Дебата на тема: „Спортот во македонското општество: Имаме ли соодветен пристап кон спортот и физичката култура? “

На 7 декември 2022, во Битола, Европското движење (ЕММК) ја додели плакетата „Европска личност на годината“ со која се наградуваат секоја година заслужни лица кои промовираат и спроведуваат европски вредности, но ја промовираат и РС Македонија низ европскиот (светскиот) простор. За Европска личност во 2021 година беше прогласена Оливера Наковска Бикова – рекордерка во стрелаштво. Оваа награда беше најавена уште во текот на месец мај 2022 година по повод одбележувањето на Денот на Европа, но поради подготовките за европските и светските првенства нејзиното доделување беше одложено.

Во нејзината исклучително богата спортска кариера таа има освоено: Златен медал на светското првенство во Обединети арапски емирати (2022), Златен медал на Пара-олимписките игри во Лондон (2012), Златен медал на Европско првенство (2001), над 15 сребрени и бронзени медали на светско и европско ниво, повеќекратен државен шампион во Македонија и над 10 медали на европски и меѓународни купови. Зад скромноста и успехот постигнат со голема посветеност и пожртвуваност се истакнува големината на оваа Личност која пренесувајќи врвни човечки вредности го развеа македонското знаме низ целиот свет. Оваа плакета ја изразува благодарноста на граѓаните за високиот професионализам, за истрајноста во напорите да се срушат препреките од секаков вид и  признание за нејзините успеси како успех на целата нација. При доделувањето на плакетата и скромната награда (авторско дело од сликарот Никола Бутров) претседателката на Европското движење, проф. д-р Ѓуровска истакна дека во период од 31 година од дејствувањето на Европското движење оваа титула е вредна поради самата група, односно поради личностите кои го добиле ова признание: Ана Дурловски, Борис Трајанов, Борис Трајковски, Вања Ефремова, Влатко Стефановски, Живко Мукаетов, Јован Балов, Луан Старова, Љупчо Коцарев, Сашко Коцев, Симон Трпчевски, Тоше Проески, Горан Пандев, Кристијан Даниловски и Миливој Ѓорѓевиќ (FX3X), Илир Демири и други.

По повод доделувањето на наградата беше одржана и панел дискусија на тема „Спортот во македонското општество: Имаме ли соодветен пристап кон спортот и физичката култура? “ На дебатата покрај Оливера Наковска Бикова учествуваа проф. д-р Милева Ѓуровска и проф. д-р Константин Миноски од ЕММК, Кире Грбевски професор по физичка култура и тренер, како и повеќе млади спортисти од Битола.

Заблагодарувајќи се за плакетата Оливера Наковска Бикова таа се осврна на нејзиниот пат до успешната спортска кариера.  Со присутните млади спортисти од Битола ги сподели проблеми со кои се соочила. Според неа несоодветната инфраструктура за вежбање не ја намалила љубовата која ја чувствува кон спортот, која и денес е она што ја мотивира да продолжи и понатаму да се натпреварува, иако веќе ги има освоено сите медали кои може да се освојат во нејзината дисциплина. Зборувајќи за последниот успех, освоениот златен медал во Абу Даби, таа ја потенцираше потребата од добар тренер и целокупен тренажен процес. Според неа, тренерот е токму тој кој може да ве извлече од „дупка“ и да го извлече најдоброто од вас. Се заблагодари на нејзиниот тренер Бранимир Јовановски, кој го направил токму тоа и покрај релативно лошиот старт на првенството, таа сепак се пласирала во финалето, на крај освојувајќи го светското првенство.

Професорот и фудбалски тренер, Кире Грбески, искажа задоволство од можноста да учествува во дебата која се води со еден врвен спортист како Наковска Бикова. Тој ги мапираше проблемите со кои се соочуваат спортистите во општина Битола. Меѓу суштинските проблеми е недостигот од терени за тренирање и недостиг на соблекувални и топла вода. Посебен проблем е начинот на финансирање. Се подржуваат големите клубови од страна на општина со што се намалуваат можностите за развој на аматерскиот спорт во локалните средини, а тоа би бил најдобриот начин за креирање на еден врвен спортист. Според него, треба да се развиваат стратегии за финансирање на професионалните спортски екипи од страна на приватните компании што би придонесло за нивна поголема професионализација и поголем успех. Постоечките стратегии не придонесуваат, ниту за нивниот развој, ниту за градење на соодветна инфраструктура за младинско и рекреативно спортување.

Професорот Константин Миноски истакна дека професионалниот спорт е еден голем бизнис и особено спортистите денес мора да бидат под строг режим на исхрана, тренинг и опоравување, со цел тие да достигнат врвна форма. Тој сподели неколку примери од други држави каде спортските клубови имаат развиени практики за поддршка и тренирање на млади спортисти со цел да се развијат, не само како спортисти, туку и како личности.

Младите спортисти (од различни екипни и индивидуални спортови) ги споделија своите искуства и проблемите со кои се соочуваат. Двајца фудбалери зборуваа за недостиг на терени за тренинг. Имено, во еден термин, на едно фудбалско игралиште тренираат пет различни школи. Секое училиште има по 20 метри за тренинг. Невозможно е во такви услови да се тренира, а тешко им е на тренерите да ги вежбаат нивните замисли за игра. Но, не се подобри условите кои следат по тренингот т.е. недостасуваат вистински соблекувални со тушеви и топла вода што ги изложува спортистите на здравствен ризик. Посебно беше истакнат проблемот со повредите на спортистите и процесот на рехабилитација бидејќи не постојат услови за брзо закрепнување и враќање на теренот.

Една млада фудбалерка се пожали дека се соочуваат и со дискриминација. Доколку на теренот дојдат машки екипи за тренирање, тогаш  женските екипи треба да го напуштат теренот бидејќи според некое не напишано правило  има приоритет машкиот фудбал. Поради несоодветна инфраструктура при лоши временски услови тренинзите се откажуваат што е дополнителен хендикеп за секој млад спортист.

За спортистите кои се реализираат во затворен простор проблемот со просторот е секојдневие. Многу млади пливачи и пливачки се откажуваат од спортот заради недостатокот на затворен олимписки базен во Битола, додека боречките вештини се во пад заради немањето на греење во салите.

Во завршниот дел од дебатата Оливера Наковска Бикова истакна дека таа и ден денес, по долгогодишна кариера и освоени медали сѐ уште нема соодветна инфраструктура за нејзиниот спорт, односно стрелиште според сите стандарди, но и покрај тоа се уште е рамо до рамо со светската спортска елита која сигурно тренира во подобри услови. Меѓутоа, инфраструктурата не може да биде причина доколку постои силна волја. Наковска-Бикова ѝм препорача на младите да бидат истрајни и посветени во спортот кој го избрале, и тогаш кога условите се оскудни. Потребно е општественото опкружување да покаже повеќе разбирање за женските спортови давајќи им поддршка на младите девојки да продолжат со градење на нивните спортски кариери.

Корисни линкови