Подготвителен состанок за организација на активности поврзани со денот на Европа – 9 Мај

На 09 Февруари 2021, на платформата Zoom, се одржа состанок на меѓународното европско движење (МЕД) каде се дискутираше за одбележување на 9 Мај, денот на Европа. Претставник од Македонија беше Никола Јазаџиски, секретар на ЕМ-МК. На состанокот покрај претставниците на МЕД, учествуваа и претставници на европските движења од поголемиот дел од Европа.

Најпрво генералниот секретар Фасулас, ги презентираше податоците за успехот на дигиталната кампања која траеше од 1-9 мај 2020, каде 19 држави на 19 јазици споделија пораки на заедништво и адресираа дел од најбитните проблеми со кој се соочува Европа. Кампањата стигна до уредите на над 12 милиони жители на Европа. Тоа, според него, значи дека МЕД е на прав пат и дека таквиот вид на кампања ќе продолжи и годинава. Ситуацијата со Ковид пандемијата и оваа година ќе ги спречи сите организации да организираат настани во живо како порано, па затоа тие се спремни да ги поддржат членовите при организација на дигитални настани за одбележување на денот на Европа. Дискутирано беше и за добрите и лошите страни на кампањата, односно како да се максимизираат добрите придобивки, а да се намалат негативните реакции. Дел од членовите се пожалија и на строгиот алгоритам на Facebook, кој дел од видеата ги блокирал.

Следеше презентирање на плановите на дел од членките кои веќе имаат испланирано дигитални настани, но интересен беше предлогот за организирање на заеднички настан каде ќе учествуваат претставници од сите земји членки.

Заради големиот интерес, начелно закажан е и втор состанок кој би се оддржил во вториот дел од февруари, каде подетално ќе се образложат идеите за заедничка прослава.