Средба со граѓански организации од Источното партнерство

На 16 октомври 2025, Европско движење, организираше две панел дискусии меѓу експертите од НКЕУ-МК, претставници од државните институции и претставници на граѓански организации од Грузија, Украина и Молдавија, на која се презентираше македонското евро-интеграциско искуство. Оваа средба беше иницирана од Eastern Partnership Civil Society Forum.

На првиот панел, насловен: „Националната конвенција како начин на зајакнување на улогата на граѓански организации во процесот на ЕУ интеграции“, најпрво се претстави Националната конвенција како модел, по што следеше и подетално образложување на македонската ситуација.

Прва збор зема Проф. Милева Ѓуровска, претседателка на Европско движење и национален координатор на НКЕУ-МК, ја отвори сесијата нагласувајќи ја улогата на Конвенцијата како платформа што ги поврзува институциите, академијата, граѓанското општество и бизнис секторот. Таа нагласи дека овој модел на инклузивен дијалог значително го зајакна учеството на јавноста и транспарентноста во процесот на пристапување кон ЕУ, позиционирајќи ја Северна Македонија како конструктивен партнер во рамките на регионалната соработка.

Проф. Трпе Стојановски, експерт на НКЕУ од Работната група 4 за правда, слобода и безбедност (Поглавје 24) и професор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битолa, се осврна на додадената вредност на Конвенцијата во поддршката на реформите поврзани со владеењето на правото, човековите права и безбедноста. Тој ја истакна важноста на меѓусекторските консултации во усогласувањето на националните политики со европските стандарди, особено во области како што се управувањето со миграцијата, граничната контрола и независноста на судството.

Билјана Петровска-Митревска, експерт на НКЕУ и координатор на програмата во Националната федерација на фармери, сподели искуства за улогата на организациите на граѓанското општество во промовирањето на одржливиот рурален развој и инклузивното креирање политики. Таа нагласи дека соработката меѓу институциите и граѓаните преку Конвенцијата придонесува за градење доверба и гарантира дека процесот на интеграција во ЕУ останува одговорен на потребите на различните социјални и економски групи.

Претставувајќи ја владината перспектива, Драган Тилев, државен советник во Министерството за европски прашања, истакна дека Националната конвенција ги надополнува институционалните напори преку поттикнување на политички дијалог врз основа на аргументи и експертиза. Тој се фокусираше за моменталната состојба во евроинтеграцискиот процес, давајќи преглед на ситуацијата. Тилев сподели искуство и во однос на скрининг процесот, кој е многу повеќе од само техничка задача.

Никола Јазаџиски, проектен координатор на НКЕУ-МК, го заврши панелот со завршни зборови за конвенцијата како платформа. Тој го истакна и просторот кој е достапен за промоција на работата на другите граѓански организации, кои добиваат поголема јавност.

Следеа и прашања од страна на пристутните, кои беа заинтересирани за начинот на кои се вклучени институциите, за реализацијата на препораките, но и за моменталната ситуација со ветото за продолжување на преговорите.

Вториот Панел, на тема: „НКЕУ-МК Работни Групи – Механизми за работа и придонесот за ЕУ реформската агенда во Кластер 1 – Основи“, се фокусираше на работата во Работната група 3 – Правосудство и основни права и Работната група 6 – Антикорупција.

Виктор Митевски, координатор на Работната група 6 – Антикорупција (која ги опфаќа Поглавје 5 – Јавни набавки, Поглавје 18 – Статистика и Поглавје 32 – Финансиска контрола) и директор на Здружението за истражување и анализа – ЗМАИ, ја отвори дискусијата нагласувајќи ја важноста на транспарентноста на податоците и институционалната отчетност како предуслови за ефикасно спроведување на реформите. Тој дискутираше и за соработката со институциите, и предизвиците со кој се соочуваат за обезбедување на нивно присуство. Потенцираше дека комуникацијата е клучна за градење на доверба.

Проф. Александра Деаноска-Трендафилова, координаторка на Работната група 3 – Правосудство и основни права (Поглавје 23) и професорка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопјe, ја презентираше работата во оваа Работна група, презентирајќи ги најголемите успеси на групата. Најголема дискусија се отвори околу процесот на ветинг, кој беше дискутиран на една од сесиите и каде беше заклучено дека не е потребен како таков, туку дека е потребно да се почитуваат постоечките законски решенија. Тоа е поразлично решено во Молдавија, каде се спроведува ветинг, за што беа споделени и искуствата. Тука се отвори и дискусијата за оценувањето на интегритетот на судиите, каде исто како и претходно, се презентираа нашето искуство, но и искуството во другите држави.

Васко Хаџиевски, копретседател на Работната група 1 – Земјоделство и рурален развој (Поглавје 11) и програмски службеник во We Effect Северна Македонија, истакна како НКЕУ-МК придонесува за зајакнување на дијалогот за земјоделска политика. Тој ги презентираше темите кои беа опфатени досега, потенцирајќи ги можните проблеми со кои ќе се соочат земјите од источното партнерство, каде според него, ние сме потфрлиле. Особено се фокусираше на дозволувањето за влез на големите ланци во државите, бидејќи тие многу брзо стануваат монополи.

Следеа многу прашања од страна на присутните, во однос на начинот на вклучувањето на други граѓански организации во проект со ваква структура, како и можноста за вклучување на локалните власти, при што беше образложено дека методологијата на конвенцијата може да се обликува според потребите, и истата иако слична, има разлики во секоја држава во која е активна.

На крајот беа разменети контакти и од двете страни беше потенцирана отвореноста за продлабочување на соработката и понатаму.

Корисни линкови