Седма сесија на Работна група 4 – Правда, слобода и безбедност (Поглавје 24) “Чекајќи на ФРОНТЕКС – Безбедноста на границите низ призмата на мешаните миграциски текови“

На 18 декември 2019 година  во Клубот на пратеници во Скопје се одржа првата сесија на Работната група 4 (Поглавје 24) на тема „Чекајќи го ФРОНТЕКС – граничната безбедност низ призмата на мешаните миграциски текови“. Оваа дебата е дел од  вториот циклус на дијалози во рамките на Националната конвенција за ЕУ  во Република Северна Македонија , процес инспириран од словачкото искуство со ЕУ, кој досега резултираше со над 200 препораки во разни области.На сесијата учествуваа Магдалена Несторовска, државен секретар во Министерството за внатрешни работи, директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, професорот на Факултетот за безбедност во Битола Трпе Стојановски, советничката за мигранти и бегалци на ОБСЕ Мариа де Бенито Родригес, регионалниот офицер за врски на Западен Балкан со ФРОНТЕКС Весна Маринковиќ, началникот на Одделението за гранична безбедност Никола Мирчевски, професорите Марина Митревска од УКИМ и Александар Нацев од Европскиот универзитет, како и Андреј Лепавцов, дипломат од МНР.

Генералната порака од расправата беше декамигрантската Пандорина кутија повторно се отвора, дека на Република Северна Македонија и е потребна меѓународна соработка за да се справи со тоа и дека новиот договор за статусот со ФРОНТЕКС ќе биде клучен доколку биде ратификуван во 2020 година, бидејќи ќе воспостави ново повисоко ниво на соработка со земјата. За време на дебатата беа презентирани бројки за мигрантските текови минатата година, за новите трендови, новите рути, главните проблеми и за предлозите за справување со овој феномен. Според презентациите на учесниците, бројот на илегални обиди за преминување на македонската граница во 2018 година значително се зголемил во споредба со претходната, поточно –се дуплирал.

Според податоците што ги изнесе советничката за миграции и за бегалци на ОБСЕ, Марија де Бенито Родригес, од јануари до ноември годинава биле регистрирани дури 19.658 обиди за илегални преминувања во Македонија, или над 100 отсто во однос на претходната 2017 година, кога биле регистрирани само 7.808, а една година пред тоа 2.430. Она што е интересно, е дека се регистрира своевиден „Брегзит мигрантски“ феномен, односно државјани на Пакистан, Бангладеш и Индија во засилен број се обидуваат да влезат во Европа, за да стигнат до Велика Британија пред таа да излезе од ЕУ.

Како што наведе Родригес, над половина од обидите за илегално преминување на нашата граница отпаѓа токму на Пакистанците, жителите на Бангладеш и на Индијците, што не беше случај досега. Втората зголемена група мигранти доаѓа од земјите на МАГРЕБ (Мароко, Алжир и Еритреја) кои, од економски причини и за да ја избегнат силната контрола на Медитеранот, поминуваат низ Балканот до Европа. Огромно е зголемен и бројот на Авганистанците кои се обидуваат илегално да преминат, па и драстично во однос на тие што доаѓаат од Сирија- 3.633 наспроти 240 од Сирија. Од нив 322, нагласи Родригес, веќе поднеле барање за азил.

„Има мигранти кои се обидуваат и по 15 пати да ја поминат границата илегално и бараат помош од нас потоа. Драстично е зголемен нивниот број“, оцени Сандра Томовска од Црвениот Крст на Скопје, кој со свој мобилен тим и постојани екипи во камповите и присутен нон стоп во овој регион. „Вниманието на меѓународната заедница е пренасочено на други области, а проблемот со мигрантите ни се отвора повторно, при ограничени ресурси“, оцени таа нагласувајќи дека и покрај почетокот на зимата, ноември бил турбулентен, бидејчи згрижиле повеќе мигранти отколку во целата 2017 година.

„ Нелегалната миграција ќе продолжи и ќе трае“, сметаше Сашо Тасевски, директор на Бирото за јавна безбедност кое е одговорно за контролирање и на границата од внатрешна страна.Според него, поучени од искуството од 2015 година, ова прашање добило приоритет, па постојано се продолжува одлуката за прогласување кризна состојба, се подобрува технолошката опременост и се јакне меѓународната соработка, посочувајќи ја како пример за ефективност меѓународната операција на јужната граница со учество на осум земји, од кои седум од ЕУ.

„ Ресурсите што ги трошиме се значајни, човечки и финансиски, и имајќи предвид дека миграцијата има транснационален карактер, таа ги надминува нашите национални капацитети “, рече тој, истакнувајќи практично колку е важна соработката со другите земји и со меѓународните фактори, како ЕУ, ФРОНТЕКС, ИОМ и УНХЦР.

Весна Маринковиќ, регионален офицер за врски со Западен Балкан на ФРОНТЕКС, посочи дека нов проблем создава безвизниот режим што Србија го дава за граѓаните од Иран и тој што им го дава Турција на некои африкански земји, особено на тие од МАГРЕБ. Таа го најави потпишувањето на новиот статусен договор на ФРОНТЕКС со нашата земја идната година, кој ќе овозможи дополнителни активности на оваа агенција за гранична контрола на ЕУ на наша територија и на границата кон Албанија и кон Србија.

Иако сите соговорници на расправата ја посочија соработката со ФРОНТЕКС како клучна во справувањето со бегалците, се посочија и проблеми , па и недовеба кон некои нејзини политики. Така, Стојче Чоклевски од МВР забележа дека системот за земање отисоци од прст во Македонија не е компатибилен со тој на ЕУ, и по форматот (нашиот е како на американските безбедносни служби и ИНТЕРПОЛ) и по намената, бидејќи европскиот се однесува на барателите на азил, а нашиот се применува за идентификација на мигрантите.

