Деветта сесија на Работната група 3 – Правосудство и основни права (Поглавје 23) на тема „Нов извештај на Европската комисија – стари проблеми: Како до поголема ефикасност во изрекувањето и извршувањето на мерката конфискација на имот“.

Во организација на Европското движење денеска, 10 Ноември 2021, во Клубот на пратеници се одржа деветтата сесија на Работната група 3 – Правосудство и основни права (Поглавје 23) во рамките на Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија на тема „Нов извештај на Европската комисија – стари проблеми: Како до поголема ефикасност во изрекувањето и извршувањето на мерката конфискација на имот“. На дебатата учествуваа заменик-шефот на Делегацијата на Европската Унија, Џулијан Васало, словачкиот амбасадор, Хенрик Маркуш, македонски и словачки правни експерти, адвокати, универзитетски професори, како и претставници на Јавното обвинителство, Основниот кривичен суд, Агенцијата за управување со одземен имот и управите за финансиска полиција и финансиско разузнавање.

Учесниците на дебатата заклучија дека конфискацијата на имот претставува една од најефикасните, најважните и најрелевантни алатки во борбата против корупцијата и економскиот криминал. Законската рамка во однос на конфискацијата на имот во државава, како што беше заклучено, е неконзистентна и има многу недоследности и важно е да се работи на отстранување на неусогласеноста меѓу институциите и на зајакнување на меѓуресорската соработка.

{"item":{"showCaptionTitle":true,"showCaptionDescription":true},"lazy":true,"template":{"loop":true}}

„Криминалците треба да се удрат таму каде што најмногу боли, а тоа е да им се одземе пленот. Со тоа им се праќа порака дека криминалот не се исплати“,  изјави словачкиот експерт.

Тој рече дека голем дел од профитот останува во рацете на криминалците, наведувајќи податок дека приходите од казнени дела во ЕУ се над 110 милијарди евра годишно, но и покрај сите тие напори стапката на конфискација на криминално стекнат имот во ЕУ е само 1,1 процент што, според него, е разочарувачки. Како што рече тој, во рамките на стратегијата 2019-2024 ЕУ има донесено директиви со пакет предлози за конфискација на имот, со цел да се заштити правната економија и настојува сите мерки да бидат соодветно спроведени за да се држи чекор со сите трендови за внатрешниот пазар. Исто така, постои Директива за борба против перењето пари како и Директива за замрзнување и конфискување на средствата со кои се врши криминал. Тој смета дека финансиските истраги треба да бидат мултидемензионални и да ги сочинуваат сите видови кривични истраги за организиран криминал, да се користат заеднички истражни тимови, да се користат капацитетите на Европол и да се изработи сеопфтен акциски план за финансиските истраги. Мајерник додаде дека е важно и да се зајакне соработката со трети земји во спроведувањето на финансиските истраги и во таа смисла ЕУ да ја зајакне правната рамка за управување со замрзнатиот имот, како и да се обезбеди пософистицирана платформа меѓу управите за финансиско разузнавање.

Џулиан Васало, заменик-шеф на Делегацијата на Европската Унија изјави дека е важно навремено да се извршува реформската агенда на земјава.

„Правна и институционална рамка постои и веќе е постигнат голем напредок во носењето на дел од законите. За да се зајакне правосудниот систем важно е доследно да се спроведе законската рамка и во тој поглед е постигнат напредок со тоа што земјата продолжи да работи на истраги за неколку случаи за висока корупција, ја зајакна улогата на институцијата за заштита од корупција, но потребни се уште напори во делот на перењето пари“, рече Васало.

Националната координаторка на НКЕУ-МК и претседателка на Европското движење во земјава, професорката Милева Ѓуровска, во обраќањето на сесијата истакна дека размислувајќи за последиците од корупцијата, анализите на меѓународен план покажуваат дека за секое евро присвоено на криминален начин, јавните ресурси стануваат посиромашни за три евра. Таа посочи дека мерката конфискација на имот е многу важна во спречувањето и борбата против корупцијата, бидејќи нејзиното отсуство во казнените мерки може да ја испрати пораката дека ресурсите стекнати преку злоупотреба на јавните функции можат непречено да бидат користени.

„Ваквата состојба кроупцијата ја подига на степен на норма пренасочувајќи го интересот на луѓето од активости кон коруптивни активности, најдобро изразена преку реченицата креираната од народот „Кој денес се збогатил од работа?“. Заклучокот е дека наместо да се користи својот талент и работна способост за да се создадат богатства, поединците се фокусираат на прераспределување на јавните ресусрси, кои стануваат сè пооскудни, а резултатот е презадолжување на државите, заклучи Ѓуровска.

Професорот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Никола Тупанчески, истакна дека конфискацијата на имот претставува една од најважните и најрелевантни алатки за сузбивање на економскиот криминал.

„Конфискацијата на имот претставува инструмент или механизам што ќе овозможи да се негира криминалниот принос или приносите што се стеканти со кривично дело. Во Извештајот на ЕК е констатирано дека има позитивно поместување на нештата тука, меѓутоа суштинско е прашањето дали во нашето општество има преголеми очекувања или се премали резултатите што ги постигнуваме“, истакна тој.

Тупанчески оцени дека фактот дека во државава во последниве десет години во ниту еден град не е изречена мерката конфискација на имот, освен во Скопје, говори дека нешто треба да се менува во однос на ефикасноста, во однос на примената на конфискацијата на имот. Според него поважна е надградбата или инструментот проширена конфискација, односно да биде изречена конфискацијата без правосилна пресуда, која практично во Македонија и да не е изречена, иако постои од 2009 година. Една од причините за овој проблем, како што рече е правната недореченост, поради што во моментов се работи на нов Кривичен законик и Закон за кривична постапка, што е важна можност да се корегираат овие работи.

