страна на оние кои седат во Уставниот суд, додаде Дескоска, која рече дека очекува во процесот на реформите и желбата за воспоставување систем на владеење на правото, Уставниот суд да се однесува согласно стратешката определба на Република Македонија.

Еден од клучните проблеми нотирани во дејствувањето на Уставниот суд, како што рече Дескоска, е тоа дека често пати тој ја имаше маската на политички орган, наместо на неутрален орган што ќе го интересира единствено заштитата на Уставот и на човековите права во сферата во којашто им е дадена како право.

Професорката на Правниот факултет при УКИМ, Гордана Силјановска, пак, изрази надеж дека тоа нема да биде како чекањето на Годо и дека нашиот Уставен суд конечно ќе стане проактивен и ќе одигра важна улога во демократизацијата на државата како во многу земји. Тоа значи и дека ќе се напушти „едноумното комунистичко собрание со пратеници што гласаат како што ќе им кажат партиските лидери“ наместо да биде институција што води битка за демократија.

Директорката на Академијата на судии и обвинители, Наташа Габер – Дамјановска, посочи дека е потребно реформите да се направат целосно за Уставниот суд да биде не само ефикасен туку и ефективен, бидејќи досега од сите досегашни предмети во само 1 евентуално 2 случаи имало констатирано повреда на правата. Исто така, според неа се потрени и реформи на деловникот, кој е акт од 1992 година и повеќе претставува пречка во рабтотата на судот.

Словачкиот експерт Радослав Прохаска, инаку кандидат за уставен судија на Република Словачка, изјави дека работата на Уставниот суд секогаш зависи од работата на судиите, па затоа нема вистински реформи ако и самите судии не се „реформираат“. Исто така, тој инсистираше дека при изборот на судии мора да учествува и опозицијата. Ви советувам, рече тој, да ги вклучите медиумите и граѓанскиот сектор да извршат притисок врз системот.

Денис Прешова, асистент на Правниот факултет при УКИМ како потврда на тоа рече дека судиите веќе подолго време одбиваат да излезат од нивната конфортна зона, па дури одат и до таму што некои од нив сметаат дека на судот не му се потребни реформи. Сепак, задача на експертите е да обезбедат вистинска „конституализација“ на судството, бидејќи според него постои „криза на конституционализмот“. „Нашиот Уставен суд треба да биде на чело на европеизацијата, што за жал не е случај“, изјави тој.

Александра Деаноска, професорка на Правниот факултет при УКИМ, заклучи дека во реформите „треба да почнеме од нула“, оти ако бидеме искрени и си признаеме дека тешко е да избегаме од менталитет со кој „секој ги чека своите пет минути да дојде на власт“.

На крајот на сесијата беа усвоени 9 препораки.

За слики од настанот кликнете тука

 

Public Public Public Public