Панел дискусија на тема: „ЕВРОПСКИТЕ ИНТЕГРАЦИИ ВО РАЗВОЈНИТЕ ПЕРСПЕКТИВИ НА ОПШТИНА БЕРОВО И ИСТОЧНИОТ ПЛАНСКИ РЕГИОН“

На 30.11.2018, во Хотел Манастир во Берово, Европско движење во Република Македонија (ЕДРМ) во соработка со општината Берово и други граѓански здруженија од Источно – планскиот регион во Република Македонија оддржаа панел дискусија на тема: „ЕВРОПСКИТЕ ИНТЕГРАЦИИ ВО РАЗВОЈНИТЕ ПЕРСПЕКТИВИ НА ОПШТИНА БЕРОВО И ИСТОЧНИОТ ПЛАНСКИ РЕГИОН“ на кој учествуваа градоначалниците на Берово и Пехчево, Звонко Пекевски и Драган Тренчовски, професорите и членови на Европско движење во Република Македонија, Константин Миновски и Трпе Стојановски, претставниците на други невладини организации, Зоран Јанкуловски од ЗФР – Велес и Јасминка Пашалиска од Здружение на граѓани Амброзија – Пехчево и модераторите Елена Гачева од Европско движење на Република Македонија и Билјана Марковска од општина Берово. Настанот е дел од активностите на проектот: „Граѓанските организации во служба на демократијата„ финансиран од ИПА – 2 механизмот за подршка на граѓанските здруженија. Во проектот партнерски настапуваат ЕДРМ, АЛДА-Скопје и ЗФР – Велес.

Градоначалникот на општина Берово, г-дин Звонко Пекевски, истакна дека Европските фондови, како и можностите за прекугранична соработка, се од особено значење за инфраструкторалниот развој на мали општини, како што е Берово. Надоврзувајќи се, Градоначалникот на општина Пехчево, г-дин Драган Тренчовски, потенцираше дека силата малите општини мораат да ја бараат во заедничка работа, како што е примерот со општините Берово, Пехчево и Делчево.
Професорот Трпе Стојановски говореше за дел од проблемите со кои се соочил како човек кој често го посетува малешевскиот крај, поготово Берово. Истакна дека мора да се направи се за да се задржат младите во овој регион. Се понуди како мост на регионот со невладините организации кои имаат поголемо искуство во работа со проекти финансирани од Европската унија.
Јасминка Пашалиска од Здружението на граѓани Амброзија – Пехчево говореше за досегашните проекти кои се реализирани во општините од малешевскиот крај, за соработката со општините, но и за идните планови за интензивирање на соработката. Истотака според неа мора да се најде подобар модел за финансирање на граѓанските организации бидејќи тие не траат долго и брзо престануваат со работа.
Зоран Јанкуловски од ЗФР- Велес истакна дека мора да има соработка помеѓу општината и граѓаните во формирањето на општинските буџети. Тој истотака напомена дека мора да се креираат реални буџети кои ќе бидат исполнети.
Професорот Константин Миновски истакна дека мора да започнеме од себеси доколку сакаме напредок, никој нема да ни помогне доколку најпрво сами не си помогнеме на себе.

На настанот присуствуваа над 50 учесници, а имаше и присуство на медиумите.