Одбележување на Денот на Европа – 9ти Мај

На 18ти Мај 2023, се одржа настанот посветен на одбележувањето Денот на Европа – 9 Мај, во организација на Европско Движење на Република Северна Македонија, во партнерство со Фондацијата Конрад Аденауер и Центарот за Европски студии Вилфрид Мартенс. По воведните обраќања се одржа и панел дискусија на темата „Иднината на проширувањето на ЕУ во услови на актуелните безбедносни предизвици –  Кои се придобивките за Северна Македонија и Европската унија?“

Проф. Милева Ѓуровска, претседателката на ЕMMK, го отвори настанот со поздрав до присутните, и се заблагодари за големата посетеност на настанот. Празнувањето на Денот на Европа движењето го одржува секојдневно, а овој ден посебно го посветува на Унијата. Потребни се поголеми напори до сите засегнати страни за да се запре сомневањето дали Македонија ќе се приклучи кон ЕУ, затоа што расне мислењето на граѓаните дека Македонија никогаш нема да влезе во Унијата. Според Шуман, главната порака е да се зачува мирот на континентот, и Европа ќе се слушне само доколку зборува едногласно. Нашиот регион кој е погоден од Руско-украинската војна, се соочува и со други безбедносни проблеми, што укажува дека европската перспектива во регионот треба да се направи многу посигурна отколку што е сега. Проф. Ѓуровска го честита Денот на Европа на присутните, и посака плодна и ефективна дискусија на панелистите.

Даниел Браун, официјалниот претставник на Фондацијата Конрад Аденауер, го започна своето воведно обраќање со поттикот дека сите се залагаат за Европска иднина на Македонија. Тој порача дека демократијата има дебати и спорови, но има и моменти кога треба да сме едногласни, без разлика дали сме позиција или опозиција. „Ние како фондација се обидуваме независно од денот на Европа да испратиме порака дека е важно во врска со овие фундаментални прашања да сте едногласни. Треба да се работи на ова централно прашање без разлика кој е на власт, и на ова треба да се работи во континуитет. Многу млади луѓе кои се добро квалификувани ја напуштаат државата и важно е на овие луѓе да им се даде перспективата која Европската Унија ја дава. Се радувам што ќе има младинска дискусија за да може директно да се дискутира со младите за иднината. Важно е да се работи на политичкиот интерес и на подготвеноста да се дискутира, особено од оние кои што го претставуваат народот, затоа што нивниот глас треба да се слушне, и ваквите дискусии се најдобриот начин да се стори тоа.“

Катерина Јакимовска, која се обрати во име на Вилфрид Мартенс центарот, на самиот почеток на своето воведно обраќање ја посочи важноста на мир и слобода, демократија и владеење на правото, кои се вредностите на Унијата што истовремено се заеднички со вредностите на нашата држава, и се посебно важни сега кога нашата безбедност е загрозена од војната во Украина. „Нашата интеграција и помош од Европската Унија се потребни сега повеќе од било кога, а особено потребно е да се слушне и гласот на младите кои се иднината на нашиот континент,“ посочи Јакимовска.

Претседателот на државата, Стево Пендаровски, во своето воведно обраќање се осврна на познатата мантра на Европската Унија, а тоа е заморот од проширувањето, за кое додаде дека е политички неоправдано и неодговорно да се употребува од страна на политичките претставници кои се платени да работат на подобрувањето на позицијата и животот на граѓаните.

“Наша обврска е, на политичарите, да ја вратиме енергијата и динамиката на процесот, кој, барем за државите од западниот Балкан, се движи пребавно, а таквата динамика неспорно повеќе одмага отколку што помага и во поглед на подготвеноста на државите кандидатки за пристапување и во однос на ентузијазмот за овој процес кај граѓаните и целокупната  јавност. Ние, политичките претставници на граѓаните, кои сме ја добиле довербата на граѓаните на проевропски политички платформи, треба да сме свесни дека со секое повторување на оваа мантра не само што шириме дефетизам и му одмагаме на процесот, туку и го засилуваме ефектот што го посакуваат и отворените и прикриените противници на проектот на Обединета Европа.

