Панел дискусија „Децентрализацијата како клуч за регионалниот развој“

На 29 Октомври, во просториите на Советот на Општина Чаир се одржа Панел Дискусија насловена „Децентрализацијата како клуч за регионалниот развој“. Панел дискусијата ја отвори Марија Вељовска – Кондовска Генерален секретар на Европско Движење, која даде воведни согледувања на клучните прашања поврзани со оваа материја.

Како прв говорник од панелистите, збор зема г. Дејан Павлески, Заменик Министер за локална самоуправа. Тој ги потенцираше сите мерки кои биле направени од страна на Владата во однос на децентрализацијата. Го истакна Законот за рамномерен регионален развој. Според него, Скопје 2014 е грубо кршење на принципите за рамномерен развој бидејќи се потрошени околу 800 милиони евра на многу мал простор. Потоа се осврна и на работата и улогата на регионалните совети кои ги гледа како многу добра платформа. За крај, г. Павлески презентираше и дел од плановите на Владата кои наскоро треба да започнат со реализација.

Потоа следуваше излагање на г. Захир Бектеши, Претседател на Советот на Општина Чаир. Според него, за да имаме рамномерен развој треба да знаеме и оптимално да ги користиме средствата. Ги наброја клучните сегменти кои е потребно да се почитуваат при припрема на буџетите. Како клучна причина зошто споро се реализираат проектите, Г. Бектеши ги наведе недоволната екипираност и стручноста на општинските администрации. Тоа е највидливо и преку буџетирањето и преку реализацијата на проектите.

Милена Димитровска од АЛДА- Скопје беше следен говорник. Таа ги презентираше резултитите на проектот „Граѓанските организации во служба на локалната демократија“, најавувајќи ја публикацијата која ќе биде во доменот на финансиското работење на општините. г-ѓа Димитровска се осврна и на општинската соработка, односно колку општините соработуваат меѓу себе и во кои полиња таа соработка е најинтензивна.

Четврт говорник на оваа панел дискусија беше г. Зоран Јанкуловски од Здружението на Финансиски работници од Велес. Тој го објасни процесот за тоа како најчесто се задолжуваат општините, нарекувајќи дел од буџетите „желботеки“, бидејќи не соодветсвуваат со реалните можности. Недоволната фискална децентрализација ја продлабочува дупката во која паѓаат голем дел од општините. Ги спомена и Локалните Акциски Групи како можност повеќе чинители да се вклучат во работата во својата средина. г. Јанкуловски ја објасни и публикацијата дел од проектот, презентирајќи 5 од препораките кои ќе произлезат од истата. Исто така најави и веб апликација за поголема достапност на податоците.

Александар Кржаловски беше следен говорник. Тој ја презентираше работата на МЦМС во однос на локалните самоуправи, нагласувајќи дека денес повеќе се во советодавна улога. Според него, ние најдобро ги знаеме проблемите и најдобро би ги знаеле и решенијата. Нагласи дека многу од работите кои денес пробуваме да ги решиме, претходно биле многу добро уредени, но не сме биле доволно мудри да ги задржиме.

Воведниот дел од панел дискусијата го затвори Проф. Милева Ѓуровска, Претседател на Европско Движење. Таа најпрво се заблагодари на сите панелисти и на општината Чаир за гостопримливоста. Потоа се осврна на Поглавјето 22, за кое нагласи дека е тешко поглавје, но ќе мора да го одработиме квалитетно бидејќи ќе може да биде решение за многу од проблемите кои ги сметаме за долгорочни.

Потоа следеше и дискусија на која се разговараше на низа прашања, како административните проблеми кои ги имаат сите жители надвор од Скопје, прашања во однос на превработеност наспроти неквалитетните кадри, но и прашања во однос на вистинското разбирање на децентрализацијата од страна на граѓаните, но и на институциите.

Отворената дебата даде значаен придонес во поставувањето на виталните прашања во преземање на нови инцијативи. Имено, од Панел дискусијата произлегоа следните заклучоци:

– финансискиот капацитет на општините е еден од најголемите предизвици со кои се соочуваат македонските општини;

– потребно е да се обезбеди систем на оддржливо финансирање, зајакнување на фискалните и развојните компетенции на локалните самоуправи;

– единиците на локалната самоуправа да инвестираат во развој на човечките ресурси, но и да спроведуваат европски проекти;

– неопходно е да се зголемат и инклузивноста и транспарентноста;

– економскиот развој и намлување на нееднаквостите и регионалните диспаритети;

– воспоставување на рамнотежа во развојот на сите региони, градови и села, како предуслов за одржлив развој на државата и обезбедување на поквалитетен живот за сите граѓани.

Public Public Public Public