-ФРОНТЕКС наметнува идеја за формирање таканаречен BALKANDAC,по урнекот на EURODAC, дата база за отисоци на прсти во ЕУ. Таа мрежа е прифатена од земјите во регионот, но истата не нуди можност за наш пристап до нивната.Ова е замка за нас бидејќи тие ќе знаат кои мигранти биле регистрирани тука и ќе ни ги враќаат, а ние не ќе можеме да ги враќаме во Грција. Во ова нема зла намера но сепак видливо е дека ЕУ се однесува патерналистички место рамноправно кон ова прашање“, забележа Чоклевски од МВР.

Сандра Томовска пак посочи дека за пет години , од големата криза, сме станале експерти за справување со мигранти, но сепак некои проблеми и натаму не се надминати, како обезбедување преведувачи и жени полицајки. Беше отворено и прашањето со реадмисијата, при што беше посочено дека клучни пречки се утврдувањата на идентитетот на мигрантите, немањето или несоработката на дипломатските преставништва на нивните земји, трошоците околу нивното враќање и слично. Преставничката на ФРОНТЕКС Маринковиќ посочи дека и во ЕУ се соочуваат со истите, плус и дополнителните проблем со злоупотреба на процедурите на азил и со слобофното движење во Унијата за мигрантите, и дека едно враќање ги чини од 5.000 до дваесетина илјади евра. Таа нагласи дека ФРОНТЕКС не може да учествува во заеднички операции за враќање на мигрантите од Балканот.

Трпе Стојановски од Универзитетот за безбедносни студии во Битола ги презентираше последните податоци за состојбата со мигрантите во ЕУ споменувајќи дека имало 190.930 одбивања за влез (пораст за 4%) во 2018 година, околу 148.121 ефективни враќања од страна на државите членки (пад од 5%), 13.728 враќања координирани или организирани од FRONTEX (намалување за 3%) и 10.642 откривање на шверцери (4%).

„Во 2018 година, бројот на откриени нелегални гранични преминувања го  достигна своето најниско ниво за пет години, но притисокот од мигрантите остана релативно голем на надворешните граници на ЕУ“, рече Стојановски, цитирајќи ја статистиката на ЕУ. Според него, вкупната бројка на илегални минувања се намалила за 27% во однос на  претходната 2017 година, а дури за 92% во однос на кризната 2015 година. Во исто време, Западниот Медитеран станал најчесто користената рута во Европа, но Западен Балкан, исто така, продолжува да биде транзитиран од мигранти кои се обидуваат да стигнат во Западна Европа од Турција. Говорејќи за Северна Македонија, тој истакна дека постои расцепканост на задачите помеѓу институциите кои се занимаваат со миграција и дека сè уште има неизвесност околу обемот и структурата на миграциските текови. „Непостојаната регистрација на мигрантите приведени при илегално преминување е пречка за нивно редовно и соодветно профилирање“,  рече Стојановски, цитирајќи го извештајот на ЕУ за нашата земја. Заклучокот беше дека со помош на армијата и со обезбеденото  распоредување на гости-офицери од земјите членки на ЕУ е обезбедена ефикасна контрола на јужната граница. Но, Стојановски сепак оцени дека бројот на мигранти кои  транзитираа низ земјата во 2018 година се смета за многу поголем од официјалните бројки и изнесува околу 32.500.

Александар Нацев од Европскиот универзитет го отвори проблемот со тероризмот и како што рече фактот дека радикализирани Европејци незабележано се вратиле назад користејќи се со фиктивни патни исправи и со напливот на мигранти, а тоа им го овозможило недоволното споделување на информации меѓу земјите во Европа. Никола Мирчевски, началник на Одделението за гранична безбедност, оцени дека управувањето со границата е многу повеќе од гранична контрола и дека во тоа е потребно вклучување на сите институции, споменувајќи ја соработката дури и со Министерствата за земјоделство. Освен предностите од одлуката за кризна состојба од 2015 година, тој ги наброја и мешаните патроли на границата, воспоставените контакт центри со сите соседни земји, регионалните иницијативи и видео конференциите на редовна основа со ЕК за размена на анализи и проценки.

Марина Митревска, професорка на државниот универзитет УКИМ, предупреди дека последната изјава на германската канцеларка Ангела Меркел, дека нејзината земја ќе ја отвори вратата за еден милион висококвалификувани работници од странство, ги зголемува шансите за нов прилив на мигранти од економски причини. Таа исто така информираше дека центрите за мигранти во Турција и во Грција се пренатрупани и затоа треба да очекуваме повеќе нелегални премини во наредните месеци.

Магдалена Несторовска, како копретседател во Националната конвенција, истакна дека имињата на учесниците и големиот интерес за дебатата зборуваат дека изборот на ова прашање за дебата беше добра одлука. Таа се заблагодари на словачкиот амбасадор што помогна да се организираат овие дебати кои  влегуваат во трета година. „Една организирана држава треба во секое време да обезбедува задоволително ниво на заштита на границата од илегалната имиграција, од трговијата со луѓе и од други недозволени сретства и девијантни појави, што се случуваат доколку границата ви е порозна“, порача таа.

Милева Ѓуровска, како претседавач на Националната конвенција, потсети дека во рамките на овие сесии се работеа теми од исклучително значење за Поглавјето 24, од што се стекна солиден капитал за напредување во пристапните преговори. Националната конвенција преставува прв систематски граѓански пристап кој дејствува во актуелниот момент во пет поглавја, порача таа, додавајќи дека најновото е поглавјето за животната средина.