Единствениот ефект од таквиот наш однос е одржувањето на гео-политичкиот вакуум што веќе се создава. Притоа, свесни дека вакуумот во политиката не опстојува долго време, јасно е дека наместо Европската Унија, тој вакуум ќе биде пополнет со актери чие недемократско и деструктивно влијание создава поделби и конфликти и го успорува социоекономскиот развој. Оттаму, мојата порака до сите политички актери кои макар и формално ја поддржуваат европската интеграција е да престанеме да се занимаваме со „заморот“, и да се фокусираме на процесот,“ посочи Пендаровски.

Денешната панел дискусија ја започна Андреј Лепавцов, поранешниот амбасадор во Европската Унија, кој во својата улога на модератор ги поздрави присутните, со посебен осврт на студентите кои се иднината на државата. Лепавцов даде мал вовед во дискусијата со објаснувањето дека проширувањето е тема која не мотивира, но истовремено и вознемирува, посебно во контекстот на претходната мигрантска криза, и актуелната војна во Украина. Се добива впечаток дека проширувањето на западниот Балкан е во слепа улица, но ако ги слушаме официјалните изјави од Брисел, пристапните преговори се придвижуваат нанапред. Овие изјави си противречат, и тоа ја намалува довербата на граѓаните во Унијата. Го покани првиот говорник, Дејвид Гир.

Дејвид Гир, амбасадор и шеф на Делегацијата на Европската Унија, ја започна панел дискусијата изразувајќи големо задоволство што е дел од еден ваков форум, кој ја враќа идејата за Европската Унија таква како што ја познаваме. „Живееме во необично време, во време во кое Украинската војна ја трансформира унијата, и го засилува ставот што веќе го знаеме, и од страна на ЕУ, и од страна на западниот Балкан – дека интеграцијата е еднакво потребна и за двете страни, не на база на алтруизам, туку на база на силна калкулација. Можноста за членство е поттик и за странски директни инвестиции, која е потребна за државата, па затоа една од големите поволности е економската. Со пристапот кон унијата вашата земја ќе стане дел од заедничкиот пазар, а стоката капиталот и луѓето слободно ќе се движат, што само ќе помогне за економскиот раст на државата“, додаде Гир.

Амбасадорката на Шведска, Ами Ларсон Џеин, се заблагодари на поканата, и се приклучи на дискусијата додавајќи дека „Одговорот на денешното прашање на дебатата е позитивно, затоа што постојат бенефиции и за двете страни. Северна Македонија ужива големи придобивки од врската со ЕУ, а колку земјата се приклучи, бенефициите секако ќе се зголемат. Сакам да посветам момент да го подвлечам најважното нешто – дека корупцијата ја уништува државата, и ова е област на што мора да се посвети најголемо внимание при работата.“ Ларсон Џеин посочи дека не постои скратен пат до Унијата, и мора да се работи деноноќно за да се постигнат резултати. Интеграцијата на Македонија во ЕУ е добра и за двете страни. „Честопати ме прашуваат дали интеграцијата на Македонија до 2030 е можно, а јас одговарам дека тоа зависи од граѓаните. Пред да влезете во ЕУ потребни се фундаментални промени, кои ќе ја променат вашата држава, не на денот кога ќе влезете во Унијата, туку на денот кога ќе ги имплементирате промените.“

Моника Зајкова, претседателката на Либерално демократската партија, започна со објаснување за тоа како Македонија се соочува со големи промени и потенцирање дека не требало да се случи војната за да ја сфатиме важноста на Европската Унија. „Не треба да очекуваме да патот кон унијата е лесен, нормално дека е трнлив, но ние како политичари треба да дадеме се од себе да се посветиме на интеграцијата. Поголемиот дел од партиите како стратешка цел го имаат членството на ЕУ, но имаат различни гледишта на начинот на кој треба да се води процесот. Сега веќе немаме време за одолговлекување, туку треба да се фокусираме на она што е веќе почнато. Како политички партии не можеме да дадеме консензус за спроведувањето на реформите, но мора да се согласиме дека проблемите толку многу се наталожиле, и ако не сфатиме дека треба да дадеме заеднички одговори и не си поставуваме сопки на патот, реформи нема да добиеме,“ посочи Зајкова.

Африм Гаши, претседателот на Алтернатива, своето излагање го започна истакнувајќи дека концептот за проширување сега е нешто сосема поинаку од минатото, како резултат на општите измени не само во Унијата туку и во светот. „На ист начин се менуваат и политиките за зачленување што резултира со дополнителни проблеми во патот кон Европа на балканските држави, кои веќе имаат и други проблеми. Државите за западен Балкан дури и после децении во чекалницата сепак не се спремни за влез поради лошите односи помеѓу самите балкански држави, и влезот е илузија додека овие проблеми не запрат. Проблемите можат да запрат само кога шесте држави ќе се вклучат во заеднички дијалог за да се разрешат таквите прашања,“ додаде Гаши.

Последниот говорник, Тимчо Муцунски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалник на општина Аеродром, посочи дека слушајќи ги говорниците, се потсетил на 2006 година, во која пишувал за Евро-интеграциите, поттикнат од 2005 година кога евроинтеграциите имале поголемо значење, за разлика од денес. „Во 2005 луѓето очекуваа да влеземе во Унијата во 2012 или 2013 година, а денес сме веќе 2023, а Македонија уште не е блиску до вклучувањето во Унијата, но трансформативна улога сепак постои, без разлика на тоа дали чекаме и колку чекаме. Една од промените е визната либерализација, која му овозможи на Македонецот да патува, што е добар начин да ги покажеме придобивките на Унијата, и да ја промовираме меѓу нашите граѓани.“ Своето излагање го заклучи со осврт на анкетите кои се осврт на општествената разочараност од државните процеси, и тој е убеден дека најголемиот дел од граѓаните се свесни дека е најважно влегувањето на Македонија во Европа, која ќе го подобри начинот на живеење и на денешните, и на идните генерации“, посочи Муцунски.

Лепавцов се заблагодари за вниманието на панел дискусијата, а настанот продолжи со доделувањето на наградата за Европска Личност на годината за 2022, на македонскиот писател Томислав Османли, кој се обрати на присутните заблагодарувајќи се за номинацијата и наградата, додавајќи дека Европската Унија е неговата политичка преференца, за која се залагал дури и во време на постоењето на Југославија.

По доделувањето на наградата, настанот продолжи со младински клуб, кој даде шанса за дискусија и учество на младите. Младинскиот клуб започна со ораторски натпревар со учество на студенти од различни универзитети во Северна Македонија, и тоа Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола, и Универзитет на Југоисточна Европа – Тетово. На натпреврот ораторите ги покажаа своите вештини, истовремено претставувајќи ги нивните ставови на темата „Зборувам со Европа“. По завршувањето на натпреварот, жири комисијата првото место и го додели на Сара Марковска од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, второто место на Божидар Доневски од Универзитетот „Гоце Делчев“, и третото место на Кристијан Вељановски од Универзитет „Св. Климент Охридски“.

По завршувањето на ораторскиот натпревар, следуваше младинска дебата со наслов „Зборувам со Европа за мојата европска иднина,“ во која младите од средните училишта и универзитетите ги изнесоа своите ставови на темата. Дискусијата беше плодна, и дури и го надмина очекуваното време, што младите го искористија за да објаснат за проблемите со кои се соочуваат во државата, и да потенцираат дека нивниот глас воопшто не се слуша ниту од медиумите, ниту од политичарите. Се дискутираше за промените кои тие би сакале да ги видат од општеството, и на кој начин членството во Унијата би помогнало во тоа.

На крајот од настанот следуваше и квиз на знаење за Европската унија со учество на средношколци од средните училишта во градот Скопје, во кој учениците се натпреваруваа во знаење и брзина на одговарање на одговорите поврзани со ЕУ. Тројцата кои најдобро се покажаа на квизот беа Ивана Саревска која освои прво место, Мартин Перчинковски со второ, и Димитар Георгиев со трето место. Сите наградени ученици беа од СУГС „Георги Димитров“.

Заклучно со квизот и доделата на наградите заврши и овогодинешниот настан посветен на Денот на Европа – 9 Мај.