Извештај од семинарот и генералното собрание на Меѓународното европско движење одржани на 7 и 8 ноември 2019 година во Хелсинки, Финска

МАКЕДОНСКОТО ЧЛЕНСТВО ВО ЕУ ВО ФОКУСОТ НА МЕЃУНАРОДНОТО ЕВРОПСКО ДВИЖЕЊЕ

На дводневниот семинар што се одржа на 7 и 8 ноември 2019 година во Хелсинки, Финска, во организација на Меѓународното европско движење (МЕД) во соработка со Канцеларијата за врски на Европскиот парламент во Хелсинки учествуваше тричлена делегација од Европското движење на Република Северна Македонија (ЕММК) во состав проф. д-р Милева Ѓуровска, претседателка, д-р Марија Велјовска Кондовска, генерален секретар и д-р Маја Манчевска, член на претседателството.

Манифестацијата беше поделена во два работни дена.

ПРВИОТ ДЕН беше организирана дебата на тема „Иднината на Европа: Наследството на финското претседателство со ЕУ“ во Хелсиншкиот музички центар. На отворањето на првата сесија воведно излагање одржа европратеникот и потпретседател на Меѓународното европско движење, Брандо Бенифеи. Тој зборуваше за иднината на Европа, која треба да се потпре на, како што рече,„борбата за нашите права и вредности“. Потоа следуваше Панел-дискусија, во која се вклучија Марија Хајдер, директор за јавна политика во Европа во МЕТРО АГ и благајник на МЕД, Ана Видегрен, генерален секретар на Европскиот младински форум и Џереми Вејтс, генерален секретар на Европското биро за животна средина, кои секој од својот домен даде осврт на активностите во претходната година.

Темата на втората сесија беше „Иднината на Европа: Трио програма“. Главниот говор го одржа министерката за европски прашања во Финска, Тити Тупураинен. Таа се осврна на најважните точки и активности за време на финското претседавање со Советот на Европската Унија. Меѓу другото, таа истакна декана преземањето на шестмесечното ротирачко претседавање под мотото „Одржлива Европа – одржлива иднина“ ,Финска се фокусирала на социјалната, економската и еколошката одржливост на Европа. Меѓутоа, надежта дека оваа есен ќе биде донесена одлука Северна Македонија и Албанија да почнат преговори за членство во ЕУ како важен чекор напред во Европската Унија, го помести фокусот кон Балканот и проширувањето. Поголемиот дел од дебатата во оваа сесија беше посветен на нашата држава и француското противење да ни се одреди датум за преговори. Самиот факт што огромен број учесници во своите излагања и дискусии се задржаа на ова прашање покажа дека во Европската Унија постои свест за тоа каква штета му е нанесена на македонското општество и покрај тоа што ја исполни домашната задача, па дури и го смени уставното име. Во таа насока беше поставено и прашањето од македонската делегација како по француското „не“ кај македонските жители да се задржи довербата во европските вредности, кога не се почитуваат ветувањата. На тоа финската министерка за европски прашања одговори дека недобивањето датум за преговори на Македонија со Унијата фрли сенка на претседавањето на Финска, која го презеде претседателството со Советот на ЕУ од Романија, а на 1 јануари 2020 година ќе го предаде на Хрватска.

„Сведоци сме колку важни чекори направи вашата Влада кон остварување на целта за пристапување кон Европската Унија“, рече таа, изразувајќи жалење што Финска нема да ја запаметиме како држава за време на чие што претседателство со ЕУ сме добиле одлука за почеток на пристапни преговори, иако тоа беше претходно ветено.

Големо жалење и разочарување изрази и амбасадорот на Република Хрватска во Финска, Јосип Блујевиќ. Тој рече дека Хрватска ќе се заложи и ќе вложи големи напори да се поправи оваа неправда и на самитот идната пролет да се издејствува датум за преговори, како многу важно прашање не само за безбедноста и просперитетот на Балканот, туку и на самата Унија, и покрај тоа што Брисел е преокупиран со други работи како Брегзит, бегалската криза…

„Дебатата за пристапување на Северна Македонија и Албанија ќе се интензивира за време на хрватското претседавање“, рече хрватскиот амбасадор и упати честитки до нашата држава за постигнатиот напредок особено по потпишувањето на Договорот од Преспа, што, потенцираше, е знак за ЕУ како може на добро организиран начин и со добра волја да се постигне договор за решавање на отворени прашања. Позитивна одлука за пристапните преговори ќе биде заеднички успех и важно охрабрување да продолжиме по патот што одамна го зацртавме -Македонија да стане модерна европска демократија.

На третата сесија на тема „Иднината на Европа: Новиот Европски парламент“ дискутираа европратеничката Силвија Модиг (GUE / NGL), европратеничката Сирпа Пјетикаинен (ЕПП), европратеникот Вил Ниинисти (ЕГП), европратеничката Миапетра Кумпула-Натри (С&Д) и пратеникот и претседател на Финското европско движење, Јуони Оваска, при што, исто така, се анализираа жешките теми на европската дебата од гледна точка на новиот Европски парламент, кој неодамна почна со работа.

Нашата убедлива приказна во однос на евроинтеграцијата и постигнатите добрососедски односи, контекстот колку време чекаме, од  кога почнавме да одиме по патот и влогот што ќе значи позитивна одлука за нас, за регионот и за ЕУ и што значи негативната одлука доминираше и на панел-дискусијата на Генералното собрание на Меѓународното европско движење што се одржа ВТОРИОТ ДЕН (8 ноември) во Конфедерацијата на финската индустрија. Притоа, беше констатирано дека европските вредности се на удар и тоа овојпат ударот доаѓа токму од Европската Унија, како и од десничарските политички движења, националниот популизам и геополитичките превирања предизвикани од
нестабилните суперсили што ја оспоруваат европската база на вредности.

Освен што се дебатираше за големите проблеми со кои се соочува Европа, организациите членки на Меѓународното европско движење на Генералното собрание, исто така, разговараа и за состојбата на националните европски движења, како и за тоа што ќе следи наредната година за градење подобра Европа со акцент на европската интеграција. Свое обраќање имаше европратеничката и претседателка на МЕД, Ева Мејдел, која рече дека се залага за обединета и просперитетна Европа, а посебен интерес предизвика излагањето на поранешниот фински премиер, Александар Стуб. Исто така, претставници на дел од националните европски движења, меѓу кои и македонското, ги изложија своите активности во тековната година. Наредното генерално собрание е закажано за ноември 2020 година во Берлин.

Панел-дискусијата на тема: “Future of Europe: Legacy of the Finnish EU-Presidency” може да се проследи на линкот https://bit.ly/2NNEI91

 

 

Public Public Public Public