Во рамки на Втората сесија на Работната група 4 (Правда, слободи и безбедност– Поглавје 24) од Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК) денеска, 21.10.2020 година, се одржа видео-конференција на тема „Пандемијата и безбедноста. Како понатаму?“.
На оваа сесија беа разгледани виталните прашања што претставуваат безбедносен предизвик за целото општество, какви што се слободното движење на луѓе и неопходните ограничувања, миграциските текови во услови на пандемија, заштита на границите и други значајни прашања од областа на здравството, образованието, спортот итн.
Врвните експерти од Македонија и Словачка, кои учествуваа на дебатата се согласија дека пандемијата го промени целосно функционирањето на општеството и откри слабости во многу сектори, а пред сè во здравството.
„Со години се кратеа трошоците за здравството и ова што го гледаме денес е продукт на рестрикциите со речиси секој буџет“, рече Иво Бошкоски, консултант гастроентрологист на Фондацијата на Универзитетската поликлиника „Агостино Гемели“ од Италија, кој директно од таму се вклучи во дебатата. Поради тоа, рече тој, „налетот на пациенти во италијанските болници во март предизвика ефект на атомска бомба. Кога избувна епидемијата буквално немавме маски да се бориме со неа, така што голем број лекари се заразија и умреа, како и медицински сестри и технички персонал“.
Осум месеци по прогласувањето на пандемијата предизвикана од Ковид 19 борбата сè уште се води во болниците, особено сега на почетокот на вториот бран. „Најоптимистичките очекувања се дека вакцината може да стигне во март, така што од маските нема да се ослободиме минимум година и пол и тие треба да станат дел од нашата култура. Италијанската влада има обврска да го наметне нивното носење и физичката дистанца без да се намали квалитетот на животот, во спротивно ќе биде катастрофа, рече Бошкоски, додавајќи дека на дневна основа сега во Италија има по 11.000 нови случаи.
Бошкоски, како и дел од другите учесници, предупредија дека евентуалното второ затворање (локдаун) ќе биде економска катастрофа, а повеќето земји во Европа се веќе во економска криза.
Денес е сигурно дека е неопходно да се преземат активности за прилагодување на подолг рок, беше речено. Значаен фактор за спречување на епидемијата во болниците, продавниците, училиштата, спортот, забавата, рестораните, но и во семејствата и во другите сегменти од приватниот живот е безбедноста и безбедносниот сектор.
„Пандемијата не е само национален проблем и наметнува потреба од координиран пристап на меѓународно ниво. Пандемијата го ограничи нашето движење и ги ограничи можностите, но не не ослободи од обврските што како Министерство ги имаме кон граѓаните, изјави државната секретарка во МВР, Магдалена Несторовска.
Како што посочи таа, криминалците не се повлекоа поради пандемијата, туку напротив се прилагодија и го сменија начинот на своето делување. Според неа, најзастапени во овој период се делата поврзани со тешки кражби и со домашно насилство, но во пораст се и заканите за безбедноста на децата кои работат онлајн, кражбите на интернет, миграцијата. И покрај затворањето на границите и неможноста да се патува, според Несторовска, забележан е раст на илегалната миграција од 55 отсто кај нас. Присуството на дезинформации, исто така, стана клучна карактеристика за време на кризата со Ковид 19, а со цел да се поткопа јавната доверба на владините институции. „Суштината на пандемијата затоа е справување со здравствената криза, но и со лажните вести“, рече Несторовска.
На прашањето „Како понатаму?“ дел од учесниците посочија дека е потребно градење доверба, проактивност на граѓаните и почитување на мерките.
„Имаме потреба од поддршка и од Владата и од сите институции на државата. Носењето маски мора да биде задолжително. Тоа е едно од најефикасните заштитни средства. Доволно е да се носи хируршка маска за да не се пренесе вирусот, која е евтина и пристапна за сите, посочи Бошкоски.
Словачкиот експерт Јурај Мешик, пак, дополни дека од пред стотици години се знае дека маската дава заштита, бидејќи толку години ги користат хирурзите. Неговата проценка е дека бројот на мртви од пандемијата ќе се дуплира до крајот на годинава и дека ниту Македонија нема да биде поштедена.
Според неговите анализи, освен маска и физичка дистанца, треба да се заштитат суштинските професии, да се засилува имунитетот со витамин Д и со цинк, бидејќи се покажале корисни во справувањето со болеста, да се затворат училиштата и да се организира онлајн настава, да се лимитира групирањето, да се заштитат ранливите категории граѓани и да се реорганизира работењето, така што да се работи пет дена, а девет да се биде слободен, место два како сега во време на викендот.
Тој се осврна и на терапијата што се употребува сега за лекување на Ковид 19, забележувајќи дека нема научна потврда за користа од лекот „ремдесивир“, кој чини 2.100 долари, па забележа дека за евтините лекови нема кој да лобира, како за скапите. Од економски аспект, тој прогнозираше дека земјите ќе ја решаваат кризата со печатење пари а тоа нужно ќе доведе до девалвација на вредноста на валутите.
На крајот на дискусијата абстракт даде претседателката на Европското движење, професорката Милева Ѓуровска, која посочи дека се потребни системски поврзани решенија што би се спровеле во сите сектори за да се ублажи оваа човечка трагедија.
Според неа, огромните ресурси што се вложуваат во лекувањето може да се намалат ако се стави акцент врз превентивното делување. Карактеристично за нас, како посочи Ѓуровска, е проблемот со човечки ресурси, не само во здравството и во МВР, туку во сите други области.
„Да се вработат луѓе во клучните сектори е најисплатлива инвестиција. Затоа решението лежи во правилното менаџирање со човечките ресурси, особено во јавното здравство“, заклучи таа.







