На 28 мај 2025 година, во соработка со Конрад Аденауер Штифтунг и Вилфред Мартенс Центарот за европски студии го одбележавме Денот на Европа, под мотото: „25 години поддршка на евроинтегративниот процес и демократскиот напредок на Северна Македонија“. Настанот започна со изведба на химните на Северна Македонија и Европската Унија од страна на детскиот хор „Пиколо“.
Во воведниот говор, проф. д-р Милева Ѓуровска ја истакна важноста на владеењето на правото и сподели дека нарушувањето на принципот на еднакви критериуми за членство ја разниша довербата во процесот. Таа ја сподели пораката на Европското движење – „Интеграција преку дела“ и ја нагласи работата во Националната конвенција за Европска унија, каде се креирани преку 300 препораки само за поглавјата дел од Кластер -1 . На крајот упати благодарност до Фондацијата Конрад Аденауер за нивната поддршка во демократскиот развој.
Присутните ги поздрави и г. Даниел Браун од Фондацијата Конрад Аденауер, кој истакна дека отворањето на канцеларија во Скопје пред 25 години, е јасен сигнал за поддршката кон членството на Северна Македонија во ЕУ. Тој ја потенцираше потребата од натамошна работа и ангажман во интегративниот процес.
Катерина Јовановска од Вилфред Мартенс Центарот за европски студии потсети на трансформацијата на ЕУ од мировен во кооперативен континентален проект и нагласи дека Западен Балкан, Украина и источноевропските земји треба да бидат вклучени во европската иднина.
Во продолжение, г. Африм Гаши, претседател на Собранието на Република Северна Македонија, ја потенцираше важноста од партнерството со КАС и повика на искреност и одлучност во справувањето со предизвиците на интеграцијата.
Претставникот на Фондацијата Конрад Аденауер, Проф. д-р Норберт Ламерт се осврна на геостратешката важност на проширувањето на ЕУ, повикувајќи на креативност, единство и поголема ангажираност во процесот на реформи.
Поранешниот премиер на Словачка, Микулап Ѕуринда, ја сподели трансформациската приказна на својата земја, охрабрувајќи ја Северна Македонија да продолжи со посветеност и реформи.
По воведните обраќања, следеше панел дискусија на тема: „Обликување на иднината – ЕУ интеграција како двигател на напредокот на Северна Македонија“, на која учествуваа амбасадори, парламентарци и претставници на граѓанското општество.
Амбасадорката на Германија, г-ѓа Петра Дрекслер, зборуваше за потребата од промени во начинот на донесување одлуки во ЕУ, со цел зголемување на ефикасноста и флексибилноста. Таа ја нагласи важноста на искреноста и реформите како основа на проширувањето.
Амбасадорот Рокас истакна дека проширувањето на ЕУ веќе е безбедносно прашање и дека постои јасна политичка волја за негово забрзување. Тој повика на постојани и дневни реформи, како и на комуникација со јавноста за значењето на процесот.
Пратеничката Марија Петрушевска нагласи дека европската агенда е стратешки приоритет и отвореност за дијалог со сите чинители, додека Моника Зајкова од ЛДП повика на градење заеднички став и уставни измени со одложено дејство. Според неа, политичкиот и културниот дијалог се клучни за успехот на реформите.
Фериде Хаџиу од коалицијата ВЛЕН истакна дека Европа треба да се гледа како начин на живот и повика на продолжување на реформите со целосна инклузивност на сите заедници.





