Исто така, проблем е и неусогласеноста меѓу институциите. Тоа е факторот меѓуресорска соработка. Има седум институции што се специјализирани и што би требало да ја применуваат оваа мерка, конфискација на имот и имотна корист, но изостанува координацијата, рече тој, додавајќи дека од 1 јануари 2022 е најавено оти ќе има нова платформа каде што ќе има интероперабилност и сите институции ќе бидат поврзани меѓусебе, и на тој начин ќе биде зголемен и степенот на соработка меѓу нив.

Фросина Тасевска, државен советник за евроинтеграции во Министерството за правда, истакна дека Кривичниот закон е во голема мера усогласен со стандардите на ЕУ со висока оценка пет, според оценките што ги дава ЕК, но од друга страна констатирано е дека има голем број национални стратегии за борба против организиран криминал, тероризам, мигранти… и следно што треба да се случи е нивна практична примена.

„Како проблем што мораме да го напоменеме, што се јавува во соработката со ЕК, бидејќи на годишно ниво ни доставуваат статистички податоци, е проблемот со статистиката за конфискација на имот. Тоа значи дека немаме исти податоци, немаме унифициран начин на водење на статистиката и од аспект на конфискација на имот и имотна корист и одземени предмети“, истакна Тасевска.

Ленче Ристовска, обвинителка во ОЈО – Скопје, истакна дека законската рамка во однос на конфискацијата на имот е неконзистентна и има многу недоследности.

„Често кога говориме за мерките за привремено обезбедување на имотно побарување, велиме дека тие ги одобрува Советот на главна расправа, меѓутоа законодавецот тука не го користи терминот главна расправа, туку го користи терминот претрес што е еден рецидив од претходноот законодавство. Исто така, кога се определени мерките за привремено обезбедување имотна корист во членот 535 од ЗКП се референцира на член 194, иако во тој член нема предвидени посебни мерки и е тоа е техничка неусогласеност на законот, рече таа. Според неа, сите пропусти на законодавецот упатуваат на тоа дека законодавецот немал системски пристап кога ги регулирал овие мерки.

„Сите нелогичности во Законот за кривична постапка, во делот како се регулирани мерките за приремено обезбедување, сметам дека треба да се унапредат и дека треба да ги адресираме со цел да се обезбеди воедначен пристап на законодавецот во однос на сите мерки за привремено обезбедување, но прво теба да се заземе стратешки пристап каде ние би се движеле со овие мерки“, додаде Ристовска.

Заменик-директорот на Управата за финансиска полиција Бесим Деари, рече дека Управата е активна и во преземањето и на дејствијата во врска со финансиски истраги што ги презема по сопствени иницијативи, на барање на надлежниот обвинител и други институции, кои посочуваат на постоење основи на сомнение за сторено кривично дело, а врз основа на кои може да се утврди постоење на нелегално стекнат имот.

„Финансиски истраги каде постојат основи на сомнение за сторено кривично дело или нелегално стекнат имот е сложен процес за кој е потребно време и големи ресурси. Самите истраги не се само проверка на банкарски сметки, туку тие претставуваат сеопфатно истражување и добивање оперативни податоци за утврдување на состојби на нелегално стекнат имот евидентиран на свое или туѓо име“, рече Деари, додавајќи дека поради обемноста на истрагите, потребно е зајакнување на капацитетот на институциите во оваа област.

Судијката во Основниот кривичен Суд Скопје, Оља Ристова, се осврна на самите постапки што се водат во Основниот кривичен суд, како и на Извештајот на ЕК во кој се препорачува да се зголеми бројот на пресуди во случај на корупција од повисоко ниво, проследени со конфискација.

„Тука е констатирано дека во 2020 година се замрзнати сметките во еден случај, додека во два случаи се изречени привремени мерки за забрана за користење, оттуѓување и располагање со недвижен имот. Во три случаи на наводна корупција со првостепена одлука, која не е правосилна се конфискувани пари и луксузна стока, додека во 2021 година во еден случај е замрзнат движен и недвижен имот и акции од значителна вредност“, посочи Ристова.

Директорот на Агенцијата за управување со одземен имот Фатон Асани, рече дека Агенцијата е последната алка од синџирот конфискација. Тој смета дека Агенцијата всушност треба да добие еден готов производ од страна на судските институции, и оти тие треба да бидат негови извршители.

Блажо Трендафилов, директор на Управата за финансиско разузнавање, истакна дека обврската на Управата е да ги открива нелегалните финансиски средства што влегуваат во системот, додавајќи дека и приватниот сектор има обврска да поднесува извештаи за сомнителни финансиски активности.

Дарко Аврамовски од коалицијата Сите за правично судење вели е неопходно унапредувања на моменталните законски решенија, бидејќи самите закони имаат нејаснотии што придонесуваат за неискористување на мерката.

„Постои голема неискористеност и тоа е главниот проблем, бидејќи нема востановено практика, а од друга страна не постои и воедначена методологија меѓу институциите за следење на примената на мерката и прибирање на податоците“, рече Дарко Аврамовски.

За поуспешно и почесто имплементирање на мерката конфискација е подготвен закон за потекло на имот кој се очекува да помине во Собранието. Драфт-верзијата на законот предвидува конфискација на имот на сите кои нема да можат да го докажат потеклото на имотот во вредност од над 30 илјади евра што бил стекнат претходната година, а тој покрај за функционерите, ќе се однесува и на сите граѓани.