Дебата: „Иднината на Европа и иднината на проширувањето“

Европското движење во Република Северна Македонија, кое дејствува во рамките на Меѓународното европско движење со седиште во Брисел, на 19 Мај организираше дебата на тема „Иднината на Европа и иднината на проширувањето”, како завршница на овогодишното одбележување на 9 Мај, Денот на Европа. На дебатата што се организираше во соработка со „Конрад Аденауер” и Делегацијата на Европската Унија, учествуваа претставници на дипломатскиот кор, како и високи претставници на македонските институции во чија надлежност се евроинтеграциите.

Дебатата ја отвори Проф. Милева Ѓуровска, претседателка на Европско движење, која најпрво ги поздрави присутните и соопшти дека оваа година е 30 годишнината од основањето на Европско Движење. Таа нагласи дека секоја година е одбележан денот на Европа и мило и е што оваа година одбележувањето завршува со овој настан. Според неа, Евроинтеграцијата мора да продолжи и потенцираше дека Балканот не е периферија, туку дел од заокружувањето на проектот на обединета Европа.

Следен збор зема Даниел Браун, официјален претставник на Фондацијата Конрад Аденауер, кој кажа дека КАС и Германија се долгогодишни поддржувачи на Евроинтеграцискиот процес, уште од 2005 година. Со пандемијата фокусот на ЕУ, за жал, се сврте кон себе и нагласи дека ЕУ е составена од демократски земји и сите имаат свој став и право на практикување на истиот. Токму затоа, некогаш некои работи се одвиваат поспоро од очекуваното, но сепак нагласи дека засега нема подобар систем од демократијата.

Тој се осврна и на вториот билатерален проблем со кој се соочува Северна Македонија, и призна дека е сосема нормално да се размислува и за други геополитички партнери. Сепак, просперитетот, безбедноста и соработката која ја нуди ЕУ, е многу поголема од било која друга понуда и е поголема од било кој билатерален спор. Ја повика Европската Унија да ги покаже своите вредности и да биде обединета во различностите, како што е и мотото на унијата.

Веднаш потоа, модераторот Васко Наумовски, поранешен заменик претседател на Владата, задолжен за европски прашања, ги најави присутните и кажа дека му е мило што со вакви настани КАС 20 години ги подржува овие евроинтеграциски процеси. Македонските преговори ги претстави како пат со многу успони и падови, но и пат од кој не смееме да се откажеме.

Прва во дебатата збор зема Н.Е. Анке Холштајн, амбасадор на Сојузна Република Германија, која ја презентираше идејата за “Future of Europe”, која им дава на луѓето шанса да кажат во каква Европа сакаат да живеат. Таа нагласи дека консензусот како практика е сеуште тука и покрај повеќето обиди да се промени, и дека токму проширувањето е најголема жртва на тоа. „Можно е една држава да блокира 26 други и тоа го знаеме сите“ – рече Н.Е Холштајн.

Според неа ЕУ мора да го држи процесот отворен за сите земји кои сакаат да станат членки на унијата, доколку ги исполнуваат потребните барања. Во спротивно, ќе се отвори врата за други влијанија во регионот.

Зборувајќи за Северна Македонија, таа кажа дека земјата има направено повеќе жртви од голем број на земји членки со промената на името и на уставот.

За жал земјата доби нови барања и сега од ЕУ се бара да биде судија на историско толкување, што не е работа на унијата. Со ова се комплицира процесот за пристапување, кој е сложен и без тоа, и ги става под знак прашалник сите идни отворени поглавја, дури и во случај на отпочнување на преговорите. Процесот е сложен и не смее да биде подложен на интерпретации. Нагласи дека билатералните проблеми мора да се решаваат билатерално, нагласувајќи дека земјата мора да биде спремна и да го искористи евентуалниот почеток на преговорите со брзо затворање на истите.

По ова излагање на Н.Е Холштајн, збор зема Калинка Габер, државен секретар при секретаријатот за европски прашања. Според неа, процесот на проширување е тест за геополитичката моќ на ЕУ и желбата да биде геополитички играч. Таа желба може да се исполни само ако е интегриран регионот. Нагласи дека ЕУ го ризикува кредибилитетот со неисполнувањето на своите ветувања, што прави многу потешко да се прават тешки одлуки.

На крај, потенцираше дека дебатата за иднината на Европа не смее да биде оставена само на граѓаните на ЕУ членките, туку на сите европјани, бидејќи од оваа конференција ќе зависи понатамошниот пат кој ќе го земе ЕУ кон многу прашања.

Александар Николоски, претседателот на националниот совет за евроинтеграции беше следен говорник, и тој изрази задоволство што сите големи политички партии се за ЕУ интеграции и тоа е голем плус. Според него, блокадите се поврзани со суштината на нејзиното постоење во оваа форма. Нагласи дека мора да ги погледнеме работите во очи и да престанеме да бегаме од вистината.

Проблемите ги детектираше на 2 места:

  • Дел од земјите членки не сакаат проширување на унијата
  • Македонските политички елити не созреаа доволно за да испорачаат се што треба без да бидат форсирани од надвор

На крајот, побара интензивирање на регионалната соработка, посериозна борба со корупцијата и инвестиции во инфраструктурата преку европските фондови.

По Николоски, збор зема Арта Биљали – Зендели, заменик претседател на комисијата за европски прашања, која нагласи дека не смееме да ги заборавивме идеите на Шуман. ЕУ се справува со проблеми во целото свое постоење, а сега КОВИД е број 1 проблем, што ги става сите други прашања во втор план. Според неа, не е прашање дали ќе одиме по евроинтеграцискиот прат, туку да дискутираме за како да ги исполниме барањата побрзо.

Последен збор зема Мухамед Халили, амбасадор и претседател на советот на амбасадори. Според него, оваа Европа не е таа на Шуман, замислена за експлоатација на јаглен и челик, туку ова е Европа на соработка и човекови права. Сепак, пандемијата докажа дека Европа сеуште не е спремна за толку длабока соработка и тоа се виде при набавувањето на вакцини и останата медицинска опрема. Нагласи дека не се сомнева во капацитетот на ЕУ да ја надмине и оваа криза.

Во однос на Северна Македонија, ги сподели искуствата од неговиот престој како амбасадор во Данска, кога државата била лидер во регионот и се очекувало прва да ги започне и заврши преговорите. Сепак, нерешавањето на проблемот со корупцијата, е голем пораз за политичарите. Политичарите вината редовно ја префрлаа на Грција и Бугарија и вистинските проблеми ги туркаа за понатаму, без да ги признаат вистинските недостатоци на државата и да работат на нив, посебно нагласувајќи го правосудниот систем.

По завршувањето на овој дел, Проф. Ѓуровска ја додели плакетата на Д-р. Илир Демири и ја затвори дебатата заедно со Даниел Браун, каде се заблагодарија на присутните за учеството и посакаа уште повеќе вакви успешни дебати.