Панел дискусија: „ Евроинтеграциските процеси во развојните перспективи на општина Охрид и Југозападниот плански регион: Туризмот и културното наследство како значајни фактори во евроинтегративниот процес “

Европското движење во Република Северна Македонија (ЕМ-МК) на 10.12.2019, во Охрид организираше панел дискусијата на тема „ Евроинтеграциските процеси во развојните перспективи на општина Охрид и Југозападниот плански регион: Туризмот и културното наследство како значајни фактори во евроинтегративниот процес “. Настанот е дел од програмата на проектот „Граѓанските организации во служба на локалната демократијата“.

Имајќи ги предвид културните и природните убавини кои се карактеристични за овој регион, главен акцент на оваа дискусија беше ставен токму врз туризмот и односот кон културното наследство. Во дискусијата учество земаа проф. Милева Ѓуровска, проф. Науме Мариноски, проф. Пере Аслимоски, Мартин Алексовски, Весна Цветаноска и Алберта Гулицовска. Сите тие од свој аспект ја разраборија темата, по што со присутните имаше плодна дискусија од која произлегоа неколку интересни и корисни предлози. Неспорно е дека Република Северна Македонија располага со богато културно наследство кое овозможува услови за развој на туризмот. На културното наследство може да се гледа како најавтентичен начин за запознавање со културата на локалното население. Па токму на тој начин, преку културното наследство, туристите успеваат подобро да не запознаат. Доколку го имаме ова предвид, мора да се спомене дека е од исклучителна важност да се покаже поголема грижа за културното наследство, особено сега кога постојат услови за Охрид да го загуби статусот на град на УНЕСКО. Се зборуваше и за безбедносните аспекти како особено важни за развој на туризмот.

Заклучоците кои произлегоа од дискусијата беа пред се во насока на подигнување на свеста за културното наследство кај локалното население, а особено кај младите. Беа прикажани позитивни примери од Франција каде младите, но и цели семејства учат вештини за реставрација и учествуваат во реставрацијата на одредени објекти. Тоа придонесува не само за запознавање, туку и продлабочување на врската со културното наследство. Друг предлог беше да се поттикнат младите повеќе да ги посетуваат на музеите, галериите и историско-културните споменици и на тој начин да можат да научат повеќе за културното наследство за во иднина да можат да го презентираат и на своите врсници од земјава и од странство. Исто така, повеќепати се спомена потребата за поголема грижа кон културното наследство. Да се оттргнат личните интереси и да престане градот да се урбанизира и гради поради профит, туку да се вложат напори да се зачува, одржи и унапреди културното наследство со кое располагаме.

Панел дискусијата е организирана во рамките на проектот „Граѓанските организации во служба на локалната демократија, спроведуван од страна на  АЛДА, Европското движење во Република Северна Македонија, Здружение на финансиски работници на локалните самоуправи и јавните претпријатија и Локална самоуправа Велес финансиран од ИПА – 2 механизмот за подршка на граѓанските здруженија.