Европска личност за 2022 година – Томислав Османли, писател, сценарист, драматург, есеист, критичар..

По повод одбележувањето на 9 Мај, Денот на Европа, Европското движење и оваа година остана доследно на својата традиција доделувајќи ја наградата – „Европска личност на годината“ на Томислав Османли, исклучително ангажираниот писател на македонската и меѓународната книвжевна сцена, сценарист, драматург, теоретичар на медиумите, критичар, новинар, есеист … Наградата беше доделена на големата свеченост одржана на 18.05.2023 година ( Рагуза – Rooftop) во присуство на претседателот на државава Г. Стево Пендаровски, Амбасадорот Дејвид Гир, Амбасадорката Ами Ларсон Џајн, други претставници на дипломатските претставништва, пратеници, градоначалници, но и многу младинци од средните училишта и универзитетите.
На пистелот Османли наградата му ја врачи проф. д-р Милева Ѓуровска – претседателка на ЕММК истакнувајќи дека оваа награда е признание со голема симболична вредност бидејќи доаѓа од страна на граѓаните кои умеат да ги препознаат вистинските вредности.
Во своето импресивно обраќање Г. Османли истакна:
„Високо сум почестен со признанието кое штотуку ми е врачено. Откако паметам за себе си инклузивноста ја сметам за највисоката етичка и социјална вредност. Пред сѐ европската инклузивност. Европа беше мојата перманетна – политичка, авторска и човечка преференција имајќи предвид дека таа беше континент на прогресивни и на млади идеи кои беа толку атрактивни (инклузивни!) во нејзините формативни години, како впрочем и во виталните европски години од минатиот век. Беше тоа време на отвореност, во кое ние од Југославија слободно патувавме низ европските земји и во сите нив носевме дел од нашите вредности, а пото – обратно – во нашите простори, дух и култура носевме вредности, идеи и творби од европските земји…“
– „Бев првиот македонски новинар кој на крајот од 1980-те направи интервју со госпоѓата Катрин Лалимиер, претседателка на Советот на Европа, со претседателот на Судот за човекови права и други личности во Европскиот парламент во Стразбур. Тоа сега, кога сме членови на таа европска заедница e terra cognita, но во она време кога Југославија со тоа и Македонија претендираа на членство, тоа беше многу значајно… Наспроти превалирањето на прагматизмот во новово време – Европа која мене најсилно ме грешееше, беше заедницата поставена врз идеите и визиите на големите историски лидерски појави во ерата по Втората светска војна. Тие ги експандираа границите на демократијата и на другите европски вредности и преку најшироките хоризонти на Континентов.“
– „И како писател, и како граѓанин и самиот не престанувам да ја имиганирам Европа развиена според големите изворни визии на нејзините креатори, за Европа на правичност и еднаквост, за Европа на соработка; за миротворна Европа! ; за Европа на силните економии, но постулирана примарно врз моќта на знаењето, на политичките идеали, на писменоста и на естетската убавина раскошно развиени токму на нејзиното тло, врз своето разнообразно хуманистичко наследство, вредности, учења и идеи – од атинската демократија на Солон, Перикле и политичката мисла на Аристотел, римската јуриспруденција, идеите на Русо и Волтер и воопшто на плејадите нејзини еманципаторни и филантропски мислители; за Европа на духот и на непоразените етички идеи – за Европа на т.н. „златното етичко правило“ специфично и за други култури, но нам најблиско формулирано од евангелистите Матеј и Лука („Не правете им го на другите она што не сакате да ви го прават вам!“) – до категоричкиот императив на Имануел Кант од „Критиката на чистиот ум“ („Делувај така што принципот на твоето делување да може да стане принцип на работа и на сите останати!“). Европа на новото време за мене е ревитализирана конфедерација на слободни и еднакви држави и култури, политичка и интеркултурална заедница на општите, на зеничките и на посебните интереси и вредности на државите и нациите, меѓу кои – како и најголемиот дел од моите надежни сограѓани – и самиот за темелна ја сметам – нејзината отвореност и нејзината рамноправна инклузивност! Еве во името на тие уверувања, доволете ми, уште еднаш, срдечно да се благодрам за исклучителната привилегија да бидам прогласен за европска личност за 2022 година!“, истакна Османли.

Корисни линкови