Успешно заврши првиот собир дел од проектот „Let justice rule the region”, организиран во партнерство со НКЕУ од Република Србија и Европско движење Албанија. На овој настан присуствуваа претставници од институциите од трите држави, како и претставници од граѓанскиот сектор, кои имаа можност да продискутираат на клучни теми кои произлегуваат од Кластер 1 – Основи.
Првиот ден започна со обраќања на Бојана Селаковиќ, координатор на НКЕУ во Србија, Тања Мисчевиќ, Министерка за европски интеграции во Владата на Р. Србија, Теодорус Антониус Реинтјес, Амбасадор на Кралството Холандија во Р. Србија, Милева Ѓуровска, координатор на НКЕУ-МК и Гледис Џипали, координатор на НКЕУ-Албанија.
Тие дискутираа за спецификите на Националната конвенција како модел за соработка помеѓу државата и граѓанското општество, споменувајќи дека иако постојат различни модалитети прилагодени на контекстот во секоја од трите држави, сепак споделувањето на искуствата и соработката помеѓу нив може да донесе само позитивни придобивки. Проф. Ѓуровска потенцираше дека главното прашање е што сакаме ние од ЕУ. Најголем предизвик со кој се соочуваме е прашањето на корупција и за намалување на истата клучна е соработката во регионот.
По воведните обраќања следеше првиот панел на тема: „Можности за зајакнување на владеењето на правото во регионот“, на кој се обратија и Бранислав Стојановиќ, помошник министер за правда во Владата на Р. Србија, Јована Спремо, координатор на РГ за поглавје 23, Суела Јахја, директор за интеграција, договори, координација и помош при Албанското министерство за внатрешни работи, Герон Камбери од НКЕУ – Албанија и Александра Деаноска – Трендафилова. Панелистите ги презентираа состојбите во сопствените држави, особено осврнувајќи се на најголемите проблеми со кои се среќаваат, но и презентирајќи ги препораките кои се доставени до институциите во системот.
Вториот панел на тема: „Како организациите од граѓанскиот сектор можат да допринесат за исполнување на критериумите од Кластер 1“, каде се обратија Марина Рибар, заменик секретар во преговарачката група за Поглавје 24, дел од МВР на Р. Србија, Бојан Елек, координатор на РГ за поглавје 24 НКЕУ- Србија, Анџела Кенај, дирекција за интеграција и преговори во Министерството за правда на Р.Албанија, Нирвана Делај од Европско Движење Албанија, Магдалена Несторовска, Државен секретар во МВР на Р. Северна Македонија и Трпе Стојановски, ЕММК. Тие ги продискутираа состојбите во Поглавјето 24, каде беа презентирани состојбите во секоја држава, додека претставниците од граѓанското општество ги презентираа своите искуства во соработката со институциите дел од поглавје 24.
Вториот ден беше посветен на претставниците на граѓанските организации, кои имаа можност отворено да дискутираат меѓу себе и да споделат искуства за поефективна и подобра работа. Покрај претставници од Европско движење, учествуваа и претставници од ЕПИ, Сите за правично судење и ЗМАИ.